Канибализмот не е баш толку неприроден

01.07.2017 11:46
 Канибализмот не е баш толку неприроден

До релативно скоро време, повеќето научници сметаа дека канибализмот им е својствен само на неколку видови во природата, како црната вдовица и богомолката. Тие веруваа дека канибализмот е девијантно однесување што произлегува од недостатокот на алтернативни видови на исхрана, или е резултат на стрес предизвикан од живеење во услови на заробеништво или ропство.

Но, со децении беа собирани докази за спротивставените гледишта. Се покажа дека канибализмот постои помеѓу стотици, можеби дури и илјадници видови во природата. Тоа однесување помеѓу животниските групи варира во зачестеноста, кај некои воопшто не постои, додека кај други е вообичаено. Тоа варира дури и во рамки на еден животински вид, во зависност од локалните еколошки услови.

Пред да почине во 2000 година, Гери Полис, еколог од Универзитетот Дејвис во Калифорнија, составил список на правила поврзани со канибализмот кај безрбетниците. Многу често возрасните животни ги јадат младите, а многу видови ги јадат индивидуалните примероци на сопствениот вид (особено оние во почетна фаза на развојот), препознавајќи ги само како храна. Гери забележал дека канибализмот почесто е својствен за женките отколку за мажјаците, како и тоа дека случаите на канибализам стануваат побројни со намалувањето на алтернативните извори на исхрана. И конечно, кај одредена популација, канибализмот е неретко директно поврзан со степенот на преголема бројност на популацијата.

До деведесеттите години, генерализацијата на доктор Полис се однесуваше на најразлични животински групи. Користа од јадењето на припадниците на сопствениот вид изгледа ја надминува цената. Таа цена, сепак, може да биде од суштинско значење. Канибалите кои ги јадат своите роднини, од популацијата ги отстрануваат тие гени. Но, најзначаен недостаток на таа пракса е зголемувањето на шансите за добивање штетни паразити или патогени.

Племето Форе од Нова Гвинеја, за малку сосема ќе изумрело заради ритуалното конзумирање мозоци и други ткива од умрените роднини. Голем број од припадниците на племето умреле од болеста куру, што е невродегенеративна состојба слична на кравјото лудило.

И додека новата генерација истражувачи се потпира на работата на научниците како доктор Полис и Лорел Фокс, еволуциски биолог од Универзитетот Санта Круз во Калифорнија, канибализмот во природата почна да делува речиси како нешто нормално. Сега знаеме дека голем дел од канибализмот се случува кај мекотелите, инсектите и пајаците. Покрај тоа, илјадници водени безрбетници имаат ситни јајца и ларви кои често претставуваат главен извор на исхрана за возрасните примероци.

Кај птиците грабливци и кај чапјите постои таканаречена стратегија на чамец за спасување. Тука канибализмот често е последица на асинхроното снесување на јајцата: две јајаца се положени, но едното е снесено неколку дена порано од другото. Првороденото пиле ја користи својата дополнителна сила да го победи својот помлад брат или сестра во препирката околу храната. Во случаите кога родителите не се во состојба да обезбедат довлно храна, првороденото ќе ги убие и ќе ги изеде помладите.

Примерите на животинскиот канибализам се бројни и интересни, од ларвата на лопатоногата жаба која ги јаде своите младенчиња до безножните водоземци чиишто младенчиња ја лупат кожата на мајката и ја јадат. Поларните мечки ги јадат другите поларни мечки, а тоа го правеле многу пред климатските промени да почнат да влијаат во нивниот лов. Откако ќе го преземат водството во глутницата, лавовите ги јадат младенчињата на својот претходник.

Погребниот канибализам се практикувал во групите како племето Форе во Нова Гвинеја и народот Вари во Бразил.

Европејците, од кралеви до обични луѓе, исто така некогаш редовно конзумирале човечка крв, коски, кожа, црева и други делови на телото. Тоа го правеле без и најмалку грижа на совеста, во облик на „лековит“ канибализам. Ова е правело стотици години, а потоа почнаа да глумат дека тоа никогаш не се случило.

Делови на човечкото тело биле важни состојки во кинескиот кулинарски канибализам, на кој историчарот Ки Реј Чонг му посветил поглавје од 13 страници во својата книга „Канибализмот во Кина“; поглавјето е насловено „Методи на готвење човечко месо“.

Егзотичните јадења од човечко месо не се конзумирале во случаи кога немало други опции, туку се подготвувале за припадниците на кинеското благородништво и граѓаните од повисоките класи.

Човечкиот канибализам е користен за да се всади интензивен страв и ужас кај дисидентите во Кина, за време на културната револуција, а јапонските војници ги канибализирале воените заробеници.

Како што утврдле некои научници, факторите како преголема популација и недостатокот на алтернативни извори на храна водат кон канибализам. Што нè чека во иднината? Популацијата се зголемува. Ресурсите исчезнуваат. Пустините се шират. А општествените правила се многу покршливи отколку што може да се замисли. Можеби е паметно да се запамети дека канибализмот до не толку дамнешно време, беше вообичаена појава.

Извор: The New York Times
Слики: Noah Scalin