Поранешен функционер од ДПМНЕ жали што не пробал човечко месо

15.07.2017 12:41
Поранешен функционер од ДПМНЕ жали што не пробал човечко месо

Скопје, 15 јули 2017

Поранешен функционер на ДПМНЕ, неодамна разрешен од функцијата, не крие дека во последно време сè почесто жали дека за време на својот мандат не успеал да проба човечко месо.

Функционерот, кој извршувал важна функција во МВРО, тврди дека не постои суштество на оваа планета што не се нашло на неговата трпеза.

„Значи, буквално имам пробано сè, од варени мравки, пржени стоногалки, печени бизони до динстани мадиња на африкански лав. Единствено жалам што никогаш не успеав – а многу сакав – да пробам човечко месо“, вели Р. Т., истакнат партиски деец на МВРО-ДПМНЕ и поранешен носител на јавна функција.

Од намерата не го одвратиле разубедувањата на неговите блиски туку разрешувањето од функцијата.

„Бев многу блиску до остварување на мојата дамнешна желба. Единствено што ме спречи беше тоа што бев разрешен од функцијата, па не можев да уживам во привилегиите што ми ги пружаше таа, а и не можев да располагам со јавните пари“, додава тој. „А сите знаеме колку скапо чини човечкото месо, посебно она квалитетното.“

Р. Т. вели дека сега нема доволно пари за остварување на својата желба, но дека ќе се потруди да ја реализира при првата шанса што ќе му се укаже.

„Едвај чекам да се вратиме на власт“, вели тој. „Ми се здосади од поховани пиперки со домашна урда.“

Слика: Александар Дојранлиев