Празни муабети

01.07.2017 11:06
Празни муабети

Но, добро, ако не треба да го тупиме, или, во поубава верзија, како што вели Милчин, да не анатемисуваме и замолчуваме други за да не заличиме на оние претходните, можеме ние да (за)молчиме. Трајно, перманентно, зашто како што сме почнале, пак многу нешта ни пречат, пак (ќе) се отвораат фронтови и (ќе) се вади лесна или дури тешка артилерија. Можеме дури и да ги оставиме оние бившите и понатаму да „држат банка“ – да солат памет, да делат лекции, да глумат лудило. А можеби ни јас не сум толкав демократ каков сум се замислувал? Ако, се разбира, под демократ се подразбира да (ис)трпиш секоја будала да „мудрува“ и за тоа што знае и за тоа што не (сака да) знае, да го (ис)трпиш без да трепнеш „ставот“ на секој моронски слуга на довчерашната властела кој заради икс причини (а главно лукративни) мора уште да одработува, да слушаш и да се смешкаш на секој полуинтелигент кому шмелцувањето во главата му е ѕвезда-водилка… Во такви случаи јас, признавам, не сум демократ зашто мислам дека, сепак, секоја будала има право на збор, ама не секаде и не баш за сè!

И во тој контекст како (не)демократот да му одмолчи на „великиот“ македонски инквизитор (сега сведен на вистинската мерка – една голема нула!) кога мудрува дека „Доколку тогаш (во 2008 година) државата станеше членка на НАТО и почнеше разговори со Европската Унија, многу од предизвиците со кои се соочи, немаше да се случат“? Ма немој богати, ма није ваљда, што би рекле од Табановце нагоре! Дали тоа значи дека, во тој случај, немаше да крадете? Дека тогаш немаше да затворате – буквално и метафорички – политички противници? Дека немаше да ни го инсталирате „Скопје 2014“? Дека немаше да го урнисате образованието во државава, да ги девастирате културата, науката, дека немаше да ги партизирате сите институции, целиот fucking систем? Дека немаше да ни го смесите фикусон на Водно, или дека во македонската политичка историја ќе ги немаше сите оние битанги од „најпатриотската“ партија кои продефилираа преку македонската политичка сцена, вклучувајќи ги и „вратарине“ во Собранието, па Димето, па „онаа“ на која ни името не сакаме да ѝ го спомнеме? Е просто човек да не поверува. Или бандитот навистина мисли дека некој треба да/ќе му поверува, чисто заради демократски причини и принципи? Толку ли долу треба да се спуштиме, божем во името на демократијата?

Мислам, ние како нација низ историјата сме докажале дека сме верувале во секакви лаги и паралаги, во секакви идеологии и „идеологии“, во будалаштини од секаков тип. Ама, белки нешто научивме од историјата? Или мислиме дека и понатаму треба истата, мислам историјата, да ја оставиме на „половинки“ како Чепреганов, Ачковска, Жежов и компанија? Или политиката на „политичари“ од типот на Груевски, Ѓорчев, Милошоски, Димовски и остала дпмнеовска булумента? А уметноста на Сарајлија и жената му, на пуленине од Скопје 2014, или на оние кои нè усреќија со Македонскиот музеј на хоророт и со нивните астрономски хонорари, па на оној „дизајнерон“ во МСУ и остала дилетантска галантерија? Или, можеби, мораме без збор да го слушаме и оној Мирчевски од „Анал 5“ како јавно си ги пере валканите гаќи на нивната уредувачка „политика“? Па во тој контекст и блебетањето на бакалинот за архитектурата воопшто, а посебно за „архитектурата“ залепена како етикета на „Скопје 2014“? Дали баш, во името на демократијата, сме должни и понатаму да трпиме такви бараби и нивните „концепти“ за… што и да е?! А можеби посебен концепт, или дури перформанс, е и оној „третман“ на иконите во Музејот на Македонија, особено на „Богородица Пелагонитиса“ онака потпрена на подот, можеби сега ќе излезе некоја нова будала која што ќе нè убедува дека тоа е најнов тренд во изложувањето на културното наследство од тој тип? И ние упорно да молчиме? Во што тогаш би се разликувале од оние кои успеаjа да одмолчат цели единаесет години?

Мислам дека на народов му треба малку одмор, или распуст од таквата „демократија“ која што буквално нè убиваше 11 години, ни треба дури и „анархичен“ слет на сите (конечно) наши ставови, осуди, па и „пресуди“ (зашто и нам така ни се судеше), „плукања“ па и навреди ако треба (зашто доста нè плукаа и навредуваа)! И тој распуст, сè додека е во рамките на (условно) нормалното, и ненасилното, повторно ќе биде распуст на демократијата.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото