Пред интернетот

03.07.2017 09:55
Пред интернетот

Во времето пред интернетот имаше навика да седиш во фотелјата со отворена книга во рацете, да зјапаш во далечината или да ги проучуваш шарите на ѕидот – да се префрлуваш таму и ваму помеѓу тие два начини на постоење.

Пред интернетот понекогаш ќе одлучеше да нацрташ нешто. Ќе почнеше полека да правиш скица во тетратката, не знаејќи што ќе биде тоа, пуштајќи да те води инспирацијата, и потоа – оп! – на цртежот ќе се појави змијулест шашлив алигатор.

Пред интернетот ги поминуваше долгите летни попладниња зевајќи на еден кауч, за потоа да станеш и да се префрлиш на другиот кауч, а потоа да одлучиш да си направиш лажна ФБИ легитимација. Ќе земеше хартија од канцеларијата на татко ти, ќе го нацрташе амблемот на ФБИ, ќе се потпишеше, ќе ја излепеше со леплива лента, ќе ја ставеше во паричникот, па потоа ќе ја извадеше, повторно ќе ја погледнеше и ќе ја вратеше назад со таинствена насмевка на лицето.

Тоа беа опојни времиња!

Ќе се појавеше во некој уметнички центар во широк работнички комбинезон, ќе ја погледнеше тацната со драгоцени камења и ќе речеше: „Ова е мачкино око“, а пријателката ќе одговореше: „Не. Тоа е опал“. А, ти ќе речеше, „Сигурна сум дека е мачкино око“. И немаше начин да го проверите тоа, да утврдите кој е во право, освен ако некој при рака нема книга за скапоцени камења. „Дали некој ја има книгата?“, ќе се прашувавте, гледајќи наоколу. „Дали некој ја има книгата за скапоцени камења?“

Потоа, ќе излезеше надвор и трепкајќи ќе гледаше во небото, сама во своето тело, без мрежа со која треба да се поврзеш, сама, без никакви планови во свет на непознати под сонцето.

Пред интернетот можеше да се преселиш во друга држава и никој во новото училиште немаше да знае ништо за тебе. Немаше зад себе да имаш цела лична историја на интернет. Можеше да бидеш кој било. Ќе се потпреше на училишните ормарчиња со отсутен поглед на лицето и ќе им дозволеше на другите да замислуваат што ќе посакаат. Дека си олицетворение на женственоста или дека си машкоданка. Дека во стариот град си се дружела со јато чавки. И, тогаш, кога ќе ја видат чавката, ќе мислат дека таа сигурно те познава, зашто телепатски се разбираш со чавките и понекогаш си бледа, зашто таа моќ многу исцрпува...

А, ако некој посакаше да открие што навистина се случило со неговата стара пријателка, ако сакаше да ја пронајде и да ѝ напише писмо за да дознае дали е вистина она што се зборува... шансите за тоа ќе беа незначителни.

Пред интернетот, ако сакаше да провериш некој факт, веројатно ќе мораше да прашаш некој постар, некој како што е старицата што живееше во вашиот преуреден подрум. А, потоа ќе завршеше гледајќи го „Мостот на реката Квај“, зашто таа убаво те замолила да ѝ правиш друштво и не си можела да ја одбиеш.

По десетина минути ќе беше жедна, ќе отидеше во кујната по чаша вода и ќе стоеше таму гледајќи ги магнетите на ладилникот. Потоа, без никаква причина ќе заиграше, ќе направеше неколку чекори, ќе се запрашаше дали да го довршиш танцот, сега веднаш, таму каде што си. „Можеби ќе режирам музички спотови“, ќе си речеше.

Но, не можеше веднаш да провериш што прават режисерите и како се станува тоа; и натаму ќе стоеше во заглушувачката пладневна тишина во кујната, сама со своите мисли.

„Дали да ги пробам пенкалава на онаа тиркизна хартија?“, ќе се запрашаше зјапајќи во пенкалата покрај телефонот.

Наместо тоа, ќе се напиеше малку сок и ќе речеше: „Ооо“, како луѓето од рекламите. Потоа, ќе го направеше истото пред огледало, за да видиш како изгледа. Зашто, такво беше времето пред интернетот. Секој смислуваше како ќе се забавува.

Слики: Luci Gutiérrez

Извор: http://www.newyorker.com

ОкоБоли главаВицФото