За нив се бара притвор, ние сме веќе казнети

03.07.2017 01:29
За нив се бара притвор, ние сме веќе казнети

На обвинувањата од министерот за култура („додека трошеа пари на сомнителен барок, пропаѓаа вистинските културни споменици во земјата“), ВМРО-ДПМНЕ одговори со тврдење дека партијата „има направено најмногу за културата во Македонија од независноста до денес“. Тоа е точно и во тоа е суштинскиот проблем. Зашто, колку и да се големи штетите – а сигурно не се мали – што ги констатирал министерот Алаѓозовски во врска со уништени икони и со други вистински споменици, тие се неспоредливи со оние што ги направи партијата и нејзините извршители во текот на изминатава деценија, колку што беше на власт во Македонија. Како потврда на ова, дојде една коинциденција. Партиското соопштение беше објавено истовремено со прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство на која Катица Јанева реши да побара притвор за лидерот Никола Груевски и за речиси комплетниот партиски врв, но информираше дека одлучила да не го отвора „Скопје 2014“, со образложение дека „тоа е многу голем предмет“.

Тоа „најмногу“ што го направи ВМРО-ДПМНЕ и што е најтешко поправливо е направено во културата, сфатена во поширока смисла. Партијата успеа да ги покрие со стиропор, да ги фалсификува, да ги превреднува сите темелни вредности во сфаќањата и во однесувањето на луѓето. Тој предмет е поголем и од „Скопје 2014“ и нема комисија што ќе може да ги процени тие штети, ниту суд што може да одреди казна за такви дела.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото