1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Знам дека многумина, вклучувајќи ме и мене, се надеваа (иако не преоптимистички!) дека злосторствата веднаш ќе сопрат односно дека злосторниците преку ноќ ќе ги стигне прстот на правдата. Или дека барем ќе замолчат, засрамени. Тоа, се разбира, не функционира баш така. А дури и да може(ше) нешто такво да се случи, знае(в)ме дека злосторничкото здружение има оставено премногу пипци во државава, премногу јатаци и платеници по сите вертикали и хоризонтали кои ќе ја продолжат перфидната игра на сега (квази)стручни настапи во полза на некогашните газди. Преку формата на демократско право на изразување на мислење – право коешто, до вчера, нам никој не ни го даваше – тие (ќе) агитираат во полза на нашата штета, подготвени се на секакви „операции“ зашто, веројатно, влечат уште многу опашки од стариот систем кои треба да се (от)платат! Последното од таа низа недвојбено е „стручното“ самобербатење на професорот на Архитектонскиот факултет Минас Бакалчев, а во полза на монструозната фашизоидна појава наречена „Скопје 2014“. И иако „професорот“ констатира дека Скопје 2014 „не е архитектонска појава“, дека „не видовме архитектонско урбанистички проект“, туку дека тој „попрво се состоеше од низа поединечни зафати кои се впишуваа во сукцесивните парцијални промени на деталните планови на централното подрачје“ – што, патем, е сосема блага, да не речам смешна/аматерска експликација на проблемот – „професорот“ сепак не се двоуми да се впушти токму во „стручна“ одбрана на неговите последни денови констатирајќи дека „тој донесе една специфичност на Скопје, наративност, комуникативност, еден вид ’популизам’, патетичност помешана со панаѓур“ (sic!)! И популизмот е, нормално, во наводници! Ама сепак, според него, „постојат повеќе причини зошто треба да се заштити Скопје 2014“. Разбирате? Не, нормално, можеби и тој не разбира, ама мора тоа да го одработи.
И јас не сакам да навлегувам во деталите на ова стручно/професионално сепуку, особено не во неговите наводни објаснувања за некаква „спирала на континуирано себепоништување“, или за методот со којшто се „поништува сè што е друго“ и слични „философски“ демагогии милозвучни за ушите на довчерашните властелини. Во таа насока можам најтопло да ја препорачам вдахновената кратка анализа на овој испрдок од страна на Бранко Тричковски, а не можам да дочекам како на оваа тема ќе го исшамара и Мирослав Грчев.
Инаку, заради чистотата на својот ум и грижата (конечно) за секојдневното добро расположение, некако почнав да одбегнувам вакви просерувања на македонската „интелигенција“. Особено од божемно научна архитектонска провениенција! Зашто таа фела, особено будалава, имаше цели единаесет години да каже што и како мисли не само за Скопје 2014, туку за сè што ги тангира граѓаните (особено) на главниот град. Со чесни исклучоци, ептен малубројни, сите – соработуваа. Или молчеа, што му доаѓа на исто. Дури молчеа и кога нивни колеги од димензиите на оној Хаџи Пуља изигруваа стручњаци за визеулни уметности и ни го посра градот со оние „скулптури“ на кои што, за среќа, сега веќе ни трагот не им се знае. Молчеа и кога им ги тепаа студентите на плоштад, молчеа и кога го преоблекуваа Муличковски и сите други авторски дела на нивни колеги низ централното градско подрачје. И еве, сè уште тоа го прават – без срам, без трунка морал, најбезобразно. Иако во едно време говореле, особено будалава, за истиов контекст како за „најновиот вулгарен материјализам или историцизам во просторот“, а за некои објекти, на пример за ГТЦ, како за „нов теоретски просторен концепт“, ама сега за истиот нема уста да отворат, уште помалку збор ќе кажат за срамот што македонската архитектура и уметност ги доживуваше во изминатава деценија, туку ќе измислуваат оправдувања од типот на „уникатност“ или „биографија на градот“ (како да претходната уникатност и биографија не беа самоволно поништени!), за некаква „ретроактивна логика“ (која што во стартот не ја почитувала претходната ретроактивна логика) итн. Секој нормален ќе праша – зошто? Е тоа е ултимативното неодговорено прашање на македонското совремие: зошто македонската интелигенција (дури и кога станува збор за ваква на дело манифестирана неинтелигенција) не го отстранува по брза постапка таквото канцерозно ткиво; зошто дозволува да ѝ се валка образот од такви типови, без оглед на професионалната припадност; и каде, во крајна линија, завршува демократското право на став а почнува јавната морална одговорност односно, во случајов, типично клиентелистичко-бакалскиот образец на срамно поведение?
А сепак, сето ова не е ни „површно“ (Linea West), уште помалку наивно. Ја спомнувам Линеа Вест, а можам барем уште десетина сериозни експерти за уметност и архитектура кои поминале низ Скопје и кажале што имале за овој квазибуржоаски (или антиквизаторски, како сакате) билборд наречен Скопје 2014. Но, ни тоа на нашиве саможиви тутурутки ништо не им значи. Затоа и велам дека ова веќе не е ни наивно, зашто активистички цврсто гази по дпмнеовската линија „ние против целиот свет“, што и не мора сериозно да нè загрижува кога будалава би работела како дисперзиран машиновозач на тринаесетти коловоз. Ама кога на некој таков општеството му доверило сериозна воспитно-образовна должност на реномиран факултет, тогаш имате право и да се запрашате за компетентноста на овој тип луѓе да се бават со пренесување вакви „знаења“ на студенти кои треба да се здобијат со современи широки погледи и познавања, а не со провинциски испрдоци во обликот на партиски памфлети!
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња