Смртта на човекот кој немаше непријатели

17.07.2017 04:34
Смртта на човекот кој немаше непријатели

Лиу Ксијаобо, еден од најпознатите критичари на кинеските властодршци, почина на 13 јули по долгогодишна затворска казна. Лиу, добитник на Нобеловата награда за мир, се залагаше за мирно воведување демократија во Кина.

 

Лиу Ксијаобо беше вистински кинески патриот. Човек со визија и мисија за својата земја. Не дозволи да го уплаши семоќната Комунистичка партија. Со непокорност вредна за восхит, се држеше до своите уверувања дека еднопартиската диктатура не е најдобар пат за Кина и Кинезите, туку – демократијата. Поделбата на власта и владеењето на правото. Му беше јасно дека таквиот став може да го доведе до неволји.

„Губењето на слободата спаѓа во професионалниот ризик на дисидентите“, изјави Лиу летото во 2007 за Дојче Веле. Тогаш, непосредно пред одржувањето на Олимписките игри во Пекинг, кинеските власти се покажуваа донекаде поотворени за светските медиуми. Тогаш во хотелската соба Ксијаобо седеше - мал и речиси кршлив, со кратка коса и очила. Изгледаше како интелектуалец од учебник. Но беше надарен со челична волја, храброст и хумор. Уште тогаш зад себе имаше затворско искуство: во деведесеттите три пати беше зад решетки, одлежувајќи вкупно пет години.

Прв пат дојде во судир со властите по насилното задушување на демократското движење во јуни 1989. Непосредно пред тој датум се врати од истражувачки престој во САД. Сакаше лично да биде дел од демократското движење. Ноќта помеѓу 3 и 4 јуни на Тјенанмен успеа да издејствува повлекување на група студенти од плоштадот, со што ги спаси тие луѓе од масакр. Кланицата на плоштадот длабоко беше втисната во неговата свест. Сметаше дека е негова должност, откако преживеа, да се бори за правда во име на убиените.

„Кон убиените имам чувство на должност кое никако не ме напушта.“

Карта 08

Во декември 2008 Лиу Ксијаобо, заедно со 300 други кинески интелектуалци и активисти за заштита на човековите права, ја потпиша Картата 08. Во тој манифест се бара мирна демократизација на Кина. Наброени се 19 мерки кои би ја подобриле состојбата на човековите права во Кина. Побарани се независно судство, слобода на здружување и крај на еднопартискиот систем. Режимот го сфати тоа како фронтален напад, особено затоа што потписниците беа од многу различни, а понекогаш и спротивставени кругови.

Неколку денови по објавувањето на Карта 08 беше уапсен како еден од главните иницијатори. Осуден е на 25 декември 2009 на 11 години затвор поради поттикнување на уривање на државната власт. Џон Кам, основач на американската група за правна помош „Дијалог“ констатира дека Лиу тогаш добил најдолга затворска казна од воведувањето на казнениот член по кој е судено од 1997. Со перфидна режија на судскиот процес, пресудата е објавена на 25 декември 2009 година, зашто божиќните празници во светот гарантираат најмало можно внимание.

„Немам непријатели“

Во февруари 2010, Лиу Ксијаобо го објави есејот во кој реагираше на пресудата: „Би сакал да му порачам на режимот кој ми ја одзеде слободата - јас немам непријатели. Не го прифаќам вашиот надзор, вашиот затвор, ниту вашите пресуди. Но ја почитувам и вашата професија и вашата личност.“

Лиу се изјасни и против омразата: „Омразата ја разјадува мудроста и совеста на секоја личност. Мислењето проникнато со омраза може да го отруе духот на нацијата, да ја разори толеранцијата и човечноста и да го спречи патот кон напредокот и демократијата. Се надевам дека ќе бидам во состојба да одговорам на нетрпеливоста на режимот со најдобри намери и да ја ублажам омразата со љубов.“

Текстот е прочитан на 10 декември 2010 година на доделувањето на Нобеловата награда за мир кога на подиумот неговиот стол остана празен. Норвешкиот комитет за доделување на Нобеловата награда ја образложи својата одлука да му ја додели Нобеловата награда за Мир на Лиу Ксијаобо за „долгата и ненасилна борба за основните човекови права во Кина“.

Сопругата на Лиу под притисок

Дури ни неговата жена Ксија не доби дозвола да отпатува во Осло и да ја прими наградата наместо него. И таа е некој вид затвореничка - таа е уметница која е во домашен притвор уште од 2010 година. Од времето кога сè уште смееше да разговара со новинари, таа изјави: „Лиу Ксијаобо има неверојатно силна волја. Кога верува во некоја цел, ќе оди во тој правец. Дури и ако знае дека никогаш нема да може да ја достине целта. Тој во себе носи нешто неверојатно тврдоглаво.“

Многубројните апели до кинеските власти да го пуштат на лечење тешко болниот дисидент не беа послушани. Кон крајот на јуни 2017, тој накратко излезе од затвор за веднаш да биде одведен во болница поради рак на црниот дроб во последен стадиум. Неговиот адвокат рече дека властите му одобриле „условна казна“ поради медицински третман. Но не смееше да оди на лечење во странство.

Почина на 13 јули 2017. Имаше 61 година.

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

Активизам / Европа / Балкан / Свет
Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото