Ќе носам црвена петокрака

07.07.2017 17:35
Ќе носам црвена петокрака

Под насловот „Ќе носам црвена ѕвезда“ на 29 јуни, на Конгресниот плоштад во Љубљана се одржа концерт на поетесата Светлана Макарович и на нејзините повеќе од сто гости изведувачи. Песната со ист наслов на авторот и изведувач Примож П Рама Ситер, веќе неколку години е многу популарна, а и тој самиот настапи на концертот. Станува збор за лесна, нежна песничка која постепено се претвора во борбена песна ... Светлана Макарович суверено владееше на сцената за време на целиот концерт, кој траеше повеќе од три часа, таа ги пееше своите песни, ги пееја нејзините песни, а нејзините коментари, како и самата програма ја кренаа публиката на нозе. Во режија на Ника Безељак настапија: Оркестарот „Крашки овчари&овци“, солистите Дарко Николовски, Мартина Фери, Полона Ветрих, Андреј Розман - Роза (инаку кандидат за претседател на Словенија), Томаж Михелич - Марлена, Јања Мајзељ, Вишња Фичур, Миха Безељак, Јози Шалеј, Нино де Глериа, Јуре Тори, Јанез Левец и главната колективна ѕвезда на програмата, партизанскиот хор Пинко Томажич од Трст. Дарко Николовски е исклучително интересна појава, затоа што измисли нешто што може да се нарече „партизански рап".

Полона Ветрих, славна актерка и активен член на еврејските здруженија, совршена испеја неколку ладино и јидиш песни: што е локално поврзано со неодамнешното негирање на холокаустот организирано од страна на член на партијата СДС на Јанша. Како што се очекуваше, врв на концертот беше настапот на партизанскиот хор Пинко Томажич од Трст: нивниот стандарден репертоар вклучува песни како „Бела Чао“, „Коњух планина“, „Билеќанка“, „Ој соколе“, „Хеј бригади“ (Песна на градот Љубљана), „ На јуриш!“, „Команданте Че Гевара“ ... Посетителите ги бараа сите овие песни, а публика имаше толку многу што беше исполнет целиот Конгресен плоштад: имаше околу 1000 седишта, се’ друго беше преполно. Очевидец од Загреб тврди дека имало над 7000 луѓе, но проценката е дека имало најмалку 5000. Дождот милостиво запре два часа пред концертот, публиката масовно носеше петокраки, а видов и едно куче со црвена ѕвезда. Дамите што седеа во редот пред мене наизуст ги знаеја сите песни на хорот и на Светлана.

Концертот се одржа како дел од манифестацијата љубљанскиот летен фестивал, а врвниот квалитет целосно го оправда неговиот статус.

Овој општествен феномен е научно веќе обработен во студијата на Ана Хофман „Новиот живот на партизанските песни“ (Библиотека XX век, Белград, 2016 година). Друга важна причина за успехот беше харизматична личност на народната поетеса Светлана Макарович која никогаш не им подлегна на сентименталноста или на патосот и која со децении ги развеселува половината од жителите на Словенија со своите саркастични забелешки за владејачката политика, десницата и за црквата - и се’ уште е блескава поетеса.

Третата важна причина за успех е односот кон црвена ѕвезда, тематскиот центар на шоуто. Светлана Макарович објаснува дека петокраката ѕвезда никогаш не и’ била блиска во времето на режимот кој ја користеше црвената ѕвезда, но сега таа работа е нешто што има смисла, во општиот пораст на наци-фашизмот, историскиот ревизионизам и лагите како главно средство на јавниот израз.

Една од особено безумните акции на десницата, не само во Словенија, беше барањето црвената ѕвезда да се забрани во ЕУ, како симбол на тоталитарните режими: на Орбан му пречеше и онаа на пивото „Хајнекен“ ... Во судскиот процес во Европскиот суд за човекови права, судиите го ослободија Унгарецот што беше осуден затоа што носел црвена петокрака, заклучувајќи дека ѕвездата е легитимен симбол. Во врска со појавата на астерофобијата пишував и претходно во Пешчаник.

Но десницата никогаш не ги напушта ниту своите најлоши идеи, проверено пропаднати, бидејќи смета на брзиот заборав и на промена на општествениот контекст. Не ги интересира ниту пресудата на судот во Стразбур, бидејќи можат да ги одолговлекуваат одлуките кои се должни да ги спроведат - како на пример што прави Словенија во случајот со пресудата во корист на избришаните. Така, пред концертот во Љубљана започна кампања за негова забрана со официјална жалба и барање до градските власти. Главниот аргумент беше забраната за концертот на Томпсон во Марибор, пред околу еден месец.

Не треба посебно да се нагласува налудничавоста на споредбата - провинциски усташки подопашник во споредба со наградувани, почитувани и возбудливи авторки и автори. Кога градската управа не реагираше (се’уште се чека реакцијата на судот), десницата организираше свиркачи, трубачи и викачи за да го попречуваат концертот. Редот на концертот беше беспрекорен, благодарение на значителен број униформирани редари, а полициски кордон ја опкружи групата од околу дваесетмина викачи кои го исвиркаа првиот половина час од концерт, но не успеаа да ги збунат ниту уметниците ниту публиката. Една мала група трубачи беше спречена да ги користи инструментите.

Сепак, на летниот фестивал строго се внимава на акустиката ако претставата се одржува на отворено: улицата во близина на „Крижанки“ каде што се наоѓа отворената сцена, по правило, за време на концерти и настапи е затворена за сообраќај. Зошто беше дозволено некој да го попречува фестивалскиот концерт останува отворено прашање.

Телевизијата на партијата на Јанша (Nova24TV) објави дека на концертот имало „стотина луѓе", а дека на другата страна имало „добар број од триесетина демонстранти"; кои, меѓу другото, во отсуство на попаметен текст извикуваа: „Кој не скока, не е Словенец!", една од најглупавите навивачки пароли што некогаш сум ги слушнала. Проблемот, овојпат е во тоа што на концертот навистина многумина интензивно скокаа во ритам и од радост. Проблемот, се разбира, е и тоа што Дарко Николовски рапуваше дека нема ниту капка словенечка крв, но ја сака земјата во која живее ...

Во суштина е јасно дека новиот култ на црвената петокрака настана и најмногу се должи на грубите и глупави интервенции во минатото, во борбата за интерпретација и, со тоа, за власт. Сепак, останува сериозниот проблем дека многумина на предизвикот со фалсификувањето на минатото одговараат обратно од балансираниот став, а тоа не значи дека сите имаат право на мислење (а немаат), туку дека сите - и леви и десни се исти. Ова одрекување од свое мислење е катастрофално, особено за помладите: ова е најлош можен пример на нечувствителност и користољубивост, што се крие зад слепиот и неинформиран цинизам и истовремено дава лажно и крајно опасно чувство на супериорност. Ако нешто треба да остане свето, тоа е љубопитноста - и кога таа ќе се стекне со доволно знаење, тогаш и критичност.

Извор: Peščanik.net, 5.07. 2017

ОкоБоли главаВицФото