1021 hPa
87 %
7 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 03:59
До помирување помеѓу Македонците и Бугарите ќе дојде кога ние ќе ја славиме заедничката историја, а тие ќе ја слават нашата посебност како нација. Едновремено. Сè друго за нас би било од готово да правиме (национална) вересија. Помирувањето мора да биде искрено и сеопфатно. Конечно, само така може да дојде до помирување помеѓу народи. Итрините од типот македонските историчари да си зборуваат она што го зборувале досега, а политичарите ќе го решеле проблемот политички (?) нема да поминат ниту кај едната ниту кај другата страна. Така со помирувањето со Бугарија, така и со помирувањето со Грција. Историската мисла мора да го земе врз свои плеќи делот од одговорноста. Но како?
Загрижениот и збунет македонски историчар не може да разбере дека ќе мора да се напушти една линија на размислување која произвела стотици и стотици научни дела, од 1945 па до денес. Тој не забележува дека македонската политичка и правна мисла, на почетокот од деведесеттите, мораше да се откаже од сите свои фундаментални дела, во прилог на новата политичка мисла во која марксизмот и ленинизмот станаа само едно поглавје од човековата мисла. Никој не се прашува колку ли само трудови за самоуправувањето и „здружениот труд“ со кои се стекнуваа научни звања и политички одличја завршија на буниште. Промената беше императив за да станеме дел од демократска Европа. За волја на вистината, состојбата со македонската демократија речито зборува колку навистина научниците и политичарите се откажале од старото во прилог на новото. Имено, престари да почнат да учат сè одново, а премлади да прогласат крај на своите научни и други кариери, поголемиот дел од професорите и научниците, лути на она што им го приреди животот, соема формално и со многу цинизам се определија за демократијата и за нејзината правна и политичка мисла. И да биде неволјата поголема, овие циници најдоа свои апостоли и кај делови од новата генерација мерачи на јавното мислење, тие лукративни платени демократи. Сега, сите заедно се сликаат со Прибе.
Конечно и македонската историска мисла е извадена на чистина. Што е погрешно во нивната интерпретација и од каде да се почне? Не успеав да најдам пишани зборови од таа полемика помеѓу мојот татко Владо Малески и еден македонски историчар и академик, од првите децении од создавањето на македонската држава и модерната македонска нација, но се сеќавам на неговиот коментар дека недозволена е постапката на академикот, пишувајќи ја нашата историја, да го избрише зборот Бугарин и да го замени со зборот Македонец. Од историчарите се очекува да сторат повеќе, заклучи тој. Особено денес кога историчарите не се бранители на националната кауза, туку трагачи по вистината.
Вистината! Во обемната студија за средновековниот Балкан на еден американски научник, која ја читав едно лето некаде во осумдесеттите, овде во Езерски лозја крај Струга, авторот одлучно застана во одбрана на објективната историска вистина за постоење на македонската нација и држава. Но, едновремено, тој ја смести во групата нации кои немаат свои корени во средниот век. Од јужнословенските, покрај македонската тој ја спомна и словенечката нација која не може да се повика на своја средновековна држава. Голема работа! Не гледам дека им е лошо во НАТО и во ЕУ. А ние? Сега, во потрага по објективната историска вистина, треба да го минеме патот назад од Александар Велики, царот на Елените, преку Самоил, царот на Бугарите, до почетоците на создавањето на нашата млада и храбра нација и држава: Мисирков, НОБ и АСНОМ. Ете, така ќе се помириме со соседите.
Извор: Плусинфо
Сликa: Alessandro Sicioldr