„Лулка“ - организација за едукација и поддршка на трудници и родители одбележува 8 години постоење

04.07.2017 10:02
„Лулка“ организација за едукација и поддршка на трудници и родители одбележува 8 години постоење

Во текот на јуни организацијата Лулка одбележа осум години од своето годишно постоење. Лулка – Здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца Скопје, како невладина и непрофитна организација е основана на 27 јуни 2009 година. Денес Организацијата е препознатлива по континуираната, стабилна и системска поддршка која им ја дава на семејствата. Лулка работи на едукација на младите луѓе, подобрување на нивните родителски вештини, знаења од областа на јавното здравје и превенцијата, правилната исхрана, нега и воспитување на децата.

Во изминатите години организацијата Лулка спроведе голем број предвања, работилници за бременост и породување, работилници за доење кои беа посетени од над 1500 трудници. Лулка организираше и Школа за родителство, трибини и панел дискусии во повеќе општини во Скопје, Битола, Куманово.

Организацијата Лулка е застапник (endorser) на WABA во Република Македонија, глобална организација за заштита и промоција на доењето. Партнерството со EFCNI – Европската фондација за грижа за новородени, пак, ни овозможи да се занимаваме со подобрување на условите за нега и следење на предвреме родените бебиња и деца. Во партнерство со WABA и EFCNI секоја година организацијата Лулка ги одбележува Светската недела на доењето и Светскиот ден на предвременото породување во Македонија.

Организацијата Лулка денес, на почетокот на својата деветта година од постоењето, работи во три програмски насоки:

Поддршка на граѓаните во текот на бременоста и породувањето;
Промоција, заштита и поддршка на доењето во Р. Македонија;
Поддршка на семејствата кои имаат предвреме родено бебе/дете.

Нaшата цел во иднина, како и досега, ќе биде подобрување на условите во кои се раѓаат и живеат децата, преку едукација и поддршка на родителите и на младите пред забременување, во текот на бременоста и по породувањето.

Нашата мисија и понатаму останува општество во кое граѓаните се информирани и свесни за значењето на семејството и потомството, за превентивните мерки за одржување на здравјето пред и во текот на бременоста. Општество во кое родителите се правилно информирани и знаат како правилно и совесно да се грижат за своите деца, применувајќи ги современите јавно здравствени упатства и доктрини. Општество во кое на граѓаните им се достапни центри за ваков тип на едукација и поддршка на локално ниво. Општество во кое законските прописи ги препознаваат и се прилагодени кон специфичните потреби на оваа голема целна група во која скоро секој се вбројува во определен период од животот.