Сексуалниот живот на јапонските самураи

28.06.2017 01:37
Сексуалниот живот на јапонските самураи

Се сеќавате на популарната сцена од филмот The Last Samurai каде Кен Ватанабе и Том Круз водат љубов? Не? Ако приказната беше врз основа на историската реалност тоа секако ќе можевме да го видиме.

Јапонија од старата ера ги охрабрувала и поттикнувала машката хомосексуалност и бисексуалноста. Тоа е интересно, зашто луѓето од ЛГБТИК популацијата денес трпат огромен притисок да не бидат тоа што се. Изненадувачки е што идеализацијата на хомосексуалноста во Јапонија од тоа време повеќе била правило отколку исклучок.

За да може сосема да се разбере ваквото поимање на сексуалноста неопходно е да се вратиме на самиот почеток, во времето кога боговите ја создавале Јапонија.

Сексот и создавањето на Јапонија

Првата јапонска религија, шинтоизмот, се појавила илјада години пред Христос. Првите религиски текстови, Којики и Никон Шоки (хроники од Јапонија) се напишани 712 и 720 година. Се занимаваат со создавањето на Јапонија, во митолошка и религиска смисла, а Никон Шоки бележи и нешто од претходната историја на Јапонија.

Ниеден од овие текстови не се занимава со хомосексуалноста, освен можеби оној што зборува дека првите генерации божји луѓе се состоеле само од мажи, па прокреацијата веројатно претставувала сериозен логистички предизвик.

Едно од главните прашања е и дали шинтоизмот го посматра сексот како извор на зло или, пак, добро. Дел од одговорот на ова прашање може да се пронајде во Којики текстовите:

Во тој момент Изанаги-но-Микото ја прашал својата сопруга Изанами-но-Микото: „Како е создадено твоето тело?“

„Моето тело, кое е формирано, има еден дел што не е довршен, отвор“, му одговорила.

Потоа, Изанаги-но-Микото рекол: „Моето тело, кое е формирано, има еден дел што се истакнува. Би сакал тој дел да го спојам со твоето тело, зашто така ќе се роди земјата. Како би изгледало тоа?“

„Би било добро“, одговорила Изанами-но-Микото.

Важно е што во шинтоистичкото креационистичко предание сексот му претходел на создавањето на светот. Во јудео-христијанските религии спознавањето на сексот и забраната одат рака под рака. Секоја асоцијација на сексот во Библијата е проследена со претстави за казна и срам.

Иако, тука не се расправа која религија е во право, или која е подобра, важен е контекстот. Како што христијанството влијаело на западот, така шинтоизмот ги создал темелите на верскиот систем во Јапонија.

Иако, шинтоизмот позитивно се однесувал спрема сексот, постоел концепт за сексуално „валкање“, кој не е ист со христијанското поимање на гревот. Додека машко-женските односи се сметале за неопходни за да се продолжи она што било создадено, не се осудувале истополовите односи.

Ваквиот однос спрема сексот, и идејата дека секоја сексуална љубов е суштински добра, го поставил темелот за следната голема религија во Јапонија: будизмот.

Запознавањето со будизмот

Јапонија го запознала будизмот во VII век, илјада години по појавата на шинтоизмот.

Традиционалниот секс значително поинаку го гледал сексот од шинтоизмот. Во будизмот сексот е поврзан со желбата, а желбата е нешто што верниците би морале да го надминат. Со победување на желбата ќе дојде до просветлување и до излегување од вечниот круг на раѓањето и смртта.

Будистичките свештеници биле задолжени да живеат во целибат. Секако, целибатот вклучува воздржување од какви било сексуални практики. Сепак, постоела разлика заради која хетеросексуалниот чин би бил поголем престап, зашто изворниот будизам жените ги сметал за зло според природата. Хомосексуалниот акт се третирал само како моментално губење контрола.

Тука повторно можеме да ја забележиме разликата во однос на јудео-христијанските практики, каде сè е сосема обратно. Христијанските свештеници не смееле да учествуваат во хетеросексуален секс, но на тоа се гледало само како на престап, додека истополовите односи се сметале за злосторство кое можело да доведе и до смртна казна. Во будизмот на ваквите односи повеќе се гледало во духот на она „еј, им се случува и на најдобрите од нас“: само најсветите и најдисциплинираните будистички свештеници можеле да ја надминат сексуалната желба и да ја почитуваат заповедта на Буда дека теба да се воздржуваат од секакви сексуални односи. Но, се верувало дека ако некој не е способен да се воздржи во овој живот, не значи дека нема да успее во следниот. Сепак, влегувањето во нирвана не е краткорочна понуда, како што е случајот со пристигнувањето во рајот.

Сепак, тука се рабоди само за јапонскиот будизам. Некои индиски и кинески секти имале многу порадикални идеи за природата на сексот и хомосексуалните односи, но биле доволно далеку за да не влијаат на начинот на размислување во Јапонија.

Тоа не значи дека немало правила во врска со сексуалното однесување кај будистичките верници во Јапонија, но биле благи, а содржани се во реченицата: „Прифаќам да не тргнам по погрешен пат и да му се препуштам на сексуалното уживање“. Тука, повторно, за разлика од христијанството, будистичките текстови не се занимаваат детално со темата, па не одат во детали за да се обидат да објаснат што е добро, а што лошо. Единствено е важно да се направи разлика помеѓу делот кој ќе доведе до каење, а кое со самото тоа е лошо, и она кое ќе доведе до веселба и уживање и кое заради тоа е добро.

На јапонскиот будизам му бил потребен век или два за да почне да развива сопствен сексуален идентитет. Така, Тачикава-риу гранката на шингон будизмот – подоцна позната како главен сексуален култ во Јапонија – во своето практикување на верата ја вклучувала и идејата дека губењето на идентитетот во сексуалниот чин може да доведе до будење на духот. Така, сексот бил помошно средство за приближување до просветлувањето. За Тачикава-риу будистите сексот не станал само религиски симбол, туку на него се гледало и како на добро кое постои независно од прокреацијата. Тоа било важно, зашто ако вашата религија не се грижи дали она што го правите создава бебиња, тогаш секако нема да се грижи ни за тоа во какви сексуални односи се впуштате.

Во тоа време сексуалните активности на будистичките свештеници не биле никаква тајна, дури биле и јавни. Јапонците не се грижеле многу за тоа, но посетителите од западот тоа мошне ги вознемирувало:

Отецот Франсис Кабрал во своето писмо од 1596 година забележал дека „искушенијата на месото“ и „ѕверските навики“ во Јапонија се сметале за чесни. Татковците ги испраќаат своите синови за да се обучуваат за такви нешта, и така да му служат на својот копнеж. Еден друг језуит забележал дека „ова зло“ е толку јавно што веќе не пречи никому.

Самурајските практики

До XII век самураите станале владејачка класа во Јапонија. Нивниот број од 6 000, колку што биле во 1200 година, се искачил на неколку стотици илјади за само неколку векови. Наншоку (хомосексуалната) традиција ја прифатиле од две причини:

1. Заради будистичкото образование: самурајските синови стекнувале образование во будистичките манастири. Не било необично штитениците да стапат во сексуални односи со постар свештеник, па романтичната љубов меѓу мажите била сметана за нормална, дури пожелна, преку неколку генерации самураи.

2. Заради бројниот однос помеѓу мажите и жените: самураите поминувале поголем дел од времето во простори зафатени од војна, главно опкружени само со мажи. Дури и кога настапил мир по 1600 година, од самураите се барало да ги напуштат родните куќи и да живеат во утврдени градови за да спречат бунтови. Секако, во тие градови повторно имало многу повеќе мажи отколку жени. Саикаку Ихара напишал: „Едо беше град на неженетите, нешто како манастирот Мт. Која.“ Со што имплицитно назначил дека во овој град цветала геј културата.

Како што самураите го ширеле своето влијание, така Наншоку традицијата од манастирите ја донеле во своите градови. Во нивната верзија за хомосексуалноста, вакашудо, помладите мажи учеле од постарите. Постарите мажи ги подучувале боречки и животни вештини, а ако младите се сложеле, ги подучувале и сексуални вештини. Таквиот однос се регулирал со „братски договор“, бил моногамен, а забележани се бројни драми заради неверства.

Ваквата врска требало да ги облагороди љубовниците, а заедно ги извршувале феудалните должности, па и оние осветничките, како двобојот. Иако, се очекувало сексуалните односи да престанат кога помладиот љубовник ќе достигне зрелост, се сметало за пожелно врската да прерасне во доживотно пријателство.

Слики: Aya Francisco

Извор: https://www.tofugu.com

ОкоБоли главаВицФото