Наметнат интерес

07.07.2017 10:06
Наметнат интерес

Фразата „национален интерес“ е исклучително комплексна, во дадена ситуација, се разбира, но може да биде и неверојатно излитена флоскула ако ја верглате нон-стоп, перманентно, 24/7, одземајќи ѝ ја така не само смислата, туку и повеќето прерогативи во миговите кога таа фраза може (и треба) да биде битна, клучна, можеби судбоносна. Фактот што истата главно (ќе) ја врзувам за културата воопшто не ѝ одзема ни грам од значењето, напротив. Зашто, паралелно со нејзината функционална примена во некои сегменти на општеството, таа (кај нас) е доминантен дел и на културата, којашто и самата по себе, како област, велат, е национален интерес. Односно, нешто уште повисоко: темелен интерес! Секако, како човек кој цел работен век работел во културата нелогично би било да ја негирам нејзината важност за општеството, за државата, иако имам извесни резерви кон тој таканаречен национален интерес, но за тоа можеби подоцна. Во секој случај, ми се чини дека ние сме земја каде оваа фраза е толку изветвена од (зло)употреба (особено во културата!) што на моменти предизвикува и смев. На пример: дали Ацо „Рембрант“ и женатаму се баш толкав национален интерес за да државава издвои 2 милиони денари за две-три години за (п)откуп на нивни дела? Или стотици милиони денари за она „национално богатство“ од којзнае колку книги (со кои се фали библиотекарон „академик“) кои скапуваат по магацини без некој да ги види?

Или, ако сакате, колку пати во изминативе неколку години – односно откако се отвори скандалот со прислушувањето коешто, исто така, било од „национален интерес“, нели – од власта слушавме што сè е т.н. национален интерес? Од апсењето на лидерот на опозицијата заради неговите „пучистички“ намери (коишто, по ѓаволите, излезе дека се аспирации токму на „обвинувачите“!), преку приведување и судења на учесниците во „Шарената револуција“ (но никако и на тврдокорните бандити од „За заедничка Македонија“!), до неодамнешните повторни манипулации на идиотон на Водно околу доделувањето на мандатот за состав на влада и сл. Или последната хајка повторно врз Заев, сега во улога на премиер и неговата посета на Бугарија, којашто доби невидени национални овации и/или свирежи, зависно од ракурсот. Една нормална, вообичаена посета на соседна држава! Сето тоа, сите овие примери беа прогласувани за некаков национален, или државен интерес – не задолжително со тие, но со зборови со исто или слично значење – иако всушност ѝ служеа само на врхушката на поранешната власт и обидот да се извлечат неказнети за најголемите криминали во историјата на земјава. Или пак беа етикетирани како национално предавство, што му доаѓа на исто, само во негативна насока. И тука веднаш на памет паѓа неодамнешната „Тиранска платформа“, па (повторно) сегашната посета на Бугарија и „предавничкиот“ на македонската кауза договор (којшто никој сè уште не го видел!) што допрва треба да биде потпишан итн. Или, национално предавство било поклонувањето на македонскиот премиер пред споменикот на цар Самоил – оној истион кој и нам ни го натопорија на скопскиот плоштад небаре човеков ги минувал тука викендите – само заради тоа што на споменикот пишувало дека тој бил бугарски цар. Не знам кој и кога стави тапија на исклучиво наш национален, што ќе рече животен интерес врз овој човек, како впрочем и врз многу други, иако времето во кое што тој/тие живееле не само што не познавало национални одредници, туку и границите биле крајно проблематични и сосема поинакви! Иако всушност ние одамна сме тргнале по таа деструктивна „национално интересна“ патека, наметната главно од полуписмени националистички историчари – не само наши, се разбира – а кои мислат дека полагаат лично и „научно“ право на одделни личности, настани итн. И за волја на вистината, целиот регион ужива во такви бомбастични определувања на мое-твое, на национални и секакви други интереси коишто најчесто се преклопуваат со соседните, како што се преклопувала и поблиската или подалечната историја. Sharing history, што би рекол Фрчкоски!

И токму тука доаѓаме до вториот битен, можеби најбитен детаљ кај таканаречениот национален интерес: кој, имено, во наше име односно во името на државата го прогласува/го прокламира, со кои и какви цели и на кој начин?! Се разбира, обата сегменти се поврзани и ја заокружуваат целовитоста, и важноста, секако, на ова прашање. А на овие простори политиката односно политикантството уште одамна било тесно поврзано со науката – историската особено – така што прашањето можеби е излишно. Но сепак, нашава доскорешна реалност остава една нова димензија: кога криминалци определуваат „национален интерес“ тој никогаш не може да биде реален, објективен, вистинит! Како и сè друго што „определија“ бандитиве, од историјата до уметноста, од културата до економијата, здравството, образованието. Со други зборови, ако неуки, некомпетентни луѓе се бават со тие прашања, може ли утврдениот национален интерес навистина да ги одрази сите неопходни аспекти, во која и да е област? Тешко, речиси невозможно. Но тоа кај нас се случува(ше) речиси секој ден, во сите клучни прашања и во континуитет од цела една деценија!

Не дека и поголемите – да не речам посериозните – држави во светот кои поодамна ги разрешиле тие „судбоносни“ прашања не ги потегнуваат истите два збора. Прашање е колку често, и за што. Два посвежи примери: Дин Баки, главен уредник на „Њујорк тајмс“, апропо простачката забрана на Трамп за присуство на неколку угледни светски медиуми на неговите прес конференции, вели дека „Транспарентната влада и слободата на медиумите се од витално значење на националните интереси“[1]. За волја на вистината и кај нас се слушале вакви ставови, но тие останувале само на рамништето на зборот, не и на делото. Или токму во врска со добрососедските искуства, Тони Келер, коментатор на „The Globe and Mail“, во однос на појавата на „феноменот“ Трамп и отворените критики на негова сметка и во соседна Канада, вели дека „Нема да му биде лесно на премиерот (се мисли на Трудо, м.з.) да го додржи својот јазик или твитовите. Правејќи така тоа нема да биде во негов политички интерес. Но заради националниот интерес, тој мора“[2]. Секако, интересна е поделбата на (личен) политички интерес и национален интерес. За разлика од Канада, кај нас онаа екс-премиерска голема нула се гледа себеси и неговата партија како наш национален интерес!

__________________________________________________

[1] (Аноним), Трамп им забрани пристап во Белата куќа на клучните медиуми на кои им беше цел, Дневник, 27.02.2017

[2] Tony Keller, Criticizing Trump isn’t in Canada’s national interest – and Trudeau knows it, The Globe and Mail, Feb. 01, 2017

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Санам Хатиби

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото