Фројдовската грешка на Илчо Ѓорѓиоски

27.06.2017 11:15
Фројдовската грешка на Илчо Ѓорѓиоски

Раководството на Фудбалската федерација на Македонија одвај дочека по пет години плодна соработка со претходната власт, да стане „опозиција“ на актуелната Влада и да го крене својот глас против политиката.

„Не смееме да дозволиме Суперкупот да биде поле за политички препукувања“, поентираше претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, во соопштението што го испрати по пресот на Генералниот секретар на новата Влада, а по повод недостатоците на арената „Филип Втори“, кои УЕФА бара да се отстранат за неполн месец како услов да се одржи Суперкупот меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.

Овој принципиелен став звучи како гротеска кога е оваа ФФМ во прашање. Да не беше политиката, ВМРО-ДПМНЕ и неговиот школски другар од Ѓорче Петров, Ѓорѓиоски, никогаш немаше да стане претседател на ФФМ. Toj не исполнува ниеден критериум за да биде фудбалски лидер – ниту по образование, ниту по фудбалски бекграунд, ниту по меѓународниот углед. Ниту ќе останеше во фотелјата по падот на А-тимот на 166. место на ФИФА-листата.

Но, доаѓа време кога ќе треба да се даде отчет како се трошени шест до 10 милиони евра што секоја година се слеваа(т) во касата на ФФМ по разни основи. Одговорот на прашањето – што доби македонскиот фудбал откако првиот фудбалски човек сам си додели плата од 4.000 евра (без дополнителните привилегии) – треба да го даде тој што дозволи Работнички да го игра својот натпревар од квалификациите за Лигата на Европа на теренчето на ФФМ во Ново Лисиче, а Вардар, Шкендија и Пелистер да мораат со закажување „мој термин“ да фаќаат слободно место на единствениот со УЕФА лиценца стадион „Младост“ во Струмица (покрај до 8 август забранетата за натпревари Национална арена).

Ѓорѓиоски всушност прави фројдовска грешка. Ако фудбалот воопшто почне со расчистување со политиката, првиот што треба да биде сменет е токму тој!

Извор: Слободен печат