Анаис Нин и Илинденското востание

10.07.2017 06:39
Анаис Нин и Илинденското востание

По биографскиот филм, „Хенри и Џун“ – еве неколку интригантни споредби, симултано поврзани со нашиот контекст.

Анаис Нин, авторка на, денес култните, повеќетомни „Дневници“ е родена во февруари 1903 година, истата година кога во Македонија избива Илинденското востание за ослободување од репресиите на Османлиското владеење.
Во 30-тите години, додека Анаис се борела за своето лично - сексуално и творечко - ослободување (осознавање и препород), потпомогнато од психо-сеансите кај Ото Ранк и искусната прегратка на Хенри Милер – Македонците масовно (и трагично) печалбареле, додека нивните (осамени и напатени) жени по дома принудно го развивале беспрашалниот „култ“ на апстиненција (од што барем книжевноста виде[ла] некаков аир). А, освен тоа, доброволно се впуштале во неограничена кодошка компензација за туѓите (еротски) престапи...

Дали за Анаис некогаш се поставувало прашањето: каква (и колкава) е таа како домаќинка или тоа прашање просто било неумесно, поради нејзиниот повластен класен статус (сопруга на влијателен банкар со очигледно нежно срце, кое умеело да замижи пред нејзината афера со „колегата“ по перо, Хенри Милер)?

Кое и какво е значењето на зборот предавство, криминал, измама, „домаќинлак“ - денес и тогаш? Таму и овде...
Во средина каква што е нашата, сексуалноста сè уште останува (фунционира) како дејност, која е повеќе криминализирана, отколку вистинскиот и голем грабеж, злоупотреба и криминал!

Кај нас само љубовта (и прељубата) има статус на криминогено дејание! И, како што би рекле сите (привилегирани) господари на улицата - та, преку таквиот (љубовен) „криминал“!

На нашево „напатено“ (малограѓанско, сеирџиско) уво и понатаму повеќе му „лепи“ приватниот (не)морал, отколку колективната, општествена а-моралност, длабоко вкоренета и врежана, како практика на добро и вешто „снаоѓање“ во матните води! Тука, криминалот е all inclusive и се подразбира по дифолт! Како колективна „кауза“ и мерна единица (лакмус) за некаква (и нечија) социјална „мобилност“!

Веројатно, од причина што малограѓанштината, моралот на перфидното развратно Сокаче (а не толку извиканата „македонштина“) најсуверено си управува и однатре владее со Акалот на нашава, махерски брендирана, локално-завереничка шема!

Оти, токму на оваа, локална манипулативност некако не ѝ одговара космополитската промаја, оној отворен мегдан на вредности, што длабоко чезнее по насушна споредба, наместо (со својот препознатлив, балкански уплав) опсесивното бегство од неа!

Слики: Линдзи Стриплинг

Слични содржини

Општество / Квир / Живот
Општество / Живот / Култура
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото