Долга е раката на правдата

03.07.2017 13:52
Долга е раката на правдата

Не би рекол дека тоа беше еуфорија. Мислам на чувствата што ме обземаа по пресот на Специјалното јавно обвинителство. Поскоро би го означил тоа како смирување. Како хармонизирање со себе. Како спасоносна тишина што се шири низ морето во кое се давев. Како олеснување што ми надоаѓа кога ќе го извадам забот што толку многу ме боли. Како блаженост во цигарата и исполнетоста по добар секс. Како кога ќе ми успее да си ја поправам чешмата. Како со осмица по некој заебан испит.

Не би рекол дека тоа беше еуфорија и на општ план. Еуфоријата е чувство што го обзема фудбалерот кога ќе акне некој гол. Тогаш тој трча кон публиката, се лизга на тревата, го соблекува дресот и чека останатиот дел од екипата да го јавнат. Не, тука доминираше чувството на сатисфакција на жртвата. Со сиот интензитет на социјалните мрежи, со сето богатство на ослободениот израз, реакциите го имаа достоинството на сатисфакцијата на жртвата и тоа чувство, а не еуфоријата, им даде клучен белег на сенародните, би рекол, расположенија.


Космички димензии на злото

Мојот емотивен и интелектуален став во битката против злото на вмро-дпмне го одредуваше вербата дека епохалните, космичките димензии на тоа зло, ќе му пресудат повеќе отколку што сме спремни да му пресудиме ние. Убаво можеше да се посматра како Европа и светот, со сите оштетувања на вредносните системи, ги дразни груевистичкиот клинец во нивните цивилизациски системи, пред сè во симболичка смисла, но и како реална апликација во слепото црево на Европа. А и Македонија зрееше. Имам впечаток дека некој нагло ја стопли бавно загревачката вода во која се вареше и уживаше во својата смрт на вмровскиот оган македонската кокошка, и птицата реши да одлета. Направи бербат во кујната на Груевски и си ја дувна низ отворениот прозорец.

Кој го стори тоа. Кокошјиот господ!? Меѓународната заедница која ја стави македонската кокошка на листата на загрозени видови!? Самата кокошка!? Која уживаше во варењето сè додека некоја капка од зовриената вода не ѝ капна во левото око!? Од сè по малку.

Госпожата Јанева во четвртокот не ни ја презентираше комплетната слика за работењето на Специјалното јавно обвинителство, туку само едно, додуша, огромно парче кое може да функционира како посебна целина, односно да ни се прикаже како функционална целина. Тоа што може да се види на таа слика и да се почувствува со другите сетила, тоа што ни се оформува на нашиот ментален дисплеј додека го процесуираме тој обемен материјал, се неколку работи: И пред да почнат судските расправи можеме да ја констатираме фантастичната победа на новата институција против злосторничката држава на вмро-дпмне.

Во правна смисла, таа победа се изразува низ перфектноста на обвинителните акти, како круна во битката против главните правни и персонални субјекти на злосторничкото здружување на вмро-дпмне, работа која нема да може да не ја респектира секој суд што не е злосторнички, за јавноста да не говориме.

Во општествена смисла работата на Специјалното јавно обвинителство уште од порано се претвори во идентификациски код на борбата за слобода и правда, вистинска мушичка која го ферментираше општественото расположение и клима кон зрел однос кон сопствената судбина, кон одземање на таа судбина од рацете на неверојатните, просто, монструозни злосторници на груевизмот и на Груевски лично.

СЈО – културен код

Подвигот на Специјалното обвинителство би бил голема работа во секоја нормална, правна и демократска држава, а во Македонија е грандиозен зашто беше изведен во услови на неверојатен отпор на заробената држава, во нерамноправна битка на нерамноправни ресурси, во сè - освен во стручноста и страста кои беа на страната на СЈО. Во таа смисла, СЈО е нов културен код, нов момент во културната матрица на Македонија, зашто успеа да се изрази себе си низ тој епски, би рекол, судир, не само со злосторниците туку и со онаа Македонија која е спремна да им се потчинува. Треба да им се поклониме на трите дами, Катица Јанева, Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи и, се разбира, на нивните соработници, зашто ни покажаа дека можеме да бидеме похрабри, постручни, пострастни, со еден збор - подобри. Апсолутно ја поддржувам идејата СЈО да прерасне во трајно тело за гонење на висока корупција и криминал.

Се разбира, никогаш нема да ги заборавиме бомбите на Заев, луѓето што овозможија јавноста да ги чуе тие бомби, трпеливата и, би рекол, паметна политика во постбомбардерскиот период и на Заев и на СДСМ, храброста и ризиците што беа демонстрирани и понесени, со сите слабости, ги отворија овие процеси на демократската и правна рехабилитација на Македонија. Сите знаеме дека обвиненијата не ги пробиваат сите линии на одбраната на злосторничкото здружување на вмро-дпмне. Македонија ќе мора да се пробива уште низ многу бункери, мински полиња и нервни отрови. Но, тоа веќе не е отпор на киднапираната држава. Односите се битно и неповратно променети во корист на правдата, демократијата и слободата.



Мафиотски гнезда

Еве што му напишав на претседателот на еден таков бункер. Ало, Јово, куме, слушна ли, бе, дека зградата на Врховниот суд на Венецуела е гранатирана од хеликоптер? Знаеш ли што рекол агентот на разузнавачката служба на Венецуела, Оскар Перез, човекот што го извршил нападот!? Не знаеш!? Е, па, јас ќе ти кажам. Рекол вака: Венецуеланци, драги браќа, ви говорам во име на државата. Ние сме коалиција на војската, полицијата и цивилите во потрага по еднаквост и против криминалната влада. Имаме два избора: утре да ни суди нашата совест и луѓето или денеска да почнеме да се ослободуваме од оваа криминална влада.

Ние во Македонија, драг мој Јово, немаме оскари, а немаме ниту перези, сите хеликоптери не ни се катастрофирани, но не верувам дека имаме машина која нема да се урне пред да го нападне судот, не се секирај, но, те имаме тебе и другите злосторнички инсталации на вмро-дпмне, мафиотски гнезда што ги шират нееднаквоста и злото како државна порака и политика спакувани како правнополитичко наследство на груевизмот.

Венецуеланскиот претседател Мадуро го оцени актот на Перез како тероризам, но заборави да го оцени како тероризам делувањето на неговиот суд. Како што и ние тука забораваме на квалитетот на неправдата што ни се причинува преку постоењето и делувањето на такви инстанци каква што си ти и каква што е судот со кој претседаваш. И каква што инсталација е Кривичниот суд кој од денес треба да постапува по обвинителните акти на Специјалното јавно обвинителство. Сите вие заедно и секој посебно, секој ден, со сите сили работите на создавање причини да бидете гранатирани. Дали се разбираме, Јовче? Груевски можеби може да ве спаси од некој напад некој ден, можеби може да ве спаси од некои напади сите денови, но не може да ве спаси од сите напади сите денови. Толкаво количество злоба и неправда не може да одбрани никој дури и ако не доаѓаат од славните хеликоптери на македонското разузнавање, војска или полиција!

Македонија не се разликува од Венецуела по злосторничката природа на Врховниот суд, туку по тоа што на мирен начин успеа да ја смени криминалната влада. Но, вие сте сè уште тука. Вие сè уште работите и произведувате зло. Вие сте предмет на нашето природно право да се ослободиме. Од вас. А и од нас. Од нашите карактери и менталитети што го акушураа породувањето на злото што го претставувате!


П.С.

Бројот и позициите на обвинетите ја исфрла на површина одговорноста на партијата како објективна категорија. Во некаква експлицитна форма тоа неминовно мора да дојде на дневен ред во некоја наредна фаза од работата на СЈО, но уште сега е јасно дека тоа чудовиште мора да биде избришано од регистерот на политичките партии и трговските друштва, а имотот да му се конфискува. Во натамошното постапување целата работа не може а да не заврши како драматично соочување на Македонецот со сопствениот идиотизам, импрегниран во тезата дека ВМРО е нешто различно од ДПМНЕ и дека сите ние сме ВМРО, дека четирите букви биле свети. Курац фини биле свети. Мрак мракова, бре!

Слики: Наташа Костовска
Извор: Слободен печат