Повеќекратна личност: Дијагноза, фикција или наратив? (2)

01.07.2017 11:25
Повеќекратна личност: Дијагноза, фикција или наратив? (2)

Тешко е да се пренагласи влијанието кое филмот и книгата Sybil ја имале надвор од рамките на популарната култура. Пред Sybil, во Америка имало неколку стотици случаи на повеќекратни личности. По „неа“ бројот на вакви пациенти почнал да се мери со илјадници, а психијатриските клиники ширум САД почнале да отвораат специјални одделенија за нивен третман.

На здравствениот естаблишмент не му преостанало ништо друго освен да аминува на состојбата на теренот и да ја вброи повеќекратната личност меѓу менталните нарушувања. Во 1980 година беше објавено третото издание на Дијагностичко-статистичкиот прирачник за ментални нарушувања (DSM-III), а повеќекратната личност, дотогаш еден од симптомите на екстремно ретките хистерични неврози на дисоцијативен тип, станала дистинктивен и сѐ освен ретко психичко нарушување. Кога зачестеноста на дијагнозата продолжила да се зголемува, во ревидираната верзија на класификација на ментални пореметувања, DSM-III-R, публикувана во 1987 година, нарушувањето на повеќекратна личност избило на прво место во групата дисоцијативни нарушувања на која ѝ припаѓало.

Не е за сѐ виновна Сибил, односно Ширли. Во периодот од 1970 до 1980 година, психијатријата ја одбележа и настојувањето да се оддалечи од психоанализата на Фројд (Sigmund Freud) и да преземе понаучен, биолошки дискурс. Меѓутоа, истовремено клиничарите од психоаналитичката струја и понатаму поединечно биле најбројната група психотерапевти. Дисоцијативните нарушувања, повеќекратната личност особено, практично (о)станаа сламка за која можеа да се фатат. Дефинирани како реактивни психопатолошки состојби, предизвикани од трауми од детството, тие совршено одговараа на парадигмата која струката реши да ја закопа.

Без претерување може да се каже дека, во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, Америка ја зафати епидемија на дисоцијативни нарушувања. За да се расветлат нејзините причини и природа, психијатрите кои и ја создадоа, во 1983 година ја основаа Меѓународната асоцијација за истражување на повеќекратните личности и дисоцијации (ISSMP&D). Во 1990 година, таа имала повеќе од две илјади членови. Во меѓувреме, почна да излегува специјализираното стручно списание – Dissociation.

*

Ако подготвувањето на DSM-III било подготовка на теренот за упокојување на психоаналитички устроената психијатрија, наредното издание DSM-IV, публикувано во 1994 година, значи среде „декадата на мозокот“, требаше да го означи почетокот на владеењето на новата парадигма: биомедицински пристап на психичките нарушувања и нивното согледување во термините на нарушување на мозокот. Сепак, нарушувањето на повеќекратната личност остана дел од формалната психијатриска номенклатура и во денес важечкиот DSM 5, објавен во мај минатата година. Навистина, сега има ново име – дисоцијативно нарушување на личноста – и се наоѓа на почетокот на листата на дисоцијативни нарушувања, меѓу кои спаѓаат уште и дисоцијативната амнезија, дисоцијативната фуга и деперсонализацијата.

Поединецот со дисоциран идентитет всушност има два или повеќе идентитети, две или повеќе состојби на личноста, кои наизменично ја преземаат контролата над него. Освен тоа, тој манифестира празнини во помнењето кои не може да се објаснат во границите на вообичаената заборавеност.

Менувањето на името на нарушувањето не е прашање на чистотата на јазикот. Авторите на DSM-IV, кои во психијатриската номенклатура го вовеле поимот дисоцијативно нарушување на личноста, на тој начин сакале да покажат ново, подобро разбирање на проблемот на повеќекратна личност. Додека претходното име упатуваше на профилерација и умножување на меѓусебно одвоените личности во рамките на еден селф, новото сугерира дека суштината на ова нарушување се огледува во фрагментацијата или делењето еден идентитет.

DID ја рефлектира неуспешната интеграција на различните аспекти на идентитетот, меморијата и свеста во едно, мултидимензионално јас. Иако повеќето носители на оваа дијагноза имаат еден алтер, нивниот број може значајно да варира и во просек изнесува 16¹.

Според публикуваните студии на случајот, разликите помеѓу алтерите можат да бидат вчудоневидувачки. Лицето кое страда од дисоцирано нарушување на идентитетот може да биде носител на идентитети кои меѓусебно се разликуваат според полот, староста, етничката припадност. Во литературата дури постојат описи на пациенти чии алтери припаѓаат на други, не-човевечки животински видови: лососи, патки, горили, кучиња... Особено е интересно дека алтерите може да се разликуваат и идентификуваат и според објективните, опсервабилни карактеристики, како што се ракописот, бојата на гласот и дикцијата. Френк Патнам (Frank Putnam), психијатар од американскиот Национален институт за здравје и еден од водечките авторитети за прашањата на повеќекратната личност тврди, на пример, дека помеѓу алтерите понекогаш постојат и биолошки, т.е. психосоматски разлики: пациентот има повеќе диоптрии бидејќи неговите различни алтери имаат различни оштетувања на видот; еден алтер има алергија на јужно овошје, додека другиот го нема тој проблем; кога е под контрола на одреден алтер, пациентот добро реагира на седативи, но не и кога неговиот селф го презема другиот идентитет; лицето кое беспрекорно препознава бои во одредена состојба на личноста станува далтонист; пациент е примен во болница заради дијабетес, но проблемот се создава кога алтерот ќе го преземе кормилото; преминот од еден идентитет во втор ја следи промената на крвниот притисок, пулсот, типичните матрици на мозочните бранови.

*

Една работа е сигурна во врска со дисоцијативното нарушување на идентитетот: станува збор за најконтроверзното ментално нарушување².

Од моментот кога психијатрите почнале да зборуваат за повеќекратната личност, стручњаците за ментално здравје се поделиле на оние кои веруваат дека станува збор за автентично психичко нарушено³ и оние кои сметаат дека се работи за последица на бујна фантазија, сугестибилност (на пациентот), сугестивност (на терапевтот), склоност кон фантазии и соживување во истите, симулации⁴ ⁵. Така Ален Френсис (Allen Frances), угледен американски психијатар и главен уредник на DSM-IV, неодамна напиша дека меѓу неколкуте стотици пациенти кои тврделе дека се повеќекратни личности, со кои тој имал контакт, нема ниту еден за кој би можел да каже дека не е лажен.

„Лажен“ во овој случај, не значи дека пациентите лажат. Напротив, тие вистински се уверени дека во себеси кријат неколку различни личности. Меѓутоа, скептиците во поглед на повеќекратниот идентитет сметаат дека ваквото уверување е резултат на настојувањето на сугестивниот терапевт и сугестибилниот пациент да го објаснат потеклото и природата на конфликтните мисли и чувства. На рака на скептиците им оди и следниов факт: епидемијата на нарушување на повеќекратната личност од крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, во наредната деценија, во деведесеттите, е проследена со епидемија на тужби на пациенти со оваа дијагноза против своите терапевти. Во не мал број на случаи, се покажало дека пациентите биле наведувани да поверуваат во подвоеноста или повеќекратноста на сопствената личност. Кон контроверзата придонесува и тоа што, барем во раните фази на „епидемијата“, терапевтите на пациентите со повеќекратна личност им препишувале „тешки“ антипсихотици, ги изложувале на хипноза и активно ги охрабрувале да го „истражуваат“ своето мултплицирано јас. Освен тоа, во не мал број на случаи, лицата со нарушена повеќекратна личност првобитно добивале дијагноза шизофренија, биполарно нарушување или гранично нарушување на личноста, што до денес остануваат ментални нарушувања кои клиничарите тешко ги разграничуваат. И навистина, истражувањата покажуваат дека една до две третини од пациентите кои имаат дијагноза DID истовремено ги исполнуваат критериумите за гранично нарушување на личноста⁶.

*

Се случило убиство. Сторителот е фатен со крвави раце, но е ослободен. Одбраната докажала дека страда од нарушување на повеќекратна личност. Обвинетиот дури и не се сеќава на злосторството што го направил неговиот алтер.

Класичниот холивудски заплет се потпира на реактивниот, пострауматски модел на дисоцијативно нарушување на личноста. Според него, повеќекратната личност се создава како (одбранбена) реакција на тешките трауми, преживеани во раното детство: хронично запоставување; емоционално, физичко и/или сексуално злоставување од страна на родителите или лицето кое ја извршува родителската улога.

Во целост зависно од возрасните од својата примарна околина, детето автоматски позитивно се врзува за нив. Кога една од примарните фигури истовремено е злоставувач, во детето се јавува силен внатрешен конфликт: лицето во кое ги инвестира повеќето позитивни емоции му нанесува неподносливо страдање. За да го разреши тој конфликт и да продолжи да си ги сака родителите, детето мора да креира ново јас – алтер, чија што должност е да стапува во интеракција со злоставувачот и да се носи со болката што му ја приредува. За да се заштити од сеќавањата на секојдневните трауми на својот алтер, примарниот селф останува слеп за неговите доживувања: ужасното секојдневие не допира до неговата свест, ниту има пристап до меморијата на секундарното.

Пациентот на кој ќе му биде дијагностицирана DID за помош од психијатар или клинички психолог најчесто се обраќа поради депресија; често, од ништо предизвикани промени во расположението; анксиозни состојби; суицидни мисли; нарушувања на сонот; халуцинации карактеристични за психотични состојби; дупка во автобиографското сеќавање; повремени конфузии во врска со сопствениот идентитет. Од моментот кога за првпат ќе побара стручна помош до моментот кога ќе ја добие дијагнозата на повеќекратна личност, пациентот во просек поминува седум години во системот на ментална здравствена заштита.

Иницијално, секој случај на DID е случај на поделена личност. Значи, на самиот почеток постои еден алтер. Новите идентитети се откриваат во текот на терапијата, чијашто цел е пациентот да научи да ги интегрира во едно, функционално јас. Лек во смисла на медикаменти не постои. Со класична психотерапија или хипнотерапија, пациентите најчесто земаат антидепресиви и/или анксиолитици, кои им помагаат да се изборат со налетите на мрачни расположенија и паники.

*

Развојот на „настаните“ во текот на најчесто повеќегодишната психотерапија – постепено откривање нови идентитети – е најчестиот аргумент на кој застапниците на социокогнитивниот модел на дисоцијативно нарушување на личноста се повикуваат кога тврдат дека повеќекратната личност е само метафора, научен наратив со кој пациентот се служи за да ја опише својата психичка состојба. Меѓутоа, тоа не е и најсилниот контрааргумент на посттрауматскиот модел на DID.

Клучната карактеристика на дисоцијативното пореметување е таканаречената бариера на заборав. Трауматските настани на алтерот и неговото сеќавање на истите се недостапни на примарниот идентитет, како и на другите алтернативни јас, доколку ги има повеќе. Тоа воедно е и аспектот на повеќекратната личност со најголеми импликации во кривичноправната сфера: убиец кој е ослободен бидејќи не може да ја сноси одговорноста за постапките на алтерот, кој не е свесен и над кој нема контрола. Меѓутоа, истражувачите се сомневаат дека оваа бариера е непробојна, доколку воопшто постои.

За да се утврди дали мемориите на различните алтери се навистина меѓусебно оградени, харвардскиот психолог Ричард Мекнели (Richard McNally) и неговите соработници неодамна изведоа интересна студија⁷, која се темели на едноставна задача на идентификација на зборови. Во студијата учествувале 11 пациентки со дијагноза DID, контролна група од 27 здрави жени, споредливи со причината според сите важни карактеристики, и уште една контролна група, составена од 24 жени, чијашто задача била да симулираат дисоцирана личност (преку печатен и видео документиран материјал биле детално запознаени со карактеристиките на ова нарушување).

Сите ученички во студијата добиле листа на зборови – таканаречени мети. Задачата на испитаничките била да го притиснат тастерот „да“ кога на компјутерскиот монитор ќе се појави некоја од метите, односно тастерот „не“, кога на екранот е презентиран збор кој го нема на списокот.

Пред експериментот, учесничките одговарале на прашалникот кој бил составен од 20 автобиографски прашања: името на најдобриот пријател; хоби; омилено јадење, композитор, дестинација за одмор. Нивните одговори, не сите, се нашле помеѓу зборовите подоцна презентирани на екранот, но не и помеѓу метите.

Логиката е следнава: кога на екранот ќе здогледаат лично релевантен збор, испитаничките инстиктивно ќе притиснат на тастерот „да“, иако поимот не е мета. Бидејќи ќе мораат да го потиснат првиот импулс, времето на реагирање на ваквите зборови ќе биде подолго од вообичаеното. Меѓутоа, доколку тестот го прават од алтерот за кого тие поими немаат никакво субјективно значење, времето на реагирање би морало да биде исто како и за неутралните појави.

Резултатите од студијата на Мекнели одат во прилог на социокогнитивниот модел на дисоцијативно нарушување на идентитетот. Тоа, секако, нема да ги убеди заговорниците на реактивниот модел дека не се во право. На крајот на краиштата, ни меѓу нив нема консензус за тоа дали бариерата на заборав се однесува само на експлицитната, или ја опфаќа и имплицитната меморија (содржини научени и запаметени без свесен напор), тестирана во експериментите на Мекнели и соработниците. Освен тоа, да биде работата уште поинтересна, во истото списание, Plos ONE, безмалку истовремено е објавена студија⁸ на група европски научници, чиишто експерименти зборуваат во прилог на сфаќањето на дисоцираната личност како на автентично, примарно ментално нарушување. Споредувајќи го сеќавањето на траумата, односно физиолошките и биолошки маркери кои го придружуваат таквото присетување, истражувачите дошле до заклучок дека дисоцијацијата не може да се припише на склоноста на фантазирање и „иживување“ на фантазиите.

На почетокот на новиот милениум, повеќекратната личност е во една од помирните фази во својата модерна историја. Ако зборуваме според искуството, прашање на време е кога тоа ќе се смени. На потег е Холивуд.

(1) Ross, C.A., Norton, G.R., & Wozney, K. (1989 г.). Multiple personality disorder: An analysis of 236 cases. The Canadian Journal of Psychiatry / La Revue canadienne de psychiatrie, 34(5), 413-18.
(2) Gillig, P.M. (2009 г.). Dissociative identity disorder: A controversial diagnosis. Psychiatry, 6(3), 24-9.
(3) Spiegel, D. (2006 г.). Recognizing traumatic dissociation. American Journal of Psychiatry, 163(4), 566-8.
(4) Piper, A., & Merskey, H. (2004 г.). The persistence of folly: A critical examination of dissociative identity disorder. Part I. The excesses of an improbable concept. Canadian Journal of Psychiatry, 49(9), 592-600.
(5) Piper A., & Merskey, H. (2004 г.) The persistence of folly: Critical examination of dissociative identity disorder. Part II. The defence and decline of multiple personality or dissociative identity disorder. Canadian Journal of Psychiatry, 49(10), 678–83.
(6) Lilienfield, S.O., Kirsch, I., Sarbin, T.R., Lynn, S.J., Chaves, J.F., Ganaway, G.K, & Powel, R.A. (1999 г.). Dissociative identity disorderand the sociocognitive model: Recalling the lesons of the past. Psychological Bulletin, 125(5), 507-23.
(7) Huntjens, R.J.C., Verschuere, B., & McNally, R.J. (2012 г.) Inter-identity autobiographical amnesia in patients with dissociative identity disorder. PLoS ONE, 7(7): e40580.
(8) Simone Reinders, A.A.T., Willemsen, A.T.M., Vos, H.P.J., den Boer, J.A., & Nijenhuis, E.R.S. (2012 г.). Fact or factitious? A psychobiological study of authentic and simulated dissociative identity states. PLoS ONE, 7(6): e39279.

Крај.

Кон првиот дел.

Слики: Jolene Lai

Извор: https://mindreadingsblog.wordpress.com