Врбите во Вардар родија грозје!

30.06.2017 02:39
Врбите во Вардар родија грозје!

Скопје, 30 јуни 2017

Скопјани денес се разбудија со една несекојдневна вест – врбите кои се дел од уметничкиот проект за разубавување на градот, а во 2012 година беа посадени среде реката Вардар во центарот на Скопје – родија грозје.

На социјалните мрежи веќе кружат фотографии од родот проследени со коментари од типот „Веќе ништо не ме чуди сега кога веќе и врбите родија грозје“.

Од Град Скопје велат дека воопшто не се зачудени и дека цело време тоа и бил планот – поточно, намерата била да се тестира нивната издржливост, а откако врбите успешно ќе одолеат на климатските и други услови, постепено лозарството во регионот да се замени со врбарство. Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, за Пара вести изјави дека веќе пробал од врбовото вино и дека многу било вкусно.

„Се надевам дека виното од врба, т.н. врбовка, ќе се пробие на пазарот, не само домашниот, туку и светскиот и ќе придонесе за развој на економијата во нашата република“, рече тој, меѓу другото.

Од јавната служба „Палми и зеленило“ веќе најавуваат садење врби на местото на пресушените палми кои не го дадоа посакуваниот род банани. Оттаму велат дека палмите не го издржале тестот, но дека врбите ќе бидат нивна совршена замена.

Слика: Свирачиња