Како татко ми ме научи да бидам маж

17.07.2017 12:33
Како татко ми ме научи да бидам маж

Во октомври 1991 година имав 14 години и живеев со татко ми. Тој имаше мисија во целост да ја разбуди мојата машкост. Во државата Вашингтон, мајка ми ја поттикнуваше мојата неконвенционалност, па кога пристигнав во Филаделфија, имав долга кадрава коса што се обидував да ја обојам русо, но завршив со чудна портокалова боја. Набрзо, татко ми ме одведе во берберница и ми ја скратија целата коса. Се воздржував да не заплачам седнат на столот, додека тој ме гледаше, подготвен да збесне ако види солза. Бев многу женствен, а тој беше посветен на прочистување на женскоста од мене.

Секогаш кога ќе манифестирав женствено движење или звук, тој пукаше со прстите, како господар кој го тренира своето куче. „Секој пат кога ќе пукнам, тоа значи дека се однесуваш како девојче“, велеше тој. Од неговите потпукнувања потскокнував, предизвикувајќи бескрајна анксиозност додека се молев да поминам еден ден без да ги слушнам. Ако зборував, одев или се движев спротивно на неговите стандарди за машкост, после неколку потпукнувања, тој го истураше бесот врз мене: „Престани да се однесуваш како педер! Престани! Ако продолжиш да се однесуваш вака, ќе пораснеш и ќе те ебат мажи! Дали го сакаш тоа?“ Јас ја апсорбирав перформативноста на машкоста. Морав да дејствувам. Неважно дали тоа е реално; целта беше да ги убедам другите во мојата машкост пред да биде доведена во прашање.

Станав сериозно интровертен. Се плашев да зборувам или да се движам премногу нагло и бев во состојба на постојана нервоза. Немаше простор да бидам јас. Бев етикетиран како „нервозно дете“, но никој не сфати дека татко ми ме чува на давечки, хипермаскулински поводник. Ја вежбав машкоста во огледало. Обидувајќи се да ги наместам рацете на „вистинскиот“ начин, темпирајќи ги моите чекори без да се „занишам“; проучувањето на машкоста беше мојата техника за преживување за да ја издржам менталната злоупотреба од татко ми.

Додека бев во средно училиште, татко ми сакаше да види девојка во животот на неговиот 15-годишен син. Кога конечно донесов девојка, тој рече: „ако твојата девојка сака да преспие, може. Таа може да каже дека пресива кај некоја пријателка. Јас нема да ѝ кажам на нејзината мајка. Нема ништо погрешно во тоа да имаш девојче во креветот.“ Татко ми беше толку оседнат со мојата сексуалност, што сакаше да поттикне 14-годишно девојче и 15-годишно момче да спијат во ист кревет, надевајќи се дека ќе ја спаси мојата хетеросексуалност. Мојата девојка никогаш не преспа, но поминавме неколку дена после училиште сами во мојата спална соба, додека татко ми беше во дневната соба, веројатно молејќи се нејзината вагина да ме преобрати.

Ова е извадок од брилијантната нова колекција на лични есеи за расата, класата, полот, сексуалноста и верата на Клеј Кејн – Live Through This. Новинар, телевизиска личност и режисер на Holler if You Hear Me: Black and Gay in the Church, Кејн ја нарекува книгата „директен одговор на политиката на Трамп“. Не можеме да се согласиме повеќе.

Извор: coalition.org.mk