Свадба

12.07.2017 12:14
Свадба

 

ХОР ДЕВОЈКИ

Младичот се игра со оган под расцутената праска

Телото се превртува
да ја нахрани љубовта
Ако се умори
гревот ќе го најдеме
како растопена ружа
во жешките камења
Ааај
Околу нас се врти
некаква убавина
што нè обзема

МЛАДИЧОТ

Ме воодушевува огнот
што ги зовре соковите
да ме задојат
Ааај
Ме корне лудото рикање на страста
и согорувам таму
каде што ги наѕрев пијаните богатства
Мисло
ако си искра запали ме
Ако сум камен фрли ме

СВИРКИТЕ

Отворете ги портите
за сè живо
Ако донесе плодот зло
закасајте еден во друг
или нека ве разурнат
подземните сили што ве држат
на тврдата површина
Жар на слепоочниците
Плодноста боли
Проколната да си
семоќна маѓијо
што ме направи проѕирен
Црешно
олупи се од страста

ХОР ДЕВОЈКИ

Ааај
ветер ќе нè одвее
Телото ни е цветен прав
што заробува еден глас

МЛАДИЧОТ

Нишанам
да се отвори просторот
па макар живеел
како заробеник

ХОР ДЕВОЈКИ

Зората ни фрла
замрзнати ружи
Топлино
здивни
Невестата е зад три ридје
на бел коњ.

(Пат)

МЛАДИЧОТ

Има пес што лае на срцето
Има пес што останува во срцето
Копитата им се разранија на коњите
од овие сонца и камења
Понекогаш патот се испарува
и остануваш заробен в планина

СВИРКИТЕ

Песокот се преселува
Ѕвездата му се одронува на сред пат
и ѕвони
Срцето е во пожар
Водата се крие
Гласот ни се сироче
излетано во просторот
Мал пекол чекори
од цвет до цвет
Вештице
љубовнице на смртта
играј
или нека те нема
Љубовта доаѓа да пие
од нашето корито
Мед и млеко
О,
Мед и млеко

ХОР ДЕВОЈКИ

Овчарите со запалени гламни
ја гаѓаат дивината в ’рбет
Дивината напаѓа од сите страни
Оф
каса
Оф
плаче
Млекарките се боси како млекото
Жолтите черепи на цветовите
пеат над водата
Летото зрее
Да ја одврземе чалмата на крвта

(Месечина и сенки. Игра меѓу младич и девојки.)

ДЕВОЈКАТА

Ноќта е полна сенки
Заводници

МЛАДИЧОТ

Играм во својата сенка

ДЕВОЈКАТА

Мојата сенка расте
Плима

МЛАДИЧОТ

Месечината се самојаде
на запалениот хоризонт

ДЕВОЈКАТА

Оооој
Ноќта е полна крадливци

МЛАДИЧОТ

Од несоница
ми расцути мозокот

ДЕВОЈКАТА

Месечината го става прстот на усните
и ме опоменува
да не мислам на свадбите

МЛАДИЧОТ

А јас го дишам воздухот
во кој расцутуваше нејзината убавина
Нека не течат водите
Воденицата меле ѕвезди
Бикот во пасиштата се бори
со нешто невидливо
Бикот е црвена ружа
Љубов и смрт во срцето
Нека не течат водите
Што расцутува во вашата бавча?
-Слаткиот пелин на нејзиното тело
Нозете не знаат дека имам срце
и ме носат далеку

ХОР ДЕВОЈКИ

Бикот се бори
со нешто невидливо
Од земјотрес ни поцрне ружата
Нека не течат водите

МЛАДИЧОТ

Помеѓу мене и тебе
остра планина

ДЕВОЈКАТА

Ќе ја изодам планината

МЛАДИЧОТ

Планињето слегле во дворјето
Оган и јагличици

ДЕВОЈКАТА

Ќе ја прелетам планината

МЛАДИЧОТ

Гавранот потресен од земјотрес
бесцелно кружи

ХОР ДЕВОЈКИ

Аааај
бесцелно кружи

ДЕВОЈКАТА

Ако ми умре љубовта
крај реката ќе соѕидам
ѕвонара од песок

ХОР ДЕВОЈКИ

Аааај
Ѕвонара од песок

СТАРИЦАТА

Кога се венчав
низ прстенот течеше
ракија и виулица
Малку повеќе оган во играта
Ќе дојдат китени сватови
со босилек под капите

(Вода за свадбата)

ВОДАРКАТА

Патем ме краде мојот мил
и ми ја соблекува убавината
над водата што тече

ВОДАРКИТЕ

Ѓаволот на љубовта се капе во водата

ВОДАРКАТА

Ќе оцекнам чекајќи го
Ќе станам вода
Ќе ја запалам водата
да ме види

ВОДАРКИТЕ

Ѓаволот на љубовта се капе во водата

ВОДАРКАТА

Мојот мил е брзоног елен
Јас сум бавча
Љубовта ми спие в ѕвездарница

ВОДАРКИТЕ

Ѓаволот на љубовта се капе во водата
Водата не мисли никаде да стигне
Нè лаже
Нè умори оваа вода

ДЕТЕ

Мајко
Коњи скокаат на ридон

МАЈКА МУ

Коњи скокаат на ридон
Сватови со црвено јаболко
скокаат на ридон
Свирките им одѕвонуваат в долина
Натопете го смилот в млеко
Пејте
Нека биде најубав ден

ВОДАРКИТЕ

Девојко
Немој да се браниш
Кога се сее житото
небото се претвора во сенка
Грмотевица им ја освежува
мислата на орачите
Се тресат од страв
стебленцата на ружите
Ооој
Гласот е длабок
и ја позлатува душата
Девојко
немој да се браниш

(Гола Дервишина со маска на смрт)

СТАРИЦАТА

Тешки плодови те удираат по срцето Гола Дервишино

Коња потковаш остриш сабја
воздухот се замрзнува
Каде во оваа ноќ

ДЕРВИШИНАТА

Имам очи од ноќна птица
Гладно срце од волк

СТАРИЦАТА

Вљубените спијат во чаробна шума
Што ли им ’рти во сонот

ДЕРВИШИНАТА

Ноќта е моја

СТАРИЦАТА

О китени сватови не носете горчлив плод
Не се опилувај о кукавичино семе

ХОР ДЕВОЈКИ

Смок го сиса стадото
јагненцата блеат в трло

СТАРИЦАТА

На патот постелете ножови
Гладен човек затвора куќа

ДЕРВИШИНАТА

Имам очи од ноќна птица
Гледам преку девет планини
Имам гладно срце од волк

СТАРИЦАТА

Заклучи се в соба
и од вино
нека ти биде црвена собата

ГЛАС

Лесен човеку на коњ
чиј свршеник си?

ДЕРВИШИНАТА

Земјата молчи
не сака да каже

ГЛАС II

Лесен човеку на коњ
чиј свршеник си?

ДЕРВИШИНАТА

Пилците пеат во деветта планина
Не сакаат да кажат

ГЛАС III

Лесен човеку на коњ
чиј свршеник си?

ДЕРВИШИНАТА

На земјата.

 

Извор: Суша, свадба и селидби (1961)
Слики: Tin Can Forest

Радован Павловски (1937), еден од најзначајните македонски современи поети. Автор е на дваесетина поетски книги, a пишувал и есеи, патописи и песни за деца. Добитник е на повеќе македонски, југословенски и светски книжевни награди. Поважни збирки поезија: Суша, свадба и селидби (1961), Корабија (1964), Високо пладне (1966), Боемија на Природата (1969), Низ проѕирката на мечот (1971), Сонце за кое змијата не знае (1972), Зрна (поезија, 1975), Молњи (поезија, 1978), Синот на Сонцето (поезија, 1999), Океан во капка (2008). Автор е на книгите есеи Што може поезијата (1993), Демократска џунгла (политички есеи, 1994), како и на патописот Отклучување на патиштата (1986).

ОкоБоли главаВицФото