Жената се помирува со своето грешно срце

28.06.2017 11:44

Не беше тоа поради твојот осакатен ритам
што не можев да ти простам, или поради
твојата темноцрвена глава на мршојад

туку поради нештата што ги криеше:
петте збора и мојот загубен
златен прстен, фината сина шолја
за која рече дека е скршена,
она купче лица, сиви
и збрчкани за кои тврдеше дека
обајцата сме ги заборавиле,
другите срца што си ги изело,
и сето она отфрлена време што си го криело
од мене, велејќи дека никогаш не се случило.

Тоа беше тоа, но и начинот
на кој одбегнуваше да те фатам,
итра искубана птицо, дебел мршојаду
што пее крештава испрекината песна
со канџи и алчно око
притаено високо на небото од стопениот
залез, под левата страна од мојот градник,
за да потскокнуваш пред непознати.

Колкупати сум ти рекла:
Зоолошката е цивилизиран свет,
а не џунглата, остани во кафезот.
А потоа крици од крв,
бес што трае додека се нафрлаш
врз моите ребра.

Што се однесува до мене, ќе те задавев
со задоволство со обете раце,
ќе те стегнев силно, ќе ги скротев
твоите скокови од радост.
Животот тече помазно без срце,
без тој загадочен симбол,
тој подуен лав, страчка, стрвинар
орел, скорпион со метални трикови
на омраза, таа вулгарна музика,
тој орган со големина и боја
на препечен стаорец,
тој подгорен феникс.

Но ти ме туркаше довде,
стара пумпо, па така закачени сме
заедно како заговорници, што всушност
и сме, без доверба еден во друг.
Знаеме дека, без исклучок,
еден од нас конечно
ќе го предаде другиот, а кога тоа ќе се случи,
мене ми следи урната, тебе теглата.
Дотогаш, сал несигурно примирје
и чест како меѓу двајца злочинци.

Превод: Зоран Анчевски

 

ОкоБоли главаВицФото