Ничии граѓани

01.07.2017 11:50
Ничии граѓани

Британската премиерка Тереза Меј распиша вонредни избори и го загуби парламентарното мнозинство за својата Конзервативна партија. Ако остане премиерка, британските граѓани ќе ги изгубат политичките и економските права загарантирани со членството во Европската унија. Одземањето на правата станува нејзина специјалност. Таа веќе со години придонесува за нормализација на практиката за одземање на британското државјанство и зголемување на бројот граѓани без татковина, апатриди.

За време на својата последна кампања Тереза Меј вети дека ќе ги ограничи или укине човековите права кои „стојат на патот“ во борбата против тероризмот. Тоа е убедлива закана: таа е предводничка на практиката за анулирање на државјанството, пред сè во име на националната безбедност, а понекогаш и како симболична казна.

Одземањето на државјанството е неморална, неефикасна постапка со мрачно минато. Во 20 век рекордот во тоа го држеа тоталитарните држави: само во Советскиот Сојуз државјанството го загубиле 1,5 милиони луѓе.

Но, оваа постапка не била резервирана само за недемократските режими. Како што покажа францускиот историчар Патрик Веил, законите донесени во САД на почетокот од 20 век доведоа барем до 140 000 случаи на одземање на државјанството. Во теоријата, тие закони се донесени за да ги спречат луѓето со измама да дојдат до државјанство, но во практиката се користеле за принудна лојалност на граѓаните кон државата. Анархистката и феминистка Ема Голдман е првата Американка која 1909 година била денатурализирана од политички причини.

Пред Втората светска војна и холокаустот малкумина се грижеле за тоа дека одземањето на државјанството ги претвора луѓето во апатриди и им го одзема она што Хана Арент во својата книга Извори на тоталитаризмот го нарече „право да се имаат права“. Но, по 1945 година беа формулирани нови меѓународни правни инструменти за намалување на бројот апатриди во светот.

Врховниот суд во САД со низа исклучително значајни одлуки практично ја оневозможи владата на граѓаните да им го одзема американското државјанство против нивна волја. Како што објасни судијата Хуго Блек во 1967 година: „Во нашата земја народот е суверен и власта не може да ја раскине својата врска со нив одземајќи им го на луѓето правото на граѓанство“.

Па, сепак, изминативе години ширум западот зачестија повиците за одземање државјанства зашто многу политичари тоа го сметаат за легитимна антитерористичка мерка. На пример, по нападите во Париз во ноември 2015 година, тогашниот француски претседател Франсоа Оланд се обиде – иако, тоа не му успеа – во францускиот устав да вметне законска одредба за одземање на правото на државјанство.

Меѓутоа, Велика Британија отиде најдалеку во тоа одземањето на државјанството да го направи рутинска антитерористичка мерка. Според Веил, во периодот помеѓу 2006 и 2015 година, Канцеларијата на министерот за внтарешни работи на Велика Британија им го одзела државјанството на 53 британски државјани, од кои барем двајца подоцна беа убиени во нападите на американските беспилотни летала.

Денес, Британија има исклучително ниски критериуми за поништување на државјанството: доволно е министерот за внатрешни работи да биде „убеден дека таквото лишување е во интерес на јавноста“. Уште од 2014 година тој има право да им го одземе државјанството на британските граѓани – дури и ако тоа значи дека на тој начин тие стануваат апатриди – сè додека постојат „разумни основи“ за уверување дека тие можат да го остварат правото на државјанство во друга земја. Тереза Меј во улога на министерка во периодот од 2010 до 2016 година на Британците главно им го одземаше правото на граѓанство за време на нивниот престој во странство и така ги лишуваше од можноста да се жалат на одлуката.

Нема сомнеж дека политиките за одземање државјанство биле и останале популарни; дури и предложената уставна реформа на претседателот Оланд во еден момент ја поддржаа 80 проценти од француската јавност. Тоа несомнено укажува на широко распространетиот порив над сторителите на терористички дела да се спроведе некаков вид казна. Многумина веруваат дека тие со своите постапки ги прекршиле условите на општествениот договор.

Но, токму затоа казната мора да биде предмет на одлука во рамки на системот на кривично правосудство, кое гарантира судска постапка онака како што владината канцеларија, која се држи до нејасни критериуми, не може да го направи. Секој потписник на меѓународната конвенција против апатридноста технички би морал да ја ограничи можноста за одземање државјанство на граѓаните кои имаат двојно државјанство; но, и таквата постапка би била дискриминаторна.

Одземањето на државјанството од „неуспешните граѓани“ кои сториле терористички дела е несоодветно и како симболичен гест. Како што истакна австрискиот политички теоретичар Раинер Баубок, би било крајно перверзно кога Германија или Австрија постхумно би го лишиле Хитлер од државјанството.

Одземањето на правото на државјанство е и непрактично. Наместо да преземат одговорност за своите граѓани и да ги казнат за злосторствата што ги сториле, државите како Британија ги туркаат потенцијално опасните личности во прегратките на другите земји. А, доколку таквата личност има повеќе од едно државјанство, тоа може да биде иницијатор за трката во која, како што вели Одри Меклин од Универзитетот во Торонто, „државата која ќе стигне последна – ги добива граѓаните“.

Ова не значи дека државите никогаш не треба да ги ограничат индивидуалните права во потрага по соодветна стратегија во борбата против тероризмот. Но, другите мерки – како конфискување на пасошот – се многу поефикасни од одземањето на државјанството. Тоа можеби пружа емотивна сатисфакција, но висока е цената на она што Петер Спиро од школата Temple Law го исмева како „безбедносен театар“. Одземањето на правото на граѓанство го поткопува самиот концепт на државјанство зашто го формулира како привилегија која може да се одземе без судска постапка, наместо како основно „право да се имаат права“.

И покрај својот агресивен пристап кон антитероризмот, САД, токму како и Франција и Германија, засега се држат до максимата на поранешниот гласен судија од Врховниот суд, Ворен Бургер, дека „државјанството не е лиценца која истекува заради недолично однесување“. Иако, американскиот претседател Доналд Трамп бара последици – можеби и губење на државјанството или една година затвор!“ за оние што ќе го запалат американското знаме, малку е веројатно дека таа желба ќе му се исполни.

Сепак, Трамп може само да ѝ се восхитува на Британија доколку Тереза Меј – или некој друг на нејзиното место – продолжи да го усовршува и нормализира авторитарниот пристап на британската влада.

Фотографии: Neda Radulović-Viswanatha

Извор: https://www.socialeurope.eu