Како можеме да се заштитиме од нешто кое не го разбираме?

03.07.2017 12:40
Како можеме да се заштитиме од нешто кое не го разбираме?

Како психолог и општествен истражувач, имам потреба да се произнесам многу конкретно дека сите ние и тоа како треба да зборуваме за педофилијата.

Јавноста треба да биде информирана за тоа што е (растројство на сексуалниот нагон, според официјалната психопатологија), зошто е и како се создава, во согласност со нивото на кое тие прашања се одговорени во науката. Уште повеќе, треба да се биде професионален и објективен во однос на одговарањето на прашања од оваа чувствителна област, затоа што неточните информации придонесуваат само за конфузија и уште поголема штета.

На пример, поради неудобноста што ја предизвикува темата, тешко е да се добијат точни проценки околу преваленцијата на педофилите во генералната популација. Меѓутоа, неколку модерни западни истражувања сугерираат дека процентот на „латентни“ педофили во популацијата е далеку поголем отколку што мислиме, што ги означува личностите со педофилски пулзии кои никогаш не се ангажирале во предаторско и сексуално однесување кон деца. Бидејќи досегашните истражувања на педофилијата најчесто вклучуваат само педофили кои веќе сториле кривично дело (и биле фатени), имаме најмногу податоци за нив, но не знаеме скоро ништо за остатокот на популацијата и што ја чини разликата меѓу оние кои реагираат на своите импулси и оние кои можат да ги контролираат импулсите за кои знаат дека не смеат да бидат реализирани. Можеби во нашата средина има повеќе луѓе кои се борат со педофилски пулзии отколку што би сакале да знаеме; можеби некои од нив се наши соседи, колеги, роднини. Дали е возможно да им се помогне за да се спречи евентуално деструктивно однесување?

Бидејќи за педофилијата досега не е познат ефикасен третман, односно процентот на рецидивизам меѓу сторителите е висок, па таму како валидна опција останува само нивно физичко отстранување од општеството, можеби е умно да се обрне повеќе внимание на сите можни начини на превенција на нивното создавање (освен, нели, ако верувате дека луѓето буквално се раѓаат конкретно вакви или онакви).

Мораме да го разбереме овој проблем што подобро за да можеме соодветно да го таргетираме и да дејствуваме во насока на заштита на правата на децата и намалување на насилството во општеството воопшто. Оваа сериозна тема повикува ангажман од експерти од повеќе области, подобро сексуално образование, подобра сеопфатна грижа за жртвите на насилство, како и подобра здравствена помош за сите лица кои страдаат од ментални растројства кои им го оневозможуваат нормалното функционирање или ја загрозуваат и нивната средина, меѓудругото.

Ако само ги игнорираме или осудуваме бидејќи сме згрозени, педофилите нема да престанат да постојат - напротив, последиците можат да бидат посериозни за сите.

Како можеме да се заштитиме од нешто кое не го разбираме?

Кога некој поединец ќе помисли/изврши нешто неприфатливо или апла грозоморно, јавноста брзо умее да искоментира дека истиот е „за лечење“/„бесилка“ или обете.

Ако сте за лечење, тогаш знајте дека професионалците кои треба да „лечат“, не можат тоа да го сторат без да имаат основни податоци за она што треба да го лечат или институционални механизми да пристапат до такви популации со таква намера, а тие податоци/механизми не можат да се создадат ако реакцијата на цело општество ја содржи исклучиво само димензијата на гнев.

Ако сте за бесилка, тогаш само имајте на ум дека иако би го намалиле процентот, методите од овој тип никогаш во историјата не успеале да искоренат општествено девијантно однесување и неретко имаат незгодна податливост за манипулација.

Во пошироката слика треба да се размисли и што е со ефектот на општествено-економските услови, политичката реалност, доминантните вредности врз инциденцијата на девијантни однесувања?

Пристапот до образование, маѓепсаниот круг на сиромаштијата и фрустрацијата; пристапот до здравствена грижа? На пример, повеќето податоци покажуваат дека личности со педофилски пулзии се појавуваат во сите општествени групи, но дали има разлика во потенцијалот за „acting out on the impulse“ меѓу нив (на пример, меѓу подобро образованите и оние од руралните средини?

Што е со фактот дека најголем број напади врз деца се извршени од лица кои на децата им се познати? Што е со мајките кои знаат што се случува, а молчат во страв од мажот - како да се допре до нив, да им се пружи помош, правна, психолошка и социјална поддршка? Што е со стигмата на жртвите на насилство која честопати оневозможува истите да пријават, проговорат за тоа и да добијат помош?

На крајот на краиштата, што е со сè поголемата сексуализација на децата во рекламни кампањи, филмови, итн.? (За пример, подолу имате фотографија од моден едиторијал на Vogue со тогаш десетгодишната Thylane-Blondeau.)

Сега веќе можеме да го баталиме спектаклот и да се посветиме на работа за реално унапредување на детското здравје, права и потенцијали, како и здравјето на општеството во целина, наместо да сме јаки само на линч, а во реалноста честопати да ја игнорираме и премолчуваме нивната ретардација.

namaste.


Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Елиза Бенет

ОкоБоли главаВицФото