Ние не се боревме за мир и стабилност, туку за немир и прогрес

11.07.2017 15:27
Ние не се боревме за мир и стабилност, туку за немир и прогрес

Наспроти општите впечатоци јас тврдам дека Камбовски не е сосема потрошен човек. Од неговата академска кожа можете да добиете многу убави подметнувачи за чаши и флаши или обвивка за скапоцени примероци алкохолни плоски. Сè што треба да направите е да го одерете. Подобро жив, зашто во тој случај ќе добиете кожа со една класа повисока вредност, отколку ако првин го заколете или чекате да умре. Да сум на негово место, јас би ја донирал својата кожа за изработка на мешина за вода за карваните што одат по патиштата на Александар или за крпење на охридските куќи напукнати од земјотресите. На архиепискотот, да речеме, би му продал парче од кожата на курот за лепење на гумењакот.

Но, да бараш од Камбовски да биде сдсмовска Филимена и Михајло Мики Мики во едно, е како да бараш од Тричковски да биде првенец во Македонската опера и балет, повеќе во балетот отколку во операта. Или од Илче да не биде гебелсче. Тоа ти е како да очекуваш дека Груевски ќе освои златен медал за Македонија во вежба на греда на Олимписките игри во Кавадарци.

Значи, да го турите Камбовски за претседател на Комисијата за стратегиски реформи може да значи две работи: шокантна и компромитантна, моментална дезориентација на новата власт или дефинитивен сигнал дека новите политики ќе се темелат на поинакви принципи, методи и цели од оние што ги беше формулирала јавноста кога се бореше да се симне од власт злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ.

Шио ми га Брисел

Веднаш сакам да кажам дека тие нови принципи не мора задолжително да се лоши за Македонија, особено не за реална Македонија, не за Македонија каква што ја замислуваме, туку за државата и за општеството со сите свои дефектни капацитираности, но тоа само ја засилува основата на нашата критика, затоа што идејата не беше да ѝ се прилагодуваме на ситуацијата и на млитавата и обесчестена и обесмислена Македонија, туку да ја воздигнуваме, да си поставиме цели и да тежнееме кон цели кои се над нејзините моментални капацитети.

Ние не се боревме за мир и стабилност, туку за немир и прогрес. На тоа се надоврзуваат други моменти кои говорат за тоа дека тука не станува збор за грешки туку за еден систем кој откако констатирал дека Македонија не може да биде нормален организам, решил да ја препроизведе во монструм, од вмро едно парче, од Камбовски друго, од мпц трето, од сдсм четврто и така натаму, се заедно пратено на шиење во Брисел, Вашингтон и кај Џафери. Живот за сите! Можеби впечатокот е погрешен.

Понекогаш мислам дека благородните идеи на Заев се навистина благородни, дека човекот ќарува време за консолидација на својата власт, дека за таа цел, каспаровски велелепно жртвува темпо за квалитет, макар што понекогаш се чини дека жртвува квалитет за темпо, дека и покрај се, врши реална реконфигурација на Македонија, дека го има фрлено злосторничкото здружение во дебела дефанзива со јасен смртоносен крај за злосторничката инсталација. И така натаму. Па сепак.

Ти имаш законски основи и уставни обврски да уапсиш и да пратиш в затвор две третини или, можеби, девет деветини од пратеничката група на злосторничкото здружување на вмро-дпмне, а групата има деловничко право да ја тероризира комплетната општественост без никакви ограничувања затоа што е пратеничка група, а не, во политичкиот дискурс, смртоносна опасност. Ти си нова, додуша, се уште недоволно консолидирана власт, а групата е злосторничко здружување кое се јавува во својата пратеничка афилијација само поради неотпорностите на системот.

Добра волја

Сè би било в ред ако и ти и тие постапувате во согласност со законските и други нормативни поставености. Но, ти решаваш дека нема да постапуваш во согласност со своите законски овластувања и обврски туку дека ќе се обидеш со демонстрација на добра политичка волја и изрази на добри и позитивни чувства, да не речеме љубовни нарации во името на општото добро, да ја совладаш непријателската група, да ја култивираш, да ја преобратиш, да ја одвратиш од идејата, не да ги користи своите права туку да не ги користи на општа штета, а групата решава да ги користи сите ресурси на системот до нивото кое и правата и системот што ги продуцира тие права ги карикатуризира и претвора во терористички инструменти. Со судиите како јавни мафиотски инсталации! И со вмро-дпмне кое со секое свое свртување, вдишување, издишување, со секој свој потег или мирување оставиле неспорни траги, велелепни илустрации дека злото што го прават не е зло на еден монструозен субјект туку дека злото е самиот тој субјект, некаков неверојатен антрополошки испрдок, некој беше забележал - инвазија на трет вид, ај донт ноу!

Еве сега, фирмирале десет пратенички групи. Тоа било според деловникот. Да, но деловникот не е направен според такви чудовишта. Не е направен според идејата на злото и за злото. Уставот не е направен така. Доживотниот мандат на судиите не е направен за да може да стане несменлив мафиотскиот боклук, туку за да се заштити дигнитетот на професијата и независноста на судството.

Тоа се фигурите на македонската шаховска плоча и тоа се ситуациите. Ристо - не Никовски - Ничевски би рекол дека станува збор за Дамин гамбит, но јас би рекол дека ситуацијата е многу попроста.

Штетна операција

Наспроти тоа ја имаме беневолентноста на новата власт, која сè има зафатено со некаква религиска мисија да ја смири Македонија во себе, а не да ја револуционизира во најблагородната смисла на зборот и низ тој конфликт да ја изнесе на ново историско ниво. Еве, и во планот 369 стои идејата за кохабитација со претседателот (простени му се, очигледно, сите државни удари), за некакви морални насоки и замолби, замислете, апели за промени во судството, за отворена душа во собранието. Јас ги респектирам односите на силите и можам да сфатам дека тој однос не оди во прилог на револуционизирањето на промените, но ако е така, тогаш можеме да кажеме дека опортунизмот на политичката елита и на меѓународната заедница, нема да има моќ да ја интегрира и унапреди заедницата.

Ние го имаме проблемот што Французите, Германците и Британците го имаа со терористите кои со украдени камиони, автобуси и автомобили ги газеа луѓето по тротоарите на Лондон, Ница или Берлин. Со тоа што нашите терористи ги газат овдешните луѓе и нивните перспективи со сопствени законски решенија кои им дозволуваат тоа да го прават. Непостапувањето кон злото како кон зло, обидите злото да се совлада политички и религиски се опасна и многу штетна операција.



П.С.

Ако се мисли на вмро-дпмне, тогаш треба да се каже дека со право да предлагаат јавен обвинител, чипираните би можеле да се стекнат по 2002 години, не само по две, како што предлага Заев. И која било друга опозиција не би смеела да се стекне со тоа право, еве за да направиме некаква дистанца од злосторниците на Груевски, пред да изминат сто, сто и педесет години. А можеби ниту тогаш. Власта исто така!

Јавниот обвинител не би смеел да биде надлежност на политичката елита поради латентен судир на интересите. Денешната власт е ослободена од тие критериуми само зашто е дојдена на бранот на определбата на општеството да расчисти со нестварните криминали на претходната власт, но, по две-три години би можеле да дојдеме до некои независни инстанци кои би се занимавале со изборот на јавниот обвинител и со контролата на неговата работа.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат