Абенхакан Бохари, умрен во својот лавиринт

14.07.2017 15:50
Абенхакан Бохари, умрен во својот лавиринт

 

... споредливи се со пајакот, што гради
куќа.
Куран, XXIX, 40


„Ова“, рече Данрејвен, со широко движење на раката што не ги избегнуваше облачните ѕвезди и што ги опфаќаше црната пустина, морето и една грандиозна и пропадната зграда што личеше на распадната коњушница, „е земјата на моите предци“.
Анвин, неговиот другар, си го извади лулето од уста и испушти скромни и потврдни звуци. Беше првото попладне од летото 1914 година; уморни од еден свет без достојноста на опасноста, пријателите уживаа во осаменоста на границата на Корнвол. Данрејвен растеше една темна брада и беше познат како автор на една значајна епопеја што неговите современици речиси не можеа да ја скандираат и чија тема сè уште не му беше откриена; Анвин имаше објавено една студија за теоремата што Ферма не ја напишал на маргините на една страница на Диофант. Обајцата - потребно ли е да го кажам тоа? - беа млади, занесени и страсни.
„Сигурно има четврт век“, рече Данрејвен, „откако Абенхакан Бохари, командант или крал на не знам кое нилотско племе, умрел од рацете на братучед му Заид во централната соба на таа куќа. И после многу години, околностите за неговата смрт се уште нерасветлени.“
Анвин праша зошто, послушно.
„Од разни причини“, беше одговорот. „На прво место, таа куќа е лавиринт. На второ место, ја чувале еден роб и еден лав. На трето место, исчезнало едно тајно богатство. На четврто место, убиецот бил мртов кога се случило убиството. На петто место...“
Анвин, уморен, го прекина.
„Не умножувај ги мистериите“, му рече. „Тие треба да бидат едноставни. Сети се на украденото писмо на По, сети се на затворената соба на Зангвил.“
„Или сложени“, одговори Данрејвен. „Сети се на светот.“

Минувајќи песокливи ридови, стигнаа до лавиринтот. Овој, одблиску, им заличи на еден прав и речиси бескраен ѕид, од неваросани цигли, одвај малку повисок од еден човек. Данрејвен рече дека има форма на круг, ама толку распространета беше неговата површина што не се забележуваше свиокот. Анвин се сети на Никола Кузански, за кој секоја права линија е свиокот на еден бесконечен круг... Околу полноќ открија една распадната врата, што водеше накај еден темен и страшен трем. Данрејвен рече дека во внатрешноста на куќата има многу вкрстувања, ама дека, вртејќи секогаш налево, ќе стигнат за помалку од еден час до средината на мрежата. Анвин потврди. Внимателните чекори одѕвонија по дрвениот под; ходникот се разграни на други потесни. Куќата изгледаше како да сака да ги задуши, таванот беше многу низок. Мораа да одат еден зад друг низ густата темница. Анвин одеше напред. Попречен од нерамнини и агли, течеше без крај под неговата рака невидливиот ѕид. Анвин, бавен во мракот, ја слушна од устата на својот пријател приказната за смртта на Абенхакан.

„Можеби најстарото од моите сеќавања“, раскажа Данрејвен, „е тоа за Абенхакан Бохари во пристаништето во Пентрет. Го следеше еден црн човек со лав; несомнено првиот црнец и првиот лав што ги виделе моиве очи, освен сликите во Библијата. Тогаш јас бев дете, ама ѕверот со боја на сонце и човекот со боја на ноќта ме исплашија помалку од Абенхакан. Ми се виде многу висок; беше еден човек со жолтеникав тен, со полузатворени црни очи, со чуден нос, со месести усни, со портокалова брада, со силни гради, со сигурен и тивок од. Дома реков: »Дојде еден крал со еден брод«. Потоа, кога работеа ѕидарите, ја проширив таа титула и го нареков Кралот на Вавилон.“
Веста дека странецот ќе се насели во Пентрет беше примена со задоволство; пространоста и формата на неговата куќа, со зачуденост, па дури и со вознемиреност. Се чинеше недозволиво една куќа да има само една соба и лиги и лиги ходници. „Маварите веројатно користат такви куќи, ама не и христијаните“, велеа луѓето. Нашиот парох, господин Алаби, многу начитан човек, ја откопа приказната за еден крал кого Божеството го казнило зашто издигнал лавиринт и ја раскажа од проповедницата. Во понеделникот, Абенхакан ја посети куќата на парохот; околностите од кратката средба не се дознаа тогаш, ама ниедна последователна проповед не алудираше на гордост, и Маварот успеа да вработи ѕидари. Години подоцна, кога умре Абенхакан, Алаби им ја кажа на властите содржината на разговорот.

Абенхакан му ги кажал, од нога, овие или слични зборови: „Веќе никој не може да го цензурира тоа што го правам јас. Гревовите со кои ме обесчестуваат се такви што дури и да го повторувам со векови последното Име на Господ, нема да е доволно да ублажи ниту една од моите маки; гревовите што ме обесчестуваат се такви што дури и да убијам со овие раце, тоа нема да ги влоши маките што ми ги наменила бесконечната Правда. Во некоја земја е непознато името мое; јас сум Абенхакан Бохари и ги водев племињата од пустината со железен скиптар. Долги години ги ограбував, со помош на братучед ми Заид, ама Господ ја чу мојата поплака и направи да се побунат. Моите луѓе беа скршени и заклани; јас успеав да побегнам со богатството собрано во моите години грабање. Заид ме одведе до гробот на еден светец, во подножјето на една планина од карпи. Му наредив на мојот роб да чува свртен накај пустината; Јас и Заид спиевме, преморени. Таа ноќ помислив дека сум затворен во една мрежа од змии. Се разбудив со ужас; до мене, во муграта, спиеше Заид; допирот од една пајажина по моето тело направил да го сонам тој сон. Ме заболе што Заид, кој беше страшливец, спие со таков спокој. Помислив дека богатството не е бесконечно и дека тој може да бара еден дел. На мојот појас стоеше камата со дршка од сребро; ја извадив и му поминав со неа по грлото. Во својата агонија пропелтечи некои зборови што не успеав да ги разберам. Го погледнав; беше мртов, ама јас се плашев дека ќе стане и му наредив на робот да му го распарчи лицето со камен. Потоа талкавме под отворено небо и еден ден здогледавме едно море. Го браздеа едни многу високи бродови; помислив дека мртовец не би можел да оди по вода и одлучив да побарам други земји. Првата ноќ кога пловевме сонив дека го убивам Заид. Сè се повтори, ама јас ги разбрав неговите зборови. Велеше: Како сега што ме бришеш ќе те избришам, каде и да си. Се заколнав дека ќе ја спречам таа закана; ќе се скријам во средината на еден лавиринт за неговиот дух да се загуби.“

Го кажал тоа и си заминал. Алаби се обидел да мисли дека Маварот е луд и дека апсурдниот лавиринт е симбол и едно јасно сведоштво за неговото лудило. Потоа помислил дека тоа објаснување се совпаѓа со чудната зграда и со чудната приказна, не со енергичната слика што ја дава човекот Абенхакан. Можеби таквите приказни биле нормални во египетските песоци, можеби такви чудни работи одговарале (како змејовите на Плиниј) помалку на еден човек отколку на една култура... Алаби, во Лондон, ги разгледал старите броеви на Тајмс; ја утврдил вистинитоста на побуната и на поразот на Бохари и неговиот везир, кој бил познат по тоа дека е страшливец.

Тој, само што завршиле ѕидарите, се сместил во средината на лавиринтот. Не го виделе повеќе во селото; понекогаш Алаби се плашел дека Заид веќе го нашол и убил. Во ноќите ветерот ни го носеше рикот на лавот, а овците од трлото се стискаа со еден исконски страв.

Обично се закотвуваа во малиот залив, тргнати накај Кардиф или Бристол, бродови од источни пристаништа. Робот слегуваше од лавиринтот (што тогаш, се сеќавам, не беше розов, туку со силно црвена боја) и разменуваше африкански зборови со посадите и изгледаше како да го бара меѓу луѓето духот на везирот. Беше познато дека тие бродови носат шверцувани стоки, а ако шверцуваа алкохол и слонова коска, зошто не, исто така, и сенки од мртовци?

Три години откако беше крената куќата, се закотви во подножјето на ридовите Rose of Sharon. Не бев од тие што го видоа тој едреник и можеби на сликата што ја имам за него, влијаат заборавени литографии од Абукир или од Трафалгар, ама знам дека беше од тие многу добро направени бродови што не личат на дела на бродски градител, туку на столар и помалку на столар отколку на човек што обработува абонос. Беше (ако не во реалноста, во моите соништа) сјаен, темен, тивок и брз, а го управуваа Арапи и Малајци.

Се закотви во муграта на еден од деновите од октомври. Околу квечерина, Абенхакан влетал во куќата на Алаби. Бил обземен од страста на ужасот; одвај успеал да изговори дека Заид веќе влегол во лавиринтот и дека неговиот роб и неговиот лав умреле. Сериозно прашал дали властите би можеле да го штитат. Пред Алаби да одговори, си заминал, како да го обзел истиот ужас што го донел во куќата, втор и последен пат. Алаби, сам во својата библиотека, помислил со чудење дека тој страшливец цврсто угнетувал во Судан племиња и знаел што е битка и што е убивање. Забележал, следниот ден, дека веќе отпловил едреникот (накај Суакин во Црвеното море, дозна после). Задишаната приказна на Бохари му се виде фантастична, ама во еден свиок на галериите го најде лавот, и лавот беше мртов, а во друг, робот, којшто беше мртов, а во централната соба Бохари, кому му го беа смачкале лицето. До нозете на човекот имаше еден ковчег обложен со седеф; некој ја беше отворил насилно бравата и немаше ниту една монета.

Крајните реченици, отежнати со ораторски паузи, сакаа да бидат елоквентни: Анвин насети дека Данрејвен ги има кажано многупати, со идентична сериозност и со идентична неефикасност. Праша, за да симулира заинтересираност:

„Како умреле лавот и робот?“
Непоправливиот глас одговори со меланхолично задоволство:
„И ним им го смачкал лицето.“
На шумот од чекорите се приклучи шумот на дождот. Анвин помисли дека ќе мораат да спијат во лавиринтот, во централната соба од приказната, и дека во споменот таа голема неудобност ќе биде авантура. Молчеше: Данрејвен не можеше да се воздржи и го праша, како некој што не простува некој долг:
„Не е ли необјаснива оваа приказна?“
Анвин му одговори, како да мисли на глас:
„Не знам дали е објаснива или необјаснива. Знам дека е лага.“
Данрејвен изусти брзо лоши зборови и се повика на сведоштвото на постариот син на парохот (Алаби, се чини, умрел) и на сите жители на Пентрет. Не помалку збунет од Данрејвен, Анвин се извини. Времето, во темнината, изгледаше подолго; двајцата се плашеа дека скршнале од патот и беа многу уморни кога една блага светлина од горе им ги покажа првите скалила од едни долги скали. Се качија и стигнаа до една тркалезна разурната соба. Два знака останале од несреќниот крал: еден тесен прозорец што гледаше накај пустината и морето, а на подот една замка што се отвораше над свиокот на скалите. Собата, иако пространа, многу наликуваше на затворска ќелија.

Помалку принудени од дождот отколку од желбата да живеат за да се присетуваат на ова и за анегдотите, пријателите ноќеваа во лавиринтот. Математичарот спиеше мирно; не така и поетот, гонет од стихови што неговиот разум ги сметаше за одвратни:

Faceless the sultry and overpowering lion,
Faceless the stricken slave, faceless the king.

Анвин мислеше дека не го заинтересирала приказната за смртта на Бохари, ама се разбуди со убедување дека ја дешифрирал. Целиот тој ден беше загрижен и бегаше, местејќи ги одново и одново парчињата, и три или четири ноќи подоцна, го повика Данрејвен во една пивница во Лондон и му ги кажа овие или слични зборови:

„Во Корнвел кажав дека е лага приказната што ја слушнав од тебе. Настаните беа точни, или можеле да бидат, ама раскажани како што ги раскажа ти, беа, на еден очигледен начин, лаги. Ќе почнам од најголемата лага од сите, од неверојатниот лавиринт. Бегалец не се крие во лавиринт. Не издига лавиринт на некое високо место од брегот, силно црвен лавиринт што го догледуваат оддалеку морнарите. Не е потребно да издигне лавиринт, кога светот веќе е тоа. За оној што навистина сака да се сокрие, Лондон е подобар лавиринт од еден видиковец до кој водат сите ходници од една зграда. Мудрото размислување што сега ти го предочувам ми дојде пред некоја вечер, додека слушавме како врне врз лавиринтот и чекавме да нè посети сонот; предупреден и подобрен од него, одлучив да ги заборавам твоите апсурдности и да мислам на нешто разумно.“

„Во теоријата на збировите, да речеме, или во една четврта димензија на просторот“, забележа Данрејвен.

„Не“, рече Анвин сериозно. „Помислив на лавиринтот од Крит. Лавиринтот чија средина бил човек со глава од бик.“

Данрејвен, експерт во полициски работи, помисли дека решението на мистеријата е секогаш поинфериорно од мистеријата. Мистеријата си помага со натприродното, па дури и од божественото; решението, со играта на рацете. Рече, за да го одложи неизбежното:

„Глава од бик има на медали и скулптури минотаурот. Данте го замислил со тело на бик и глава на човек.“

„И таа верзија ми одговара“, потврди Анвин. „Она што е важно е соодветноста на монструозната куќа со монструозниот станар. Минотаурот го оправдува постоењето на лавиринтот. Никој нема да го каже истото за една закана видена на сон. Откако го евоцирав ликот на минотаурот (фатално евоцирање во еден случај во кој има лавиринт), проблемот, виртуелно, беше решен. Сепак, признавам дека не сфатив дека тој стар лик е решението и така беше потребно твојата приказна да ми донесе еден попрецизен симбол: пајажината.“

„Пајажината?“, збунето повтори Данрејвен.

„Да. Воопшто не би ме зачудило пајажината (универзалната форма на пајажината, да се разбереме, пајажината на Платон) да го поттикнала убиецот (зашто има убиец) на неговото злосторство. Сигурно се сеќаваш дека Бохари, во една гробница, сонил мрежа од змии и кога се разбудил открил дека една пајажина му го предизвикала тој сон. Да се вратиме на таа ноќ кога Бохари сонил една мрежа. Победениот крал и робот бегаат низ пустината со едно богатство. Се кријат во една гробница. Спие везирот, за кој знаеме дека е страшливец; не спие кралот, за кој знаеме дека е храбар. Кралот, за да не го дели богатството со везирот, го убива со нож: неговата сенка му се заканува во еден сон, неколку ноќи подоцна. Сето ова е неверојатно; јас сфаќам дека настаните се случиле на друг начин. Таа ноќ спиел кралот, храбриот, а бдеел Заид, страшливецот. Да се спие значи да се оттргнеш од светот, а оттргнувањето е тешко за оној што знае дека го гонат со голи мечеви. Заид, лаком, се наведнал врз сонот на својот крал. Помислил да го убие (можеби играл со ножот), ама не се осмелил. Го повикал робот, сокриле дел од богатството во гробницата, побегнале во Суакин и во Англија. Не за да се сокрие од Бохари, туку за да го привлече и да го убие, го изградил високиот лавиринт со црвени ѕидови што се гледал од морето. Знаел дека бродовите ќе ја донесат до пристаништата во Нубија фамата за црвениот човек, за робот и за лавот и дека, порано или подоцна, Бохари ќе дојде да го побара во неговиот лавиринт. Во последниот ходник од мрежата демнела замката. Бохари го презирал бесконечно; немало да се понижи да преземе ни најмала мерка на претпазливост. Дошол очекуваниот ден; Абенхакан слегол од брод во Англија, отишол до вратата на лавиринтот, се движел по темните ходници и веќе стапнал, можеби, на првите скалила кога неговиот везир го убил, не знам дали со куршум, од замката. Робот веројатно го убил лавот, а друг куршум веројатно го убил робот. Потоа Заид ги изобличил трите лица со еден камен. Морал да постапи така; само еден мртовец со распарчено лице би претставувал проблем за идентификација, ама ѕверот, црнецот и кралот сочинувале една серија и, според почетните спознанија, сите ќе го постулираат последново. Не е чудно што владеел со него стравот кога зборувал со Алаби; само што го извршил ужасниот чин и се подготвувал да избега од Англија за да си го најде богатството.“
Една замислена или зачудена тишина им следеше на зборовите на Анвин. Данрејвен порача уште една кригла пиво пред да даде мислење.

„Прифаќам“, рече, „дека мојот Абенхакан е Заид. Такви метаморфози, ќе ми кажеш, се класични измислици на жанрот, вистински убедувања чија опсервација ја бара читателот. Она што одбивам да го прифатам е претпоставката дека еден дел од богатството останало во Судан. Сети се дека Заид бегал од кралот и од непријателите на кралот; полесно е да го замислиме како го краде целото богатство отколку да губи време за да закопа еден дел. Можеби не биле најдени монети зашто немало монети; ѕидарите веројатно потрошиле една сума што, за разлика од црвеното злато на Нибелунзите, не била бесконечна. Би го имале така Абенхакан како го поминува морето за да бара едно залудно потрошено богатство.“

„Залудно потрошено не“, рече Анвин. „Вложено во правење во земја на неверници една голема кружна замка од цигли наменета да го фати и уништи. Заид, ако твојата претпоставка е точна, бил воден од омразата и од стравот, а не од лакомоста. Го украл богатството и потоа сфатил дека богатството не е најважно за него. Најважното било да умре Абенхакан. Глумел дека е Абенхакан, го убил Абенхакан и на крајот бил Абенхакан.“

„Да“, потврди Данрејвен. „Бил вагабонт што, пред да биде никој во смртта, веројатно ќе памтел дека бил крал или дека глумел дека е крал, некогаш.“

На сликите: Тезеј, Аријадна, Минотаур, лавиринти...
Превод: Ненад Велковски
Извор: Хорхе Луис Борхес, АЛЕФ; Бегемот, 2015, Скопјe

ОкоБоли главаВицФото