Живот во анусот на „Зебра“

05.07.2017 13:20
Живот во анусот на „Зебра“

Утро, претпладне како и секое друго во Капиштец.

Балкон со поглед во газот на „Зебра“ – која, звучно (со штракањето на чудните тркалца од количките), се полни со разнобојни продукти и потоа уште побучно ги плука нивните амбалажи, правејќи пирамида врз огромниот сив контејнер. Непрекинато и со голо око видливо ре-циклирање, дигестивен микрокосмос храна – отпад и обратно!

Во мене тивко одекнува погледот на мирно паркираните газови од колите, задремани во темното дувло на катната гаража. Да си кола, овде е каде-каде поудобно отколку да си човек: грев без авто-екстензии. Да си кола нема да ги есапиш хистеричните звуци од сирените на брзата помош и непровидните лимузини на големите батки, заакани во уште една, за „камен“ гладна посета на (демек) главниот град.  

Хорот на гавраните и нивните судски спорови за престој и освојување на најпрестижната гранка од малкуте искубани дрвца моментално е стивнат. По тревникот лазат вообичаените парови од куче(нца) и жени во средни години, во нивната секојдневна и општествено прифатена дејност – (терапевтско) размочување и поткакување на миленичето!

Урбана сендвичарница... во која набљудувачот е воедно сопствен хот-дог (и токсична плескавица)... Плескавица од згмечени соништа, надежи, насмевки, чиј вкус може да опстои само во горчливо-сува варијанта... каков сенф, какви бакрачи!

А, мене ме интересира  нешто друго – дали некогаш ќе има друга глетка за моето доброутро, кое ветувачки ми намигнува од далечниот врв на Водно, декориран со повеќенаменски крст и цилиндричен кочан со угостителски амбиции...

Има и уште едно  прашање, кое нежно ме прогонува - дали се станува популарен (или славен) – ако човек книжевно „офка“ и вербално-физиолошки се растоварува од запекот на отсутната среќа?

Вака ли писателите, на кои им се восхитуваме, се справуваат со сопствената (иако однадвор наметната) булимија на грдото?

Лајк до лајк – лајкарник... Кучињата лаат, лајкарницата си врви! Со и без повеќегласното ав, ав! Самољубие на Грдото, кое себеси се прифаќа „творечки“.

Цинизмот на местоположбата кога е обратнопропорционален на утопизмот на заложбата... Творам, значи (грдо)стојам!

Фотографија: Брук ДиДонато

Слични содржини

Јавни Простори / Фотографија
Јавни Простори / Фотографија / Живот
Јавни Простори / Книжевност
Јавни Простори / Став

ОкоБоли главаВицФото