„Темелност“ на културата

12.07.2017 01:01
„Темелност“ на културата

Во културата во изминатава деценија, но и малку порано, фамозниот национален интерес прво, главно, се врзуваше за воведената годишна програма за остварување на националниот интерес, а многу бргу и за сè друго што ќе им паднеше на памет на „стручњаците“ во некогашното Министерство за (не)култура! За да, последниве години, кулминира во вистинска ерупција на кич „национални вредности“, почнувајќи од „национални уметници“ до „национални проекти“, вклучувајќи ја тука дури и естрадата, новокомпонираната народна музика, детските песни, идиотските филмови на дпмнеовските дилетанти итн. Така, впрочем, за национален интерес беа прогласени и оние „музички“ испрдоци на ненадминатиот Канго или разноразни мачканици откупувани на „стимулативниот“ конкурс за (п)откуп на ликовни дела, за анахрони квазифилмски бљувотини од типот на филмовите за Александар или Самоил итн. Или, ако истата држава направила институции и им доверила одредена битна основна функција – на пример Македонски народен театар, Музеј на современата уметност, Народна и универзитетска библиотека, Национална галерија итн. – ставајќи им маркичка „од национален интерес“, како е можно токму државниот орган надлежен за работите на културата да ја „покрива“, дури стимулира нивната провинцијализација и очигледното напуштање токму на виталниот аспект на таканаречениот национален интерес во нивната работа? Односно, ако институцијата е од национален интерес, може ли тогаш нејзината програма да биде на рамништето на една провинциска институција, финансирана „дебело“ со буџетски пари? Или, не одете подалеку, видете што изминативе години се случуваше со Охрид и со македонското културно наследство таму – но и во целата држава, од, на пример, Курбиново па натаму! – кои не се само национален интерес пар екселанс, туку се и светско културно наследство! Па кога кон нив можеа/можат така да се однесуваат, што останува за еден Рацин, Конески, Мазев, Скупи, објектот на Муличковски...?

Да се вратам малку на почетокот. Неписмениот Закон за култура, што како монструм е надвиснат над македонската култура веќе дваесет години, изрично ги утврдува „(…) основите на културата како темелна вредност на Република Македонија“! Ни помалку, ни повеќе. Не сум сигурен дека некој му го дал тоа право на законодавецот, зашто темелни вредности се утврдуваат со устав, не со закон. И тоа е и кај нас направено на тој начин. А ова – ова е само неукост и манипулација на законодавецот вештачки да се подигне степенот на значењето на самиот закон и на културата, се разбира.

Но, добро, не мислам дека придавката темелна вредност е нешто лошо за културата, напротив. Сепак, никој не се обидува да појасни што се подразбира под таа т.н. темелна вредност, уште помалку да ги даде основите на таа темелна вредност, иако вели дека „ги утврдува“. И понатаму, што добива културата со таа „темелност“ во смислата на тој закон? Некој посебни привилегии, бенефиции, предности пред другите, што ли? Ова, пак, особено во контекстот на фактот што во Уставот на РМ, во членот 8 каде што се наведуваат темелните вредности на уставниот поредок (основни слободи и права, владеење на правото, поделба на државната власт, политички плурализам итн.) никаде поименично не се спомнува културата! И ако „темелната вредност“ на културата се влечела токму од основните човекови слободи и права, сепак има разлика помеѓу правото на „учество во културниот живот на заедницата“ како основно право и самоволното прогласување на целата култура за – темелна вредност!

А таквите импровизации продолжиле и со еднакво тврди формулации дека, на пример, „Републиката го гарантира остварувањето на културата преку утврдување на националниот интерес на Републиката во културата (…)“! И секој ќе праша: од каде сега ова? Кој, прво, воопшто бара(л) од Републиката да гарантира нешто во културата? Уставот вели дека „Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на (…) културата“, а не дека го гарантира нејзиното остварување. И како некој воопшто може тоа да го гарантира? Само лаик кој апсолутно не разбира што значи култура може да смисли таква формулација. Што ќе рече дека некој самоволно ѝ наметнал на Републиката нова должност, освен онаа определена со Уставот! Ако пак малку подлабоко се навлезе во поимот „гарантира“, ќе видиме дека таа нова должност на Републиката воопшто не е наивна, уште помалку евтина, и речиси неизводлива, зашто Републиката – не само оваа нашава – никако не може да гарантира „остварување“ на културата. Освен на начинот што до сега го гледавме, ама тој не ни служи на чест!

Или, понатаму, Законот запнал да нè убеди дека „Секој може да ја остварува културата како поединечен, локален и национален интерес со профитна или непрофитна цел“ (sic!), па дека „Национален интерес во културата, во смисла на овој закон, е културата што е јавен интерес (…)“, итн., за да на крајот останете со прстот во уста не знаејќи што всушност читате и што е што. Но, за да ги закомплицира докрај нештата со националниот интерес во културата, законодавецот додал и нов бисер: дека „Заради остварување на националниот интерес во културата, Собранието на Република Македонија донесува национална стратегија за развој на културата за период од пет години“ (чл. 9 т.1). Ама, внимавајте, таа национална стратегија не е за остварувањето на националниот интерес во културата, како што бара законот, туку само за развој на културата! Е сега, што развиваме: само културата или националниот интерес во културата? Мислам дека тоа никому не му е јасно, како што впрочем никому до денес не му се јасни уште десетици нешта сврзани со тој наш „национален интерес“ во културата. На пример, на која нација се однесува тој национален интерес? Или дали интересот на македонската нација и на албанската нација, на пример, во културата, е – идентичен? Нелогично прашање? Дали? А ромскиот интерес? И нели поимот „јавен интерес“ е токму она што всушност го бараме – ако воопшто нешто такво треба да бараме – она што (евентуално) ни треба, ако веќе сме запнале да ја решаваме културата преку закони?

Се разбира, сите тие законски недоречености, произволности и заврзлами говорат за нашата (сè уште присутна) нестручност на полето на културата. Но тие (стручно теориски) нешта се расчистуваат на друг начин, а не преку вакви текстови, уште помалку преку легислативата, а илустрацијата за целиот нонсенс околу т.н. национален интерес во културата најдобро е отсликана во таканаречените годишни програми за финансирање на националниот интерес во културата, кои што настојчиво ги туркаме еве веќе петнаесетина години, глумејќи дека даночниот денар извлечен од џебовите на народот навистина го вложуваме во нешто наречено – национален интерес во културата!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Алексеј Кондаков

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото