Продолжува насилството или ДПМНЕ си го бара чарето?!

10.07.2017 12:40
Продолжува насилството или ДПМНЕ си го бара чарето?!

Согласно со Деловникот на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да формира 10 пратенички групи, па со 10 координатори да ја узурпира парламентарната говорницата, да ја силува македонската парламентарна демократија и од позиција на опозиција.

Но, ова не е прв пат да се демонстрира насилство врз највисокиот законодавен дом. За два и пол месеци ВМРО-ДПМНЕ повторно практикува агресија врз граѓаните на Македонија.

Тукушто ги подзаборавивме злоделата, крвавото сценарио на 27 април, кога ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена се обиде да го задржи криминалното владеење, коруптивното самоволие на партиската клика, сега повторно ги поткопува столбовите на демократијата.

Не дека некој е изненаден, не дека јавноста не е подготвена на вакви манипулативни чекори на квази политичарите на оваа партија, кои заслужуваат само ловорики за фарисејство. Но, не смее да му се дозволи на ДПМНЕ да продолжи да ја руинира демократијата, да ја аби скапоцената иднина на македонските граѓани, зашто им украде 12 години живот.

Пресвежи се сеќавањата од владеењето на режимот, што ги дезавуираше институциите, до темел го еродираше системот. Пресни се раните од ударите со камшик врз праводуството, врз здравството… па кога државата падна на коленици и во постизборните комбинаторики оваа партија „се напи малку свежа крв“, сега пак ѝ се заканува на демократијата.

Но, дали поделбата на 10 пратенички групи е само обид за дефокусирање на јавноста, за парализирање на работата на Собранието или ова е почетокот на крајот на ВМРО-ДПМНЕ?

Реформаторите во партиските редови не се повлекуваат. Бројот на незадоволните расте. Отворени критики стигнуваат и од партиски членови, довчерашни послушници на Груевски без поговор.

Додека ДПМНЕ повторно удира врз лицето на парламентарната демократија, се чини почнува процесот на демократизација во партиските редови.

Партијата е навидум со лидер. Но, овој експремиер кој ќе остане запишан во аналите како најголем диктатор, иако сè уште со поддршка на партиското судство избегна притвор, тој е обвинет за бројни кривични дела. Груевски клечи на коленици, гордост одамна нема, плукаат врз него неговите најблиски соработници, а партиските судии, именувани со негов амин, сепак му ги одзедоа документите за лична идентификација.

Се чини не се предава. Но, моли за настап по медиумите. Добро нашминкан и напудрен, со свежо фарбана фризура, ама со пеплосан тен, во партиските медиуми, на газди за кои СЈО исто така изрече мерки притвор, се обидува да се ослободи од гревот, со нескриен гнев, да го зачува дигнитетот. Но, неговото време истече! Замина! Замина времето кога Груевски хранејќи го својот безочен хедонизам, купуваше очила од 6000 и лимузина од 600.000 евра со нашите пари!

Партијата од двете бази на сервисот за информации, пред речиси два месеца ги повлекла телефонските броеви, што е исто така симптоматично. Партиските членови сега дури говорат за процедурите за влез во велелепната зграда изградена со наши, со парите на сиромашните граѓани, говорат за понижувачкиот третман на обичното членство во однос на кликата, која бесрамно ја злоупотребуваше власта.

Од сите страни стигнуваат сигнали дека ВМРО-ДПМНЕ пука по своите шевови. Локалните власти се преслушуваат, пребројуваат, ја средуваат документацијата, државните фирми со неразрешени директори разнесуваат фактури и договори… стравот им е в коски. Сè погласни се доброупатените сеирџии во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во подолните ешалони, кои едвај чекаат новата власт да изрече санкции за градоначалниците, раководителите… што континуирано го прекршувале законот, ќарувале, се богателе, купувале станови и имоти со државни пари, трошеле и по 7000 евра за вешалици и плескавици бодигдарите на eкспремиерот…

Граѓаните не заборавија, чекаат казната да дојде.

Чекаат! Не освета, ја чекаат разврската, судска! Чекаат конфискација на имотите, парите, богатствата што 12 години им беа одземани!

Чекаат правда!

Извор: civilmedia.mk
Слика: Александар Јосифовски