Инфантилна претстава на Пројковски во Нови Сад

11.07.2017 15:01
Инфантилизација на Нови Сад

Инфантилазицијата на сопствената зрелост тој ја плаќа со своите егзистенцијални атрибути, губејќи ги како клучот од сопствената куќа – тој ги плаќа со алтернативното, новото, зашто сепак полното име сè уште му гласи: Интернационален фестивал на алтернативен и нов театар. Оваа година тоа е само име на стармал.

Во годинашната драмска програма, „Инфант“ не поставуваше прашања и не си играше – не се осмелуваше да експериментира. Неговата селекција на драмски претстави, како јајце на јајце личи на селекцијата на годинашното издание на „Стеријно позорје“. Тоа е истиот потиштен дух кој не се осмелува да живее, туку само живурка. Во таа неинвентивна селекција, како и на „Позорје“, на „Инфант“ се издвои претставата на режисерот Кокан Младеновиќ, со единствената разлика помеѓу овие два фестивали, што на „Инфант“, оваа претстава беше наградена со главната Награда за најуспешен експеримент, односно најдобра претстава во целина.

Исто како што во игнорантската и нестручна селекција на 62. издание на „Стеријно позорје“, претставата на Младеновиќ „Мостот на Дрина“ (СНП Нови Сад) беше подобра од другите, но жирито (на чело со Предраг Мики Манојловиќ) во фамозната инфантилна, едногласна одлука да ги награди и сите и никого, не ѝ додели награда, така и на 44. издание на „Инфант“, во, исто така, игнорантска и незрела селекција, жирито (на чело со Зоран Ѓериќ, управник на СНП) ја награди неговата претстава „Шекспир Сонет 66“ во продукција на унгарскиот државен театар „Чики Гергељ“ од Романија.

Но, ниту оваа претстава не е експериментална, ниту пак претставува алтернативен поглед и израз, како што тврдат членовите на жирито во својата одлука. Таа не поставува прашања, имено, со својот јазик не го доведува во прашање она што вообичаено се смета за несомнено (а тоа е можеби најкусата брехтовска дефиниција на алтернативниот театар), туку нуди одговори, едноставни, површни, повеќепати повторувајќи ги истите банални сценски метонимии за неслободата на уметноста и прогонот на личноста: Фластери на устите, јамки од бесилка на вратовите, луѓе во поза на куче, цвилат или ’ржат, готови на звукот на штракањето на прстите на својот господар да се устремат на сличните на себе, со поводници на вратовите... Тоа не е инвентивност, тоа е добро извежбана и од ансамблот на театарот, енергично и едногласно прифатена употреба на средства вообичаени во институционализираниот театар, значи преземени од мејнстримот.

На годинашниот фестивал на алтернативен театар во Нови Сад, не само што во неговата најдобра претстава изостана моментот на алтернативност, туку и самиот поим на алтернативен театар е сосема нејасен. На една од дискусиите, учесниците стручно се согласија дека алтернативниот театар денес преминал во институционалниот театар. Каква глупост. Тоа е мачно непознавање на содржината на поимот со кој на „Инфант“ цело време се оперира и којшто е главниот атрибут и носител на значењето на фестивалот.

Во ниту еден момент, таму никој не се праша како е можно оваа глупост и лажен став да се воздигне на ниво на принцип. Бидејќи алтернативното е секогаш во однос на она што е веќе воспоставено и широко прифатено, што е институционализирано, позиционирано, популарно, плаузибилно, тоа што е мејнстрим, политички и естетички коректно, конкурентно, профитабилно, кариеристичко, безлично... Затоа не е чудно што повеќето претстави на годинашниот „Инфант“ беа продукција на институционалните театри, а меѓу нив, без преседан од сите претходни изданија на фестивалот, беше неопеаниот кич „Отело“ на Турски театар во Скопје, кој беше едногласно накитен - велам накитен со - Награда за најоригинално истражување на еден од сегментите на театарскиот јазик.

Образложението на жирито заслужува посебно да се претстави бидејќи влегува во антологијата на најбесмислените образложенија што некогаш биле формулирани: „Претставата, ’Отело’ на иновативен начин преточува едно класично дело во театарски експеримент. Најважниот сегмент на претставата е употребата на вода која се воздигнува во успешно сценографско решение, во повеќекратна симболика, ефектна режисерска постапка, ја засилува актерската експресивност и воспоставува комуникација со публиката“. Со еден збор, целата претстава и сиот Шекспир се преточени во вода и истурени во едно базенче во кое таа вода глуми и актери, глуми и сценографија и режија и глуми комуникација со публиката. Збогум на здравиот разум!

Во други околности, честопати извонредните актери од Турскиот театар во Скопје, во плиткото базенче се влечкаат, се прскаат, нуркаат, пливаат, прават салто и полусалто, паѓаат како трупови, се дават, пијат вода од чизми и што сè не прават со неа и во неа, но во ниту еден единствен момент оттаму не потекнува ниедна јасно прочитана и протолкувана буква од „Отело“ на Шекспир. Како од штала да исфрла ѓубре, режисерот ги исфрлил почетокот и крајот на драмата, а со тоа и главниот мотив за одмаздата на Јаго и за претсмртниот и претсамоубиствениот монолог на Отело, во кој тој, меѓу другото, го споменува и сирискиот град Алепо, денес епицентар на светската политика.

Режисерот на ова сценско мавтање и прскање (заради кое на посетителите во првите редови им беа дадени мантили), кој се вика Дејан Пројковски, долгогодишен директор на Македонскиот народен театар во Скопје, главен државен режисер за време на автократското владеење на Никола Груевски, од естетиката на најполитичкиот ренесансен автор, кој се вика Вилијам Шекспир, побегнал како ѓавол од крст, а неговата брилијантна трагедија, под наслов „Отело“ - трагедијата на нашето време, затоа што генералот Отело е црнец, покрстен муслиман кој ѝ служи на империјалната политика на Млет, значи му служи на бел христијанин и на неговата хегемонија – несвесно ја удавил во плитката млака вода, заматувајќи ја искасапената приказна за љубомората во пена на шпанска, да не речам турска серија.

Воспитаникот на политиката на Груевски, државниот режисер бр.1, беше поканет во Нови Сад, за да глуми алтернативен театар. На крајот од таа негова претстава, пред Отело да ја убие Дездемона, на режисерот, мајстор за хидротехника, малку му била водата во базенот под нивните нозе, па пуштил и фонтанче да ги прска одозгора. Ете, сега и „Инфант“ си доби своја фонтана. Колку го чинела и што имало претходно на местото кадешто сега прска таа фонтана?

Фото: Мартон Биро

Извор: Danas

ОкоБоли главаВицФото