65 години од првата атомска експлозија

19.07.2010 10:52
65 години од првата атомска експлозија

Датум: 16 јули 1945 г. Време: 05:29:45. Место: Ново Мексико. Тогаш и таму се случи првата експлозија на атомска бомба во историјата на човештвото. Потоа ќе има уште многу, а две од нив одзедоа десетици, ако не и стотици илјади животи.

Алан Кар, историчар во националната истражувачка лабораторија „Los Alamos“, е исклучително весел човек и често подготвен за шегување. Но кога ќе се спомене 16 јули 1945 г., Кар станува сериозен. „Текот на историјата тоа утро се смени. Со успешното активирање на првата атомска бомба започна ерата на нуклеарната енергија.“

Научниците кои учествуваа во проектот „Менхетен“ сепак стравуваа дали бомбата која ја создадоа ќе профункционира. Пред да ја тестираат, меѓу нив имаше и такви кои се обложуваа дека прототипот ќе се покаже неуспешен. Во научно-техничкиот музеј во Лос Аламос историчарот Алан Кар го покажува моделот на бомбата со темносина боја, преполн со разни жици.

Тешко е да се поверува дека таквата опасна бомба на тестирањето била однесена на задното седиште на еден „Бјуик“. Воопшто, тогаш многу нешта се импровизирале. Па така, на пример, под кулата на чиј врв бомбата била поставена, се наоѓале еден куп душеци кои требало да ја спречат експлозијата во случај бомбата не сакајќи да падне од кулата. Кога сето тоа било подготвено за тестирање, бомбата и’ била продадена на војската на САД за неколку стотици милиони долари.

„Некои се смееја, некои плачеа, а повеќе само немо мочеа“, се присетува Роберт Опенхајмер, шеф на проектот „Менхетен“, на сцената кога бомбата била активирана и кога на небото се појавил огромен облак прашина во облик на печурка. Физичарот Филип Морисон подоцна ги опиша тие денови како голема игра на нерви. Време за спасување тогаш немало. Главно постојано кружеле мислите дали тестот ќе биде успешен и ако биде, какви последици ќе има за иднината, вели Морисон.

Во времето кога бомбата во Ново Мексико била тестирана, првата ураниумска бомба веќе се наоѓала на пат кон военото жариште на Пацификот. Таа бомба претходно не била ни тестирана. Само 22 дена откако официјално започнала „нуклеарната ера“, бомбата е фрлена врз Хирошима. 16 часа подоцна американскиот претседател Хари Труман и’ испрати последен ултиматум на Јапонија: „Јапонското царство да капитулира или ќе биде нападнато од стравотен дожд од бомби“. Во истиот говор Труман ги пофали научниците од Лос Аламос и рече: „Издвоивме две милијарди долари за најголемото научно чудо во историјата и победивме“.

Извор: Deutsche Welle