Четирите услови за мислење

30.06.2017 15:17
Четирите услови за мислење

„Четрнаесет години тој седел на влезот, зад еден мал шалтер. Луѓето му поставувале само две прашања. - Каде се канцелариите на Монтекс?

А тој одговарал: - Прв кат, лево.


Второто прашање било: - Каде се просториите на Дирекцијата за преработка на отпад?


А тој одговарал: - Втор кат, втора врата десно.


Во текот на сите четрнаесет години никогаш не згрешил, секој бил упатен на вистинското место. Само еднаш се случило нешто непредвидено. Пред шалтерот застанала една дама и го поставила вообичаеното прашање: - Ве молам, каде се просториите на Монтекс?


Овој пат тој, исклучително, погледнал во далечината, и тогаш одговорил вака: - Сите доаѓаме од ништо и сите се враќаме во големото, смрдливо ништо.


Дамата се жалела. Жалбата била испитана, расправале за неа, на крајот ја занемариле.

Навистина, не се случило богзнае што.“



Овој антологиски расказ на Иштван Еркењ ќе го злоупотребам за свои цели: колумнистот е своевиден вратар што ги упатува луѓето наваму-натаму. Колумнистот богами знае да биде грозно предвидлив и досаден. И речиси во секоја своја колумна на врвот од јазикот му е да рече: Сите доаѓаме од ништо и сите се враќаме во големото, смрдливо ништо.


Ова е стоти контрапункт. Затоа ќе биде малку повеќе авторефлексивен и ќе има елементи на филозофија, на манифест; секогаш е добро одвреме-навреме да им се враќате или да ги преиспитувате принципите што ве водат.


Според современиот филозоф Алан Бадју, постојат само четири вистини: научната, уметничката, политичката и љубовната вистина. Согласно со тоа, постојат четири услови за филозофија (т.е. четири услови зошто ги пишувам текстовиве, т.е. четири генерички процедури): матемот, поемот, политичката инвенција и љубовта. Отсуството на само еден од нив води кон распад на филозофското, како што нивното заедничко појавување го овозможува појавувањето на филозофијата.


Од една страна, во пишувањето ме водеа, значи, четирите генерички принципи: разумниот принцип на пресметливото или докажливото, јазичниот принцип на поетското како делумно мистично и метафизичко, страста кон политиката (која често само привидно изгледаше дека е во прв план!) и, најпосле, принципот на емотивното, на експресивното, можеби делумно и на ирационалното...; од друга страна, велам, сите овие принципи можеа да дејствуваат само стопени во некаков текстуален амалгам, само нераздвоиво вплеткани едни во други.


Така го разбирам сопственото пишување, сопствениот јавен ангажман: да се поврзуваат навидум различните нешта, да се пронаоѓаат нови аналогии и споеви. И кога се навраќам наназад, кон стоте текстови, гледам дека токму компосибилноста, т.е. можноста за слевање на мешавините и меѓусебната зависност на "состојките", всушност била услов за моето пишување.




"Живееме во свет населен со структури - комплексни мешавини од геолошки, биолошки, општествени и јазични творби кои не се ништо друго, туку акумулации на материјали обликувани и стврднати од историјата. Нурнати во таа смеса, ние не можеме да правиме друго освен на разни начини да меѓудејствуваме со другите историски творби што нè опкружуваат", вели Мануел де Ланда во својата прекрасна книга "Илјада години нелинеарна историја". Го спомнувам Де Ланда за да укажам на моќта на композитите, на синтезите и преплетите. Знаете ли што е она што на гранитот му ја дава легендарната јакост? Хетерогеноста. Гранитот е резултат од комплексниот збир од хетерогени кристали во меѓусебен преплет.


Но, Де Ланда е попрецизен: "Вулканските карпи (каков што е гранитот) настануваат радикално поразлично од седиментацијата. Гранитот се создава директно од магмата, која е вискозен флуид составен од различни растопени материјали. Секоја од тие течни состојки има различен праг на кристализација т.е. секоја низ бифуркација минува кон својата крута состојба на друга критична температурна точка. Како што се лади магмата, нејзините различни елементи се раздвојуваат како последица на кристализацијата, при што најпрвин стврднатите служат како складишта за оние што кристалната форма ќе ја добијат подоцна. Резултат е комплексниот збир од хетерогени кристали кои меѓусебно се преплетуваат, а токму тоа на гранитот му ја дава ненадминатата цврстина".


Затоа, ете, инсистирам на концептот на Бадју; постојано трудејќи се да бидам на пристојна дистанца од институционално втемеленото знаење, ја следев идејата дека значајната мисла ја условуваат кризите, пробивите и парадоксите на математиката, потресите во поетскиот јазик, бунтовите и предизвиците на политичката инвенција, треперењето на односите меѓу половите и родовите...

Еден од моите („луциферски“?:) осветлители, кога сме веќе во темата за стратегиите на мислењето и пишувањето, може да биде и Ниче. Тој, меѓу другото, изврши и голем стилски пресврт; но, според Бадју, "филозофијата искажана преку афоризми и фрагменти, песни и загатки, метафори и изреки, целокупниот стил на Ниче, кој имаше толку голем одек во современата мисла, се вкоренува во двојното барање да се укине вистината и да му се даде отказ на математичкото". Ниче на математичкото му ја доделува истата судбина што Платон ја намени за поетското, оние "сомнителни слабости и болести на мислата".



Да се потсетиме: во платонизмот, идејата е оператерот чие начело е математиката; политиката се осмислува како услов за мислата подреден кон идејата (оттаму се владателот-филозоф и значајната улога на геометријата и аритметиката во образованието на владетелите или чуварите); поетското е ставено настрана.

Патот што го предлага Ниче е антиплатоновски, во смисла дека одговорите веќе не можат да се бараат во филозофијата (која е остварена преку технологијата, според Хајдегер) туку дека сржта на мислењето се наоѓа во уметноста. Како што вели Бадју, "на Западот слугинка на науката, на Истокот на политиката, филозофијата на моменти барем се обидуваше да му служи на поетското. Денешната ситуација е ваква: Харлекин, слуга на три господари". Ако го следиме Лакан или Левинас (кој зборува под маската на двојниот говор за Другиот и за неговото лице, за Жената), можеме да речеме дека филозофијата станува слугинка и на својот четврти услов, љубовта.

Во моето пишување овде, значи, тргнував од некакви постничеовски и постплатоновски претпоставки: дека разнородностите треба да се поврзуваат (не "или-или" туку "и"!), дека Бог е мртов и дека мислењето не ја изразува вистината, туку конјуктурата, т.е. мисливиот услов за вистината. Тргнував од поетската дезориентираност, која можеби укажува дека е можно искуството кое напоредно е лишено и од објективноста и од субјективноста. Рембо велеше "Јас, тоа е некој друг"; кредото на Пол Целан беше: "На непостојаности потпрен". Слотердијк зборува за "хронична лишеност од тло", Хана Арент за "мислење без потпирка".

Се разбира, таа нестабилност и непостојаност на нештата околу нас (иако можеби извираат од личните карактери) произлегуваат и од нашиот несигурен локален контекст, но и од глобалниот дух на времето. Обидувајќи се самиот да се снајдам во ова турбулентно време кое пред мислењето поставува безброј мамки, се надевам дека од моите текстови имаат полза барем и неколкумина други луѓе кои на сличен начин се обидуваат да ги помират личните принципи и јавниот ангажман, естетското и етичкото, да ги обединат, најпосле, принципите на "математичкото, поетското, политичкото и емотивното".



Слики: Gary Baseman