ГЛАСОВИ (2)

28.06.2017 12:15
ГЛАСОВИ (2)

Антонио Поркиа (1885-1968) е роден во Конфлета (Италија). Во 1902 емигрирал во Аргентина, каде што некое време работел разни, лошо платени работи. Заедно со братот во 1918 купиле помала печатница која му овозможувала заработка за пристоен живот. Во 1936-та го напушта печатарскиот живот и сосема му се посветува на одгледувањето ружи.

Гласови се единственото дело кое го напишал и објавил.

И денес претставува вистинска мистерија тоа јадровито и жанровски неодредено дело (со елементи на хаику, на афоризми, на мисли и фрагменти...) кое исклучително го ценеле Бретон, Борхес, Хенри Милер... Иако Поркиа оставал слика на „самотник и луд човек“ (Борхес) неговите Гласов се како соголен исечок од нашите животи, претставувајќи ја универзалната димензија на човечката егзистенција.

Во неколку продолженија на Окно ќе го претставиме делото на Поркиа.

 

ГЛАСОВИ

Среде бел ден не сме ни сенка.

 

Каде што нема да се покаже ништо добро, ноќта е нешто добро.

 

Со некои личности мојата тишина е потполна: внатрешната и надворешната.

 

Болката е горе, не долу. А сите веруваат дека болката е долу. И сите сакаат да се качат.

 

Понекогаш ноќе палам светло за да не гледам.

 

Од злото не излегува она што е во него, оти се плаши да не се сретне со злото.

 

Никој не разбира дека си дал сè. Мораш да дадеш повеќе.

 

Кој не знае да верува, не треба да знае.

 

Ретки стигаат до никаде, оти долг е патот.

 

Иако нема ништо, секогаш веруваме дека има нешто таму каде што нешто сме оставиле.

Кога би можел да оставам сè како што е, да не се помрдне ниедна ѕвезда, ниеден облак. Ех, кога би можел!

 

Човек, кога знае дека е смешен, не се смее.

 

На мојата тишина ѝ недостасува само мојот глас.

 

Ме здогледуваш кога ќе ме допреш; кога не треба да ме видиш.

 

Кој сака да те рани, ја бара твојата рана за да те рани во твојата рана.

 

Пустината може да биде таму каде што е светлината, а не каде што е ноќта.

 

Моите вистини кратко траат во мене; пократко од туѓите.

 

Детето ја покажува својата играчка; возрасните ја кријат.

 

Некои работи стануваат толку наши што ги забораваме.

 

Те сакам каков што си, но не кажувај ми каков си.

Постојат сништа на кои им треба одмор.

 

Признанието на еден ги понижува сите.

 

Твојот бол е толку голем што не би требало да те боли.

 

Да, ќе заминам. Порадо ќе жалам поради твоето отсуство, отколку поради тебе.

 

Кога ме направи друг, те оставив со мене.

 

Знам што ти дадов. Не знам што си примил.

 

Твојата драма е, кога ќе го добие изгледот на твоите усни, најслатката насмевка на твоите усни.

 

Убавата работа е две работи: убаво и работа. А две работи никогаш не се јавуваат заедно.

 

Сенки: едните се сокриваат, другите откриваат.

Врзан си за нив, но не разбираш како, оти тие не се врзани за тебе.

 

Да, тоа е добро ‒ да се прости злото. Не постои друго добро.

 

Кога се гаснат твоите очи, и јас ја гледам сенката.

 

Тажен си оти те напуштија, а не си паднал.

 

Кога си повеќе како човек, дали си човек?

 

Те плаши празнината, а уште пошироко ги отвораш очите!

 

Кога не се сака невозможното, тогаш не се сака.

 

Сè е по малку темница, дури и самата светлина.

 

Да, се грижам за себе, но сум заборавил што значи да се грижиш за мене.

 

Човек, кога не е машина, не функционира добро.

 

Убеди ме, но без убедувања. Убедувањата веќе не можат да ме убедат.

Некои работи, за да ми го покажат своето отсуство, станале мои.

 

Таму каде што гледаат моите очи, се наоѓаат моите очи што гледаат.

 

Колку повеќе ги разбирам различностите, тие стануваат помалку различни. Дали различноста е само недоразбирање?

 

Денес не би можел да се навикнам на тоа што ќе биде утре ‒ утре ќе можам.

 

Да не ги користиш маните, не значи да ги немаш.

 

Кој во своето добро бара поголемо добро, го губи своето добро.

 

Немаш ништо, а би ми го дал светот. Ти должам свет.

 

Даваме име, а после не знаеме кое име да му го дадеме на името.

 

Длабочината, гледана од длабочина, е површна.

 

Човек живее мерејќи, а не е мера за ништо ‒ ни за самиот себе.

 

Да, и мене ме боли каменот. Но каменот ме боли само тогаш кога само камен постои, а тогаш не би требало ништо да ме боли.

 

За да не мамам, не ми е доста да не мамам.

Моето достоинство бара од оној којшто не ми правел зло да не ми прави зло; а од оној кој ми прави зло, не бара ништо.

 

Вистината, кога е вистина на малите, речиси е целата вистина; а кога е вистина на големите, речиси е целата сомнеж.

 

Три или четири навики во мене можат повеќе од сите бесконечности.

 

Понекогаш сонувам дека сум буден. Така го сонувам сонот на мојот сон.

 

На својот пат низ оваа џунгла од броеви кои се викаат свет, носам една нула како батериска ламба.

 

Сè: големо кај малите. Ништо: големо кај големите.

 

Сè што загубив го наоѓам на секој чекор за да ме потсети на она што го загубив.

 

Сакав да го постигнам вистинското одејќи по исправни патеки. И така почнав да живеам погрешно.

 

Од кога само јас знам што ми се случува, ништо не ми се случува.

 

Човек би сакал да биде Бог, ама без крстот.

 

Ти се открива она што ти го откриваш за себе, а не она што другите откриваат за тебе.

 

После толку бегање од направените работи, и самиот станав една направена работа. И сеуште бегам од направените работи.

 

Толкав универзум, толкав универзум за да функционира мозокот, мојот кутар мозок.

Избор и превод: П. В.
Слики: Matt Duffin

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото