1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Ете, драги мои, по единаесетгодишниот мрак, во кој само во Аеродром беа изградени 1.568.643 цркви и параклиси, на површини на која пред тоа безвезе трчеа децата на (без)верниците, по топки, а не по вистината за Бога, што во меѓувреме, им ја направија достапна вмроните на диктатурата и поповите на емпецето во цврста спрега на мек клерофашизам на простаклукот, апсолутната затапеност и примитивизмот, во школите и во бесмислените богомолки расфрлани по теренот како православни хоџистички бункери, по обновата на возниот парк на клерот под нивото на „Бентли“, со нови станбени и други сервиси, посни коњетини и бизонетини, дојде живот и за Црквата, толку ми е драго што и тие ја почувствуваа слободата, на некој начин слободата од себе, оти аждајата што нè покоруваше сето време беше единство што го персонифицираа Никола и Стефан, а оперативно го манифестираа службите на Сашо и Ага Тангел.
Малку ме загрижува песната што му ја отпеале на Заев. Стара панкерска ствар од која ти доаѓа да си ја скршиш главата од носачот на првиот семафор. Стефан директно побарал од премиерот веќе в понеделник да му го поправи кровот во Свети Пантелејмон и да го прати Оливера да чува стража пред трите икони во Свирипичино што сè уште не се украдени само затоа што црковноцивилната мафија оценила дека за нив не можат да се добијат по повеќе од три евра по парче на берзата на уметност во Рим.
Одушевен сум од согласноста што е постигната околу тоа Богословскиот факултет да се префрли на носачот на авиони на емпецето во Охрид, зашто на тој начин значително ќе се намалат трошоците за производство на идните чувари на нашите души.
И, конечно, тоа експлицитно не е наведено во соопштението, очигледно дека дедо Стефан добил јасна поддршка во битката за автокефалност на МПЦ. Тоа е многу важно. Зашто, да се разбереме, џабе ни се НАТО и ЕУ ако црквата не ни е автокефална. Сè ни е џабе. Слушам дека една од опциите е да им ја дадат главата на МАНУ, нив и така за ништо не им служи.
П.С.
Неофицијално дознаваме дека архиепископот му шепнал на Заев дека нивното искуство со промената на името е позитивно, дека таа промена воопшто не влијаела врз нивниот идентитет, трговското друштво за односи со Бога од порано си останало трговско друшто за односи со Бога и сега.
Тоа е, драги мои.
Животот е опасна ѕверка.
Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња