Односите на граница на добрососедство

29.06.2017 10:53
Односите на граница на добрососедство

Едно чудо Македонци по професија; тврдокорни, слабоумни и слични патриоти; самонаречени, но и експерти со тапија се вознемирија од напорите на Владата да воспостави добри односи со соседите. Тие не се загрижени за иднината на државата, туку се исплашени од опасноста еден ден да избие мир и разбирање меѓу земјите во балканското буре барут – како одеднаш невозможното да стана реално изводливо! – и со тоа да исчезне потребата од нив. Од нивното толкување на историјата, од нивната одбрана на името, идентитетот, автохтоноста, корените, од нивниот политички ангажман по договор за (зло)дело, накратко – да се изгуби смислата на нивното постоење. Дотогаш, се разбира, тие ќе го критикуваат постоечкото, но ќе направат сè што е во нивна моќ ништо да не се промени.

Изјавата: „Јас сум поборник за тоа историската наука да се остави на историчарите. Историчарите нека разговараат на овие теми со научни факти, да не дозволиме да се инструментализира историјата за политички цели, како што се случува во моментов“, го претставува Никола Жежов како историчар. Но, одамна се случува тој да настапува или како политичар или во одбрана на политиките на денешната опозиција. И со изјави од типот: „Според бугарската историографија, спорни теми од нашата историја им се средновековието, Самоиловата држава, Илинденското востание. Навлегувајќи во таква стапица самите ќе си ја пресечеме гранката на која седиме“, „со промена на учебниците по историја ќе се случи домино ефект, а ваквата промена веројатно би имплицирала и промена на името на Република Македонија“ и слични на нив, најбрутално ја инструментализира историјата за политички цели. Не само во моментов, туку цело време откако стапи на власт екипата на Никола Груевски.

Извор: Слободен печат
Сликa: Свирачиња