Ниту сме толку, ниту сме токму

12.07.2017 10:46
Ниту сме толку, ниту сме токму

Сега е сосема извесно дека Гане Тодоровски си дозволил многу, ако не и премногу поетска слобода со она негово легендарно-патриотско: Колку сме, толку сме, токму сме! Особено кога се чита во светло на Светскиот ден на населението, 11 јули. За разлика од поетската, прозаичната вистина е дека ние не знаеме ни колку сме, ни дали сме толку. Од тоа логично произлегува дека токму не сме. Македонија е единствената земја во Европа – во светот сме заедно со Сомалија – во која не е спроведен попис на населението подолго од десет години.

Во 1989 година Обединетите нации решија да прогласат ваков „светски ден“ за да ја подигнат свеста за значењето на прашањето за населението (директен повод беа процените дека на тој 11 јули на планетата земја имало „точно“ пет милијарди луѓе), за тоа дека секој поединец е важен за планирањето на иднината на сите, свест за тоа дека резултатите од пописот се многу повеќе од обични бројки. За да може врз нив да се гради вистинска, реална политика, се инсистира тој да се сведе на статистичка операција, односно од пописот да се тргне политиката. Што е можно подалеку.

Само во Македонија е обратно: пописот е прогласен и прифатен како политичка операција, а научните, статистичките методи при неговото спроведување се тргнати најдалеку можно! Владата на Никола Груевски пред шест години почна да прави попис, но го прекина откако потроши десетина милиони евра (ни тие бројки не се знаат точно). Потоа вети дека ќе прави нов, електронски, според највисоки стандарди. Се разбира, не направи ништо. А веројатно и немаше потреба: со начинот на кој владееше, државата ја помножи со нула. Затоа во Македонија денес нема луѓе за ништо, па ни за попис.

Извор: Слободен печат
Слика: Небојша Гелевски