CAConrad - поет на екстремната сегашност

12.07.2017 11:20
CAConrad - поет на екстремната сегашност

Роден на 1 јануари 1966 година, поетот CAConrad се опишува себеси како „син на бело ѓубре што страда од недостиг на кислород“. Неговото детство се состоело од продавање цвеќе на автопат и помагање на мајка му да краде од продавници.

Автор е на бројни збирки поезија, вклучувајќи ги и Ecodeviance: (Soma)tics for the Future Wilderness (Wave Books, 2014); Филип Сејмур Хофман (дали беше надуван кога го кажа тоа?) (Worms Press, 2014); A Beautiful Marsupial Afternoon: New (Soma)tics (Wave Books, 2012); Градот Реал и замисленото (Factory School Press, 2010), со поетот Френк Шерлок; И книгата на Френк (Chax Press, 2009). Добитник е на наградата за поезија „Гил От“. CAConrad е автор и на книгата есеи за документаристика „Напреден курс за Елвис“.

Најпозната е неговата збирка од 23 „поетски ритуали“ собрани под наслов „(Soma)tics for the Future Wilderness“, кои го создаваат она што можеме да го наречеме „екстремна сегашност“ чија цел е да се открие креативноста во сè што е околу нас.

Меѓу поетските ритуали е возењето на ескалатори и покажувањето фотографии од себеси на непознати со прашањето: „Извинете, дали сте ја виделе оваа личност?“ Во друг од своите ритуали тој ги опрашува цвеќињата пред безбедносни камери, извикувајќи: „Јас сум опрашувач, јас сум опрашувач!“ Соматичните ритуали се практика на необични чекори кои треба да нè одвратат од цитатноста и да нè насочат кон поголема политичка, физичка и духовна свест за Новата пустина.

Добил стипендии од бројни фондации и учествувал на поетски колонии. CAConrad одржува предавања и работилници низ цела Америка, насловени: „(Soma)tics и Ecopoetics“. Во моментов живее во Филаделфија, САД.

Соматички Манифест

Секое човечко суштество е креативно.

Ако нашата креативност е орган, треба да почнеме да го доживуваме како витален орган.

Кога се обврзуваме да ги негуваме нашите уметнички капацитети, ја подобрувамеспособноста за подлабоко размислување за светот околу нас и за потребните конструктивни одлуки за да напредуваме во тој свет.

Кога ги правам (Сома)тичните работилници, особено во универзитетско опкружување, често има барем еден ученик кој признава дека чувствува дека си го губи времето за учење поезија или уметност додека светот се распаѓа.
Една од моите најважни цели е да се справиме со ова секогаш кога ќе се појави.

Почнувам со тоа што се согласувам дека нашите екосистеми не успеваат да опстанат под ударот на нашите човечки удобности и прекумерната страст за моќ, пари и за ствари, многу ствари.

Потоа појаснувам колку креативноста може да влијае врз иднината на здравјето и среќата на нашиот вид и на другите животни, птици, инсекти и растенија.

Кога Алберт Ајнштајн рече: „Имагинацијата е поважна од знаењето“, тој бараше од нас да разбереме како новите идеи што ги создаваме за светот се секогаш поважни од застоените шаблони на претходните парадигми.

Она што јас го открив во еднодецениската настава за соматичките ритуали: кога луѓето се заглавени повеќе не можат да пишуваат, да сликаат, да танцуваат... Овие ритуали градат мост назад кон тој суштински, похрабар и иновативен дел од нив.

Апсолутно е неопходно, веднаш, во овој момент, да ја прифатиме нашата креативност.

Без оглед кој сте, секојдневната креативна пракса може да ја прошири вашата способност подобро да ги одредите важните прашања за кои треба да се запрашаме, за да ја смениме најдобро деструктивната насока во која сите сме тргнале.

Ако сте сликале, сликајте повторно.

Ако сте пишувале песни, повторно почнете да пишувате.

Потенцијалната магија на овој свет го бара нашето учество.

Јас не сум мотивациски говорник; јас сум поет. Не сум оптимист; едноставно верувам во можностите на нашиот колективен гениј.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото