Повеќекратна личност: Дијагноза, фикција или наратив? (1)

30.06.2017 11:38
Повеќекратна личност: Дијагноза, фикција или наратив? (1)

Џон Вудс студирал математика и бил среќно вљубен во Сели. Сѐ се сменило во една секунда, во моментот кога на тепихот од нејзината спална соба здогледал „сомнителни“ отисоци од стапала. Следувала жестока караница, чиј епилог бил двојно убиство. Откако ја задушил својата девојка, Џон до смрт ја избодел нејзината цимерка Поли, која била присутна.

Иако судот го прогласил за виновен за двете убиства, Џон ја избегнал смртната казна. Прифатено е експертското сведочење на форензичарката-психолог Џудит Армстронг, која му го дијагностицирала нарушувањето повеќекратна личност, односно дисоцијативно нарушување на идентитетот (DID), како што гласи формалното име. Убиството не го направил Џон, туку неговиот непресметлив алтер Рон.

И Бил Грин, обвинет за киднапирање, бил повеќекратна личност. Меѓутоа, во неговиот случај судот одбил да ја земе предвид неговата дијагноза.

Два случаи на обвинети со дијагноза на дисоцијативно пореметување на личноста, два различни исходи. Контрастните позиции на судовите ја рефлектираат состојбата во науката во однос на дисоцијативното нарушување на личноста: во научната заедница не постои консензус за тоа дали DID е навистина ментално нарушување, или станува збор за производ на бујната фантазија на наводно повеќекратната личност. За судот во Вашингтон, надлежен во случајот на Бил, тоа било доволно неговата дијагноза да ја смета за ирелевантна.

*

– А, мама? Што сѐ ти правела мама, душо? Во ред е да зборуваш за тоа.

– Мојата мама.

– Да? Мама беше лоша мама. Можам да ти помогнам да се сетиш.

– Мама ми рече дека сум лошо девојче. Ми удираше шлаканици.

– Мама веќе никогаш нема да те повреди. Сакаш да ти кажам нешто? Јас сум посилна од мама.

Транскриптот на овој разговор е само дел од пишаното наследство на Флора Шрајбер (Flora Schreiber) авторка на Sybil, бестселер за жената чиешто јас содржело дури 16 личности. Објавена во 1973 година, книгата за кратко време била продадена во шест милиони примероци, додека премиерното прикажување на нејзината телевизиска адаптација, три години подоцна, ја гледале една петина од Американците. Меѓутоа, дометот на Sybil далеку ги надмина границите на поп културата: приказната за жената со 16 лица го проби патот до Дијагностичко-статистичкиот прирачник за ментални нарушувања (DSM), во чиешто трето издание (DSM-III), објавено во 1980 година, првпат станува дел од формалната номенклатура на психичките нарушувања.

Модерната историја на концептот „повеќекратна личност“ е инаку нераскинливо поврзана со популарната култура, која, се чини, го диктира наизменичното менување на периодите на огромна популарност и безмалку целосниот заборав на феноменот поделена личност.

По полетот што го доживеа пред нешто повеќе од еден век, во време кога хипнозата станува една од омилените методи на запознавање и истражување на човечкиот ум, повеќекратната личност како да исчезна од речниците на поими и ординациите на психијатрите. Во почетокот на педесеттите години на минатиот век во живот ќе ја врати американскиот психијатар Корбет Тигпен (Corbett Thigpen). Неговата книга The Three Faces of Eve, студија на случај на жена чиешто трауматско детство резултирало со делење на нејзината личност на три – „добра“, „лоша“ и интегрирана – не само што вртоглаво го зголеми бројот на пациенти со повеќекратна личност, туку во голема мера ги одреди основните контури на стандардното објаснување на ова нарушување, кое помалку или повеќе опстанува непроменето до денес.

*

Кон крајот на 1954 година, во времето кога Ева била хит четиво, на Корнелија Вилбур (Cornelia Vilbur), успешен психијатар од Њујорк со приватна пракса на Парк авенијата, ѝ се обратила Ширли Мејсон, пациентка која, неколку години претходно, додека двете живееле на американскиот среден запад, ѝ помагала да се избори со бројните психосоматски симптоми: анорексија, раздразливост, често губење на свеста, празнини во помнењето, чувство на безвредност.

Откако Вилбур се преселила во Њујорк, Ширли повремено одела кај други терапевти, но сѐ завршувало со неколку нередовни средби. Сега и двете биле во истиот град: Вилбур во Њујорк водела успешна приватна пракса, паралелно специјализирајќи за психоаналитичар, додека Ширли Мејсон во градот дошла за да ги продолжи студиите по уметност. Неколку сеанси биле доволни односот помеѓу терапевтката и пациентката да ја поврати некогашната блискост. Мејсон зборувала за својата осаменост, наизменичното чувство на супериорност и безвредност, промените во расположението. Вилбур ја охрабрувала да издржи со терапијата, нудејќи ѝ помош околу вработувањето и продажбата на слики. Интересно, таа зборувала за својата замешаност во третирањето на симптомот на хистерија и за својата интригираност во нејзиниот најкомпликуван облик: повеќекратна личност.

За време на еден разговор, Ширли се пожалила дека сѐ потешко излегува на крај со несоницата и менструалните тегоби. Докторката ѝ препишала секонал против несоница и дапризал против болки во стомакот. Во тој момент, Вилбур, навистина, не можела да знае дека и двата медикаменти се многу адиктивни, но на својата пациентка во старт ѝ препишала невообичаено големи дози.

Ширли набрзо станала зависна од лековите, но и од терапевтката во која се вљубила.

*

Неколку месеци по првата њујоршка средба, состојбата на пациентката добила нова димензија. Ширли ѝ се доверила на својата терапевтка дека почнале да ѝ се случуваат бизарни работи: ќе се најдела во антикварница, а немала поим како и зошто стигнала таму; се будела во хотелска соба, не знаејќи во кој град е и по кој повод е тука.

Професионално, Вилбур била восхитена. Таа сметала дека нејзината пациентка доживува состојба на фуга – ретко нарушување, што го карактеризира краткотрајна дисоцијација на личноста и помнењето, во текот на која поединецот често презема нов идентитет. Меѓутоа, вистинската „бомба“ ќе следува неколку недели подоцна:

– Како си денес?

– Јас сум добро, но Ширли е многу лошо. Толку е болна што не можеше да дојде. Дојдов наместо неа.

Вилбур не се збунила:

– Зборувај ми за себеси.

– Се викам Пеги.

Пациентката потоа ги изнесе деталите. Пеги е заштитнички настроена. За разлика од Ширли, таа умее да се бунтува, бори, лути. Додека Ширли е постојано исплашена, Пеги е бестрашна и умее да се забавува. Прави што и да посака, вклучувајќи го и патувањето во други градови – Филаделфија, на пример.

Наредната недела, Мејсон се претставила како Вики. Раскажала дека постојат две Пеги: Пеги Лу и Пеги Ен. Слични се; двете се отворени и сакаат да се забавуваат, но Пеги Ен има повеќе такт и обѕири кон другите.

Вилбур веќе знаела за нарушувањето на повеќекратна личност. Случајот на нејзината пациентка, со четири личности во една, бил посложен од сите дотогаш опишани во литературата. Таа решила да ѝ се посвети, колку што ќе биде потребно, на своја сметка. Освен тоа, била решена на Ширли, во првата прилика кога ќе се појави во својот примарен идентитет, да ѝ ја соопшти дијагнозата: повеќекратна личност.

Ширли уште еднаш ја изненадила својата докторка. Ниту се обидувала да ја доведе под знак прашалник дијагнозата ниту се исплашила.

Пациентката сега на терапија доаѓала исклучиво како Вики или една од ликовите Пеги. Вилбур решила сите да ги психоанализира. Таа очекувала дека во минатото на своите пациентки ќе ги пронајде причините за нејзините неволји. Вики пружала одредена надеж. Единствено таа го споменувала трауматското детство, но одбивала поопширно да зборува за тоа. Пеги Лу и Пеги Ен како за сето тоа ништо да не „знаеле“.

Втерана во ќорсокак, Вилбур решила да ја примени наркосинтетичката терапија. Со надеж дека така ќе ги отклучи тајните од детството на својата пациентка, таа почнала да ѝ дава инекции со натриум пентотал (содиум пентотал) – серум на вистината, „прославен“ за време на Втората светска војна.

Конечно, Вики проговорила: „Возрасните те удираат, вака и вака... ти удираат шлаканици. Те мачат со сијалици, ти ставаат сребрени шишенца во тебе, ти го покриваат лицето со ќебе... Боли, не можеш да дишеш, клоцаш и се браниш...“

*

Ширли Мејсон ѝ послужила на Флора Шрајбер како модел за ликот на Сибил Дорсет, главниот јунак на бестселерот Sybil. Корнелија Вилбур е психијатарот, психотерапевтка која во дијалог цитиран на почетокот на текстот прашува: „А мама?“ Илјадници страници од нивниот дневник, како и транскрипти од разговорите водени во ординацијата на докторката Вилбур, биле пронајдени по смртта на писателката во библиотеката на колеџот „Џон Џеј“.

Вистинскиот идентитет на Сибил Дорсет го открија двајца истражувачи, кон крајот на деведесеттите години на минатиот век. Еден од нив, психологот Роберт Рибер (Robert Rieber), набрзо пред Американската асоцијација на психолози го претставил трудот, во кој на сметка на Вилбур го изнесува обвинението дека на својата пациентка ѝ ја всадила идејата за повеќекратна личност. Пред него, угледниот психијатар и психотерапевт Херберт Шпигел (Herbert Spiegel) зборувал во медиумите на истата тема, со истиот тон. Шпигел во неколку наврати ја психоанализирал Ширли. Во текот на една од сеансите, пациентката го прашала дали сака да зборува преку својата втора личност. На негова зачуденост, таа објаснила дека нејзината редовна терапевтка ја поттикнува да ги истражува своите алтернативни јас.

Меѓутоа, во пошироката јавност, далеку најголем одѕив имала книгата на Деби Нејтан (Debbie Nathan), Sуbil Exposed: The Extraordinary Story Behind the Famous Multiple Personality Case, објавена во 2011 година. Служејќи се со архивата на авторката на оригиналната Sybil, Деби Нејтан убедливо ја гради и брани тезата дека „случајот“ „Сибил“ е фабрикуван.

За почеток, и Вилбур и Мејсон ја читале Ева, која на двете оставила силен впечаток. Освен тоа, Нејтан во дневниците на Ширли Мејсон нашла додадени делови кои зборуваат за тоа дека била вљубена во својата терапевтка. Откако ѝ станала единствен извор на емоционална и финансиска поддршка, а била запознаена со нејзината заинтересираност за феноменот на повеќекратна личност, Ширли била подготвена на сѐ само за да ја задоволи и за да стане вредна за нејзиното внимание. Истовремено, има докази дека Вилбур просто горела од желба да добие единствен пациент. Веројатно затоа ѝ се испуштила „ситницата“ дека Пеги Лу и Пеги Ен, наводните алтери на Ширли Мејсон, се имиња на најпопуларните и најпродавани кукли во Америка од времето на детството на Ширли. Понатаму, на лекарката ѝ била достапна baby-book што мајка ѝ на Ширли Мејсон ја водела додека оваа била бебе. Во неа во детали е опишана процедурата на тонзилектомија – операција на крајници која кај Ширли била направена кога имала седум години. Светилки, сребрени шишенца, ќебе под кое едвај може да се дише – сите елементи на злоставување кои Ширли ги опишала се дел од стандардната тензилектомија на тоа време.

Вилбур со години вршела психоанализа на Ширли. Иако била запознаена со фактот дека предизвикува зависност, таа со години ѝ го препишувала лекот содиум пентотал. Секој обид да го укине резултирал со „раѓање“ на нов алтер, чијшто број со текот на времето се зголемил на 16.

И така руинирана, Ширли во еден момент се обидела да ја прекине шарадата. Во 1958 година таа лесно чекорејќи влегла во канцеларијата на својата психотерапевтка, носејќи писмо. Четирите густо пишувани страници ги отвора следната реченица: „Не сум ништо од она што се преправав дека сум“.

„Не сакам да кажам дека сѐ е во ред“, пишува понатаму во писмото, „но, не е онака како што те наведов да поверуваш дека е... Јас не сум повеќекратна личност. Не постојат ниту две. Во суштина, лажев.“

Ширли била „најголемиот“ пациент на својата докторка. Вилбур веќе имала закажани настапи на стручни конференции, каде планирала да зборува за дотогаш нечуениот случај на повеќекратна личност. Таа почнала да ја убедува Ширли дека нејзиното однесување е „одбранбен маневар“, обид на егото да ја убеди дека терапијата не ѝ е потребна.

По еден таков разговор, Ширли заминала дома и го напишала ова писмо: „Еден петок, ’некој’ влегол во твојата канцеларија, преправајќи се дека сум јас, носејќи писмо во кое наведува дека сега е добро и признава дека сѐ било лага... Ти знаеш подобро“.

*

Цимерката со која Ширли го делела њујоршкиот стан во еден момент била исплашена од последиците од хипнотиците на нејзиното психофизичко здравје. Таа ја молела Ширли да престане да се гледа со Вилбур. Не само што не ја послушала, Ширли се отселила, изнајмувајќи стан блиску до својата докторка. Во средината на шеесеттите, со тешки маки, успеала да се ослободи од зависноста од „серумот на вистината“, но не и од зависноста од психотерапевтката, која победоносно го прогласила нејзиното излекување.

И Тигпен, на завршните страници на својата книга, обелоденил дека успешно ги интегрирал алтерите на „својата“ Ева. Неговиот „случај“ го одбележал скандал од друг вид. Во 1977 година, вистинската Ева, Крис Костнер Сизмор, ја објавила книгата I’m Eve, прва во низата во кои ќе тврди дека Типген лаже за нејзиното излекување. Во годините откако престанала да го гледа Тигпен, како што самата пишувала, нејзината поделена личност станала уште пофрагментирана, броејќи дваесетина алтери.

Сепак, за разлика од Ширли, Крис имала некоја полза од тоа што нејзиниот „случај“ станал јавен. Откако во осумдесеттите дознала дека Тигпен на Холивуд му ги продал правата за екранизација на нејзиниот живот, без нејзино знаење и согласност, таа го тужела лекарот и холивудското студио, и се изборила за дел од приходите остварени од филмот снимен според нејзината медицинска историја.

Продолжува...

Слики: Jolene Lai

Извор: https://mindreadingsblog.wordpress.com