Желка политика

02.07.2017 00:31
Желка политика

Многу се изнервирав! Како сакате сфатете ме, ич не ми е гајле. ДПМНЕ да беше, за еден месец на власт, сè живо и диво ќе сменеше во само еден единствен ден! И обвинител и судии! И денес ќе имаше притвори! Имало законски пречки? Преку ноќ нов закон ќе донесеше! Имало пречки у подзаконски акти? Преку ноќ нови подзаконски акти ќе донесеше!

Знаевте дека мандатот на СЈО истекува крај на јуни. Што чекавте? Еден обичен ЈО не можете да смените! Како црева се влечкате! „Ама ние не сме како нив, ние поинаку и принципиелно ќе владееме, правна држава ќе правиме?“ Ќе правите шипинки! Така можете во нормална држава при нормална смена на власт да се однесувате! Овде си имате работа со мафијашка врхушка на партија која е инфилтрирана насекаде со свои луѓе! Ненормални околности кои бараат поинакви методи на справување! Брзи, ефикасни, однапред искалкулирани! А вие меко, полека, реваншизам да немало. Замислете, дури ни судиите не се плашат дека еден ден ќе сносат одговорност за денешните одлуки! Знаат дека ќе им простите, за мир у куќа, пошто вие сте добри, не сте ко претходниве, гледате професионализам и таму каде што го нема!

Желка политика! 11 години чекавме, ќе се изначекаме уште долго, долго, долго... Државата ни е киднапирана и сеуште е во рацете на киднаперите! А вие нам - стрпете се? Тоа ти е исто како на родител на кој му е киднапирано дете да му викаш - чекај де малку, стрпи се, година, две, нека си поседи таму, ќе биде!!!??? Лудило! После денешниот ден веќе немам никаква надеж дека ќе дочекаме да живееме во правна држава! Оти видов, таму каде што веднаш, итно, неодложно, најмногу требаше да интервенирате, вие со прст не сте мрднале!

Слика: Свирачиња

Фејсбук