Наида Мујкиќ е гостинка на резиденцијалната програмата „Апсолутно модерен“ во Скопје

14.07.2017 00:57
Наида Мујкиќ е гостинка на резиденцијалната програмата „Апсолутно модерен“ во Скопје

Во рамки на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа „Готен“, а под покровителство на Европската мрежа за превод и книги „Традуки“, во текот на јули во Скопје престојува писателката Наида Мујкиќ.

Наида Мујкиќ е поетеса од Босна и Херцеговина, родена во Добој во 1984 година. Таа магистрирала на Филозофскиот факултет во Тузла и е избрана за виша асистентка на Филозофскиот факултет во Зеница, каде на неколку отсеци моментално држи вежби по книжевност. Мујкиќ е надворешна соработничка во неделникот „Став“ и е една од уредниците во списанието „Лингвазин“. Пишува блог и објавува филмски критики. Била водителка на женската поетска група Euterpes poetes troup при Филозофскиот факултет во Зеница.

Во 2006 година ја добила наградата „Диздар“ за необјавена збирка песни, а нејзината втора книга поезија „Љубавни шарти могула“ влезе во финалниот избор за книжевната награда „Хасан Каимија“ во 2016 година. Ова дело осцилира меѓу постмодернистичките интертекстуални процеси и неистражените полиња на една нова поетска сетилност, односно го прикажува комплексниот однос меѓу значењата и позицијата во културата на Босна и Херцеговина, при што се преместува од дотогашниот идејно-поетички склоп.

Наида е и добитничка на првата награда за Најдобра необјавена книга песни на манифестацијата „Слово Горчина“ во Столац, 2006 година, а нејзините песни се преведувани на германски, турски, корејски, македонски, италијански и англиски јазик. Учествувала на повеќе поетски меѓународни фестивали и книжевни средби, а нејзината поезија е дел од повеќе домашни и регионални антологии.

Мујкиќ во својата поезија се занимава со различни аспекти на босанско-херцеговската култура, како процесите на културата на сеќавање, војната, положбата на хомосексуалците, влијанието на исламот и традициите на модерното босанско-херцеговско општество итн. Односите кои ги воспоставува во своите текстови честопати ги одразуваат реалните односи во општеството, кои е важно да бидат препознаени и опишани.

Освен што пишува поезија, оваа авторка моментално работи на збирката кратки поетски раскази „Мали приказни“, на кои ќе работи за време на својот престој во Скопје. Во истиот период таа би сакала да придонесе кон што е можно подобра презентација на современата поезија од Босна и Херцеговина, како и на својата поезија.

Програмата на книжевната резиденција за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“ е во организација на издавачката куќа „Готен“, а се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

ОкоБоли главаВицФото