Справување со „СК014“, ама не со „Миле ми текна“ менталитет!

29.06.2017 18:15
Справување со „СК014“, ама не со „Миле ми текна“ менталитет!

Што да се прави со „Скопје 2014“ е една од поактуелните теми за муабет и за дебата по долгоочекуваната промена на власта. Секако ќе мора да се одлучи како ќе се постапува со најголемиот симбол на вмровското зло, корупција и криминал.

Некои од нас мислат дека голем дел ќе мора да се сруши, некои дека треба да се остави како архитектонско наследство, некои дека треба да се пренамени, некои дека треба да се игнорира зашто приоритетите се други, а некои претпочитаат комбинација од претходно наведеното.

Спонтаната дебата на социјалните мрежи и портали е задушена од безброј различни мислења. Како ќе одлучиме кое е вистинското? Лесно. Како што треба да се донесува и секоја друга голема одлука во функционална, демократска и правна држава. Со експертска проценка, стручни мислења, транспарентни процеси, јавни дебати и широконародно учество.

Ниту еден од нас не треба и не смее да смета дека може самиот да одлучи што точно ќе се прави со „Скопје 2014“. Вмровскиот “Миле ми текна” менталитет мора да се искорени од нашето општество ако сакаме да изградиме подобра и поинаква иднина.

11 години илјадници градски интервенции, илјадници закони и промени на закони, буџетски одлуки и државни стратегии се донесуваа врз основа на лични хирови на диктаторот и неговиот близок круг. Експертите, професионалците и граѓанското општество беа со години толку маргинализирани и исклучувани од овие процеси што заборавивме како се донесуваат стручни и демократски одлуки.

Што ќе се прави со „Скопје 2014“ не е одлука што треба да се донесе по фејсбук дискусии и кафеански муабети. Сите дебати што ги водиме и стручните мислења што ги искажуваме се легитимни и треба да бидат дел од процесот. Но не смеат да бидат единствената основа за оваа крупна одлука.

Да, овојпат широката јавност ќе мора да биде темелно информирана и активно вклучена во процесот на одлучување за иднината на главниот град. Но не - ова не значи дека сите сме експерти и вака од око знаеме што треба да се сруши, што да се пренамени, а што премести. ВМРО од корен го уништи процесот на експертско донесување одлуки, направи фарса од сите закони и од сите професии. Драгиот лидер беше предолго главен државен правник, лекар и архитект. Доста беше. Треба да ја вратиме државата на вистински пат, да ги ревидираме или воспоставиме потребните законски процедури, и да почнеме да носиме одлуки врз основа на студии, елаборати и анализи, стручни мислења и дискусии.

И, да, широката јавност треба да биде вклучена во процесот, за секој граѓанин да може да го искаже своето мислење. Но овојпат тоа мислење треба да биде засновано врз транспарентни и сеопфатни информации, факти, бројки и наоди.

Затоа процесот на справување со „Скопје 2014“ не треба да отпочне со донесување неинформирани одлуки, туку со подготвување на сите неопходни информации со помош на кои ќе може да се донесат вистински информираните одлуки.

Овој процес треба да ги опфати следниве фази:

1. Архитектите и урбанистите, заедно со правниците да спроведат истражувања со кои ќе се одговори на основното прашање: што всушност е „Скопје 2014“, и, кој е законскиот и просторниот опсег на овој никогаш легално дефиниран „проект“.

2. Архитектите и урбанистите да изработат анализи на архитектонскиот квалитет, начинот на користење и можностите за иден развој на секоја поединечна зграда или јавен простор; како се користат сега зградите, дали ја извршуваат добро својата функција, дали имаат потенцијал за пренамена или надградба, дали ги задоволуваат сите архитектонски стандарди за квалитет - од безбедносни излези, до пристапи за лица со попреченост во движењето, па до поединечни стандарди кои се однесуваат на различни функции (музеи, архиви итн.). Да се одржат јавни дискусии каде стручно ќе се дискутираат архитектонските, просторните и градските вредности на проектот, и можните сценарија за неговиот архитектонско-урбанистички третман.

3. Економистите и градежниците да направат темелна економска анализа на досегашните трошоци за градење и одржување на проектот, и на можните идни трошоци со сите сценарија - одржување на сите згради, пренамена, делумно рушење или рушење.

4. Историчарите на уметност да ги дискутираат уметничките аспекти на „проектот“ во целост, како и на бројните скулптури и урбана опрема, и да се произнесат за нивната вредност и културно значење за градскиот простор.

5. Сеизмолозите да изработат проценка за безбедноста на објектите, особено покрај речното корито, и нивната изложеност на ризик од земјотреси.

6. Градежниците и хидро експертите да изработат проценка на состојбата на коритото на Вардар, и неговиот капацитет да се „справи“ со непланираната изградба во самото корито, зголемувањето на ризикот од поплави на објектите покрај реката, и загрозувањето на општата безбедност поради објектите изградени во коритото.

7. Градежните инженери да изработат проценка на квалитетот на градбите од „проектот“, со посебно внимание на безбедносните аспекти како што се огноотпорноста или запаливоста на фасадите и пристапноста за противпожарни возила.

8. Правниците да изработат студија за сите прекршени или неуставно променети закони, како дел или последица од реализацијата на „проектот“, и за правните можности за справување со сите криминални дела поврзани со него.

9. Корисниците на објектите, жителите и вработените да бидат анкетирани за да се проценат помалку видливите проблеми на објектите и нивната секојдневна употребливост и вредност.

10. Итн...


Дури потоа, откако ќе ги имаме сите овие информации, факти и мислења, конечно - преку јавни анкети, работилници, консултации или референдуми - широката јавност ќе треба да каже што мисли. Мислењето на широката јавност треба да биде дел од одлучувачките фактори, но ова мислење мора да биде основано на знаење и информација, а не на „Миле ми текна“.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото