Марко Зврлевски: Обвинител перфектен за фамилијата

10.07.2017 05:27
Марко Зврлевски: Обвинител перфектен за фамилијата

Во Собранието во тек е ново продолжение од фарсата „Одбрана и последни денови“, овојпат за продолжување на „животот и делото“ на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. И повторно со истите средства – маратонска злоупотреба на говорницата, ама овојпат со десет пратенички групи, сите вмровски, специјално формирани за таа намена – блокада на собраниските процедури.

Зврлевски, нема сомнение, ја заслужи секоја говорничка минута во негова одбрана. Во текот на овие четири години на функцијата тој даде сè од себе, го жртвуваше секој сантиметар од својот образ, за да ги заштити сите криминали и злодела на „фамилијата“ што ја киднапира и партијата и државата и судството во Македонија. Со тоа што го правеше, а уште повеќе со своето „нечинење“, Зврлевски „до гроп“ ги задолжи највисоките функционери на поранешниот режим.

Негова најголема „заслуга“ беше игнорирањето на аферата со масовното прислушување и сите криминални чуда и бесови што од нив произлегуваа. Не само што неговото обвинителство не ги сметаше снимките за релевантни, туку тој одеше со контранапади – покрена случај „Пуч“ против тие што ја открија аферата, и тоа врз основа на снимка (!?) од премиерскиот кабинет, а за медиумите издаде „забрана“ снимките од опозицијата да се објавуваат.

Но, јавноста сепак слушна како министерката Јанкуловска со него договара кои пријави да „паднат“ и како тој „ги средува“ работите („Гордана, тоа што ми даде задача завршено е“). И како Гордана го информира Ставрески дека ќе имаат состанок со Зврлевски „пошо и он бара да се видиме, а и мене ми треба за поише предмети“. Перфектна соработка! И после, како Амди Бајрам да не го викне на бал и да не го стави на почесно место со Мијалков? Зврлевски, всушност, беше и главна причина за политичката криза, и главна јазолна точка во која таа криза се расплете.

Огромните пропусти во неговата работа, и нивната важност, беа редовно нотирани во извештаите на Европската комисија, ОБСЕ, Прибе, Хелсиншкиот комитет, Стејт департментот, да споменеме само некои. Не е претерано да се каже дека целиот политички договор (Пржино еден и два) избоксуван со судни маки, беше токму „бајпасирање“ на Гордиевиот институционален јазол наречен Зврлевски. Решението се најде во формирање на Специјалното обвинителство, кое ќе ги гони кривичните дела кои произлегуваа од масовното прислушување, кога веќе Зврлевски не сакаше да го прави тоа за што е избран и платен. Затоа не е чудно што Зврлевски направи сè за да му го загорчи животот и работата на ова тело, кое тој го дисквалификуваше како „политичко“, заборавајќи зошто е тоа формирано.

Зврлевски има и други, не помали заслуги. Го закопа случајот „Македонска банка“, каде имаше индикации за корупција на Груевски, го стави под тепих „Актор“, за испумпување (европски) пари преку грчки фирми и приватни лица, иако неговите европски колеги од ОЛАФ го документираа криминалот. Никогаш не се заинтересира за големата корупција во Телеком и Маѓар Телеком, иако во далечниот Њујорк ја раскринкаа сета коруптивна шема за заштита на монополот на Телеком, сосе сумите кој колку милиони мито зел.

Никогаш не спроведе чесна постапка против организаторите на протестите кои завршија со крвав пир во Собранието, а на директните сторители на насилствата им овозможи да се извлечат само со условни казни. Водеше жестоки изборни истраги во таргетирани градови како Скопје, Куманово и Струмица, само за да открие изборни неправилности кај тогашната опозиција, а никогаш не поведе постапка за изборните „касапани“ на власта.

Дури и фамозната „дупка“ од три милиони евра, што ВМРО-ДПМНЕ не успеваше никако да ја затвори по изборите во 2011, успеа да ја затвори, поточно да ја затрупа само Зврлевски. Извештаите на државниот завод за ревизија, кои изобилуваа со злоупотреби, неоправдани трошења и незаконски постапувања во многу државни институции со години завршуваа во бунар – обвинителството ретко или никогаш по нив не постапуваше.

Бројни дела на говор на омраза, клевети и навреди на јавни личности, кои ги вршеа мегафоните на груевистичкиот режим, по социјалните мрежи, интернет портали, а често и на телевизии со национална концесија, никогаш не беа доволна причина Зврлевски да покрене постапка. Дури ни кога цел на вулгарните навреди и омразата беа странски амбасадори во Македонија, или претставници, медијатори или експерти на Европската Унија во Македонија, дојдени да помогнат да се расплеткаат македонските „свински црева“. Со таква листа „заслуги“, неговите ментори ќе го бранат „до сто и едно и назад“, и тоа со десет пратенички групи!

Извор: Плусинфо
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото