Брегзитот и ангелот на уништувањето

17.07.2017 10:04
Брегзитот и ангелот на уништувањето

На референдумот од 23 јуни 2016 година, од британските гласачи се бараше да одговорат на едноставното лажливо прашање „да се остане“ или „да се излезе“ и тие, со мало мнозинство, одлучија „да излезат“ од Европската унија. Меѓутоа, една година подоцна, Велика Британија и натаму е членка на ЕУ. Иако, брегзитот конечно ќе се случи на 29 март 2019 година, мошне е неизвесно дали тој рок е реален – впрочем, не е неизвесно само кога, туку и како, па дури и дали ќе се случи брегзитот. Најпосле, би можело да се покаже дека брегзитот воопшто не значи брегзит!

Може да се каже дека откако одлучи да ја „напушти“ ЕУ, Британија сега прави сè што е во нејзина моќ за да го попречи тој процес. Бидејќи ѝ беа потребни девет месеци за да го активира членот 50, премиерката Тереза Меј набрзо потоа најави предвремени општи избори чија цел, како што рече, е создавање „силна и стабилна“ влада, но наместо тоа доби парламент во кој ниедна партија нема мнозинство. Како Велика Британија на мистериозен начин да е спречена да ја напушти ЕУ: постојано се појавуваат пречките кои самата си ги постави и кои главно можеа да се избегнат. На многу надворешни набљудувачи сагата за брегзитот им изгледа мошне комична. Дури и „надреална“.

Во филмот на Луис Буњуел Ангелот на уништувањето од 1962 година, имотните гости кои се на вечера во раскошна приватна куќа откриваат дека од некоја необјаснива причина не можат да си заминат. Се чини дека Велика Британија е во слична „надреална“ положба, чии причини можат да се следат наназад до референдумот кој беше лошо замислен и лошо изведен. Беше лошо замислен зашто во 2015 година немаше широко барање за референдум за продолжување на членството во ЕУ. Референдумот го смисли Дејвид Камерон како начин за да ги реши вечните внатрешни тешкотии кои ги има Конзервативната партија со своето евроскептично крило. Најпосле, тој план предизвика лична катастрофа за Камерон и катастрофа за националниот интерес на Велика Британија, а врвот беше достигнат со сегашниот „надреален“ британски ќорсокак.

Референдумот не беше само непотребен туку беше и лошо изведен. Имаше барем два големи недостатоци. Првиот беше замислата дека национална одлука за нешто толку значајно може да се донесе со просто мнозинство гласови. Значајните уставни промени извесно бараат мнозинство кое е многу поголемо од плус еден! Вториот недостаток е очекувањето дека едноставното прашање „останување“ или „излегување“ на гласачкото ливче може да пружи доволна и јасна информација. Членот 50 од Лисабонскиот договор речиси и да не е споменат за време на референдумската кампања ниту имаше сериозна дебата за неговите многубројни законски и политички импликации. „Договорното излегување“ според членот 50 значи дека, во принцип, Велика Британија може да „излезе“ од ЕУ на „мек“ или „тврд“ начин, па дури и без никаков договор. Сето тоа се можни начини за „излегување“ од ЕУ, а последиците се мошне различни. Но, ништо од тоа не се најде на гласачкото ливче од 23 јуни 2016 година.

Се чини дека Велика Британија, после непотребниот референдум чиј резултат сега е изложен на спротивставени толкувања, стигна до кошмарната буњуеловска состојба: сака да си оди, но не е во состојба да одлучи кога, како, па ниту дали ќе си оди. Може да се каже дека деновиве никој, вклучувајќи ги и Британците, не знае што сакаат тие од брегзитот. Во филмот нема објаснување зошто гостите не можат да ја напуштат куќата на својот домаќин. Впрочем, Буњуел го почнува своето „надреалистичко“ ремек дело со тврдењето дека најдоброто објаснување е дека, од „аспект на чистиот ум“, нема објаснување. Зарем истото не би можело да се каже за сегашната „надреална“ состојба на преговорите за брегзитот?

Во филмот, зачудените и збунети гости кои не можат да „излезат“ стануваат пакосни и зајадливи, се вртат еден против друг и откриваат некои од најлошите аспекти на човечката природа. Се надеваме дека британското општество нема да го следи тој пример, односно нема да станува сè поподелено и погубно поларизирано заради непотребниот и фаличен референдум. По неуспехот на Тереза Меј да добие јасна поддршка од граѓаните за својата „тврда“ стратегија за брегзитот на предвремените општи избори, сè погласни се разни гласови – меѓу другите и на министерот за финансии – кои бараат „мек“ брегзит. Меѓутоа, ни „мекиот“, ни „тврдиот“ брегзит нема да ги ублажат острите поделби што произлегоа од референдумот од 2016 година; „постепениот“ брегзит би имал поголема шанса да успее.

„Постепениот“ брегзит би значел дека одлуката за излегување од ЕУ се носи во неколку фази. Во првата фаза Велика Британија би излегла од ЕУ на 29 март 2019 година, но во краткиот преоден период би останала членка на Европската економска зона.

Ова решение во кое се здружуваат недостатоците на другите две, секако, нема веднаш да се занимава со трнливите прашања за „неконтролираната“ имиграција, придонесите за буџетот на ЕУ и јурисдикцијата на Европскиот суд на правдата, но накратко би обезбедило простор за дишење и би ја намалило неизвесноста за време на продолжувањето на трговските преговори. „Постепената“ одлука за брегзитот би ги отстранила опасностите од преговорите без договор и би обезбедила време за понатамошно размислување и простор за компромиси во жестоко поделената нација. Додека ја џвакаат и варат целосната слика на брегзитот, граѓаните и натаму ќе можат демократски да одлучуваат за ваква или онаква промена на курсот, односно дали да продолжат со „тврдиот“ брегзит и да излезат од ЕЕЗ, или да останат во ЕЕЗ, но надвор од ЕУ, или дури да се вратат со полно членство во ЕУ.

И покрај тоа, за време на периодниот период ЕУ би можела да воведе реформи, особено за прашањата на слободното движење на луѓето, со што би била отстранета една од најголемите замерки на заговорниците на „тврдиот“ брегзит. Кога формално би се воспоставила реверзибилноста за активирање на членот 50, привлечноста за постепено заминување би се зголемила и тоа би требало сериозно да се разгледа. Пред британските избори таа опција можеше да изгледа како мечтаење на симпатизерите за „останување“. Меѓутоа, можеби после резултатите од општите избори шансите за „постепен“ брегзит се намалени.

Фотографиите се од филмот „Ангелот на уништувањето“ на Луис Буњуел

Извор: https://www.socialeurope.eu/