Музиката и скептицизмот

13.07.2017 13:55
Музиката и скептицизмот

Го барав Сомнението во сите уметности, и го најдов само престорено, скриено, вовлечено меѓу паузите на инспирацијата, како изблик од опуштениот елан; не се откажав да го барам - дури и под оваа форма - во музиката; овдека не би можело да процвета: игнорирајќи ја иронијата, тоа произлегува не од итроштините на интелектот, туку од нежните или жестоки нијанси на Наивноста - глупоста на возвишеното, необмисленоста на бесконечното... Да речеш дека еден духовит збор нема звучен еквивалент, тоа значи дека еден музичар го оцрнуваш ако речеш дека е интелигентен. Овој атрибут го понижува и нема место во апатичната космогонија каде, како некое слепо божество, тој импровизира светови. Кога би бил свесен за неговата дарба, за неговиот гениј, тој би умрел од гордост; но не е одговорен за тоа; роден во пророштво, тој не може да се разбере самиот себе. На јаловите им останува да го интерпретираат: тој не е критичар, како што и Бог не е теолог.

Граничен случај на иреалноста и на апсолутното, бескрајно реална фикција, лага повистинита од светот, музиката ја губи својата привлечност штом, рамнодушни или нерасположени, се одделуваме од Создавањето и кога и самиот Бах ни изгледа како некаков блуткав шум; тоа е крајната точка на нашето неучество во нештата, на нашето оладување и опаѓање. Да ’ржеш по врвовите на возвишеното - ете тоа е саркастичниот триумф на субјективниот принцип, што нè прави роднини на Ѓаволот. Изгубен е оној што нема повеќе солзи за музиката, што живее само од сеќавањето на солзите што некогаш ги излеал: јаловата далекувидост изгледа ја победила екстазата - од каде извираа световите...

Извор: Précis de décomposition
Слика: Ирина Нахова

ОкоБоли главаВицФото