Значењето на македонските повоени композитори

29.06.2017 12:19
Значењето на македонските повоени композитори

Од 1944 до 1991 година е направено сè во областа на македонската класична музика. По Втората светска војна, првите пет генерации на композитори активистички работеле на издигнување на музичкиот живот во НР Македонија, во ослободената татковина. Првата, и едно од најважната генерација на композитори ја сочинувале група од седум композитори: Јосиф Чешмеџиев (1890 – 1964), Стефан Гајдов (1905- 1992), Тодор Скаловски (1909- 2004), Трајко Прокопиев (1909 – 1979), Живко Фирфов (1906- 1984), Петре Богданов – Кочко (1913 – 1988) и Глигор Смокварски (1914 – 1974).

Вредноста е во тоа што овие седум композитори деноноќно работеле на издигнување на македонската музика за да се надополни сето време што било испуштено, и на воведување на квалитетниот прозападен елемент во хармонизирањето на македонскиот музички фолкор. Ова се иницијаторите на првиот Симфониски оркестар во Македонија, формиран на 24 ноември, 1944 година. Тоа се првите чекори за формирањето на Македонската филхармонија и Операта. Во оваа група композитори ја гледаме традицијата на тоа што денес како самостојна држава го имаме и по што Скопје не се разликува од останатите метрополи и главни градови во Европа, а тоа е дека имаме филхармонија и опера. Во 1954 година е напишана првата македонска опера „Гоце“ на Кирил Македонски. Да потсетиме дека во 1945 година бил основан хорот на Радио Скопје под диригентство на Стефан Гајдов. Формирани се првите основни и средни музички училишта. На 1 декември 1966 година започнува да работи Високата музичка школа, денес веќе Факултет за музичка уметност во Скопје. Во 1950 година е формиран институтот за фолклор „Марко Цепенков“ каде се собирале, мелографирале и обработувале музичко-фолклорни матерјали од сите краишта на Македонија. Во 1975 година се формира Медиевистичка секција „Владимир Мошин“ во рамките на Струшка музичка есен, која работи на дешифрирање и изведба на дела од музичкото духовно минато. Изведена е Златоустовата литургија на Атанас Бадев, воедно и песнопенија од Св. Климент Охридски, Св. Јован Кукузел, Калистрат Зографски и др. под дешифрација на Сотир Голабовски. Се отвораат музички фестивали (Охридско лето, Мајски оперски вечери, Тетовски хорски одѕиви и фестивалите на забавната мелодија во Скопје и Штип) кои до ден денес го носат најголемиот квалитет во самостојна Македонија.

Македонската химна која остана лична карта на Македонија, според текст на Владо Малевски, е компонирана од Тодор Скаловски. Тоа е еден историски факт за борбата за слободна татковина. За прв пат химната се пее во Струга, на новата година 1941/1942 година во куќата на Сотир Шута. Во изведбата учествувале активисти од НОБ. По Втората светска војна, таа е средена со аранжман на Тодор Скаловски и со неколку измени во текстот е прогласена за химна на Македонија во времето на Југославија, а се разбира, таа е химна и денес во самостојна Македонија.

Во една објава во тогашниот весник „Нова Македонија“, на 19.01.1947 година се појавува наслов „ДЕНЕС МАКЕДОНСКИТЕ МУЗИЧАРИ ОСНОВУАТ СВОЕ ДРУШТВО“. На тој ден во 9 часот во просториите на Радио Скопје се одржало основачко собрание на Друштвото на продуктивните и репродуктивните музичари на Македонија. Покрај поздравите, на крајот е избрана управата на Друштвото во следниот состав: Петре Богданов – Кочко како претседател, Тодор Скаловски како потпретседател и Славко Костовски како секретар, Васил Ќортошев како Касиер, Живко Фирфов, Драган Ѓаконовски – Шпато и Александар Шалевски како членови. За прв пат во Македонската историја, македонските музичари се обединиле со заеднички сили и со успех допринеле многу за тогашниот општествен живот. Во 1949 година Министерството за наука и култура на Владата на ФНРЈ со дописот бр.III/1196 од 25 мај истата година да ги известува републичките здруженија да се формираат два сојуза: за композиторите и за репродуктивните музички уметници. Сето ова се одвивало толку бргу што веќе на 12 и 13 февруари 1950 година во Белград е одржан конгрес на Сојуз на композитори на Југославија, а на 22 април истата година во Загреб е формиран Созјуз на здруженијата на музичките уметници на Југославија. Сето ова го увидело тогашното Министерство за култура и наука на владата на ФНРЈ, дека е неопходно да има поголема размена помеѓу републиките и така тие да се поврзат меѓусебно. Така се формира првото Друштво на композитори и Друштво на уметници на Македонија и на 19 јуни 1950 година се одржа првото основачко собрание на друштвото на композитори на Македонија. Тоа се, секако, Тодор Скаловски, Стефан Гајдов и Глигор Смокварски. Договорени се осум точки како задачи на кои ќе се работи, со ентузијастички подвизи за развивање на македонското музичко творештво во однос на социјалистичката култура на нашиот народ во тоа време, сè до поддршката и помагањето на младите и идни генерации композитори. Врз основа на тие правила Министерството за внатрешни работи на НР Македонија од 11 јуни, во 1951 година го одоборува формирањето на работата на друштвото на композитори на Македонија. Ова се историски факти чии докази се пишани во „СОКОМ“ и општо во историјата на македонската музика. Ова се композиторите кои ја создадоа музичката историја за неполн век. Времето на поранешната Југославија за која не сакаме да зборуваме. Одредена група млади луѓе зборува за тоа каков бил тоталитарниот режим во социјализмот, а друга група млади заблудени од некаков квази-национализам не ни знае кој ја направил македонската химна и сè друго што се случило пред осамостојувањето на Р. Македонија.

Црковното влијание било единственото тло врз кое продолжило да биде основа на македонското музичко творешто во текот на Османлискиот период, по падот на Византија. Речиси воопшто се немало никаков контакт со македонските уметници од тој период, a многу малку историски факти. После тоа, во 19-от век се случила задоцнетата ренесанса на македонската музика. Тоа била музичка преродба до поделбата на Македонија во 1913 година, каде потоа музичкиот живот бил подложен на асимилација, како и македонскиот народ, „сардисан“ од сите страни. Во овој период можеме да се пофалиме со одредени композитори кои генерално пишувале духовна музика и се препознатливи во Црковниот духовен музички свет. Тоа се претежно монаси и протопсалти. Секоја чест за нивното творештво, но тоа не дава голема плодност во однос на плодноста што се случила од 1944 година до 1991 година, па и денес. Неоспорно е дека Југославија беше „атеистичка“ земја, како што многумина ја нарекуваат, но на никого не му беше забрането да компонира и пишува Духовна православна музика. Напротив, ние можеме да се пофалиме дека покрај развивањето на апсолутната и програмската музика, хорскиот живот стана побогат. Се пишуваа многу дела за хорови со духовен карактер, особено во првата генерација повоени композитори. Денес во самостојна Р. Македонија, младите луѓе кои веруваат во новото глобално време треба да научат и да знаат со што се соочувала македонската музика во минатиот век и каде е најголемата преродба на македонската класична музика во Македонија. Значењето на работата на тогашните композитори го донесува напредокот кој за жал ние го отфрламе преку системот на образованието и преку промените кои ги трпи Македонија денес. Го згазивме нивниот труд, наместо да го надградиме. Дали со „комуњари“ (зборот измислен од неписмените фрустрирани „интелекти“ во Македонија, појавени во јавниот живот после осамостојувањето) да ги ословуваме сите овие културни дејци кои ја издигнаа културата во Македонија? Младите луѓе, кои денес се занимаваат со музичката дејност во Македонија, треба да знаат дека овие композитори и нивни дела треба да ги негуваме со почит и да учиме од нивната борба како е да се биде вистински активист во каков било вид преродбеност во уметноста.

Академски граѓанин, М–р

Извор: antropol.mk

ОкоБоли главаВицФото