Мисирков одново меѓу нас

18.07.2017 09:33
Мисирков одново меѓу нас

По повод потпишувањето на договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, размислувам: македонските научници не ѝ прават услуга на својата земја ако во своите изјави и анализи не ја користат апаратурата на науката за меѓународната политика, туку јазикот на домашната политика или на европската дипломатија. На јавноста ѝ се потребни поиздржани објаснувања на ова позитивно свртување во нашата политика, потенцијално, со далекусежни последици. Затоа, не може целата аргументација да се сведе на партиско постројување во поддршка или прoтив прокламираната политика, или на бриселската дипломатска реторика за добрососедство.

Во таа смисла, има што да се научи од Крсте Мисирков. Можеби најчесто употребуваниот збор на Мисирков во неговaта „За македонцките работи“ е зборот „интерес“. Во мојот примерок, тој збор е потцртан на секоја страница, и по повеќе пати. Интерес. Така вистински научник си ја објаснува меѓународната политика и положбата на Македонија во неа. Брилијантната анализа на Мисирков на вкрстените интереси на големите сили и на интересите на околните балкански држави во Македонија, последната европска провинција на отоманска Турција, го води до заклучокот дека ако не прогласиме сопствена македонска (словенска) нација и сопствена држава, ќе бидеме поделени.

Ова е почетокот на дваесеттиот век кога нашиот славен предок бил исправен пред страшната и храбра одлука, како што пишува уште на првата страница, да повика на „национален сепаратизам“ од бугарската нација. На ваквиот негов став пресудно влијаел поразот на Илинденското востание за кое британскиот новинар од Балканот и автор на познатата книга „Македонија: нејзините раси и нејзината иднина“, ќе напише:

„Моментот за кој бугарското население во Македонија се подготвуваше десет години, дојде на празникот на денот на пророкот Илија – вечерта од неделата, на 2 август 1903“. Но, поразот на востанието и поведението на бугарската држава, која раководена од своите државни интереси, директно не притекнува на помош, станува патоказ за идното поведение на нашиот народ: заедничката македонска мака, нашето заедничко страдање станува посилно од чувството на припадност кон бугарската нација. Интересот да се опстане како народ и како територија, да не се биде поделен и асимилиран станува доминантен. Другото е историја.

За нас Македонците, поразот на Илинденското востание во 1903 имаше два ефекти: го означи крајот на пан-бугарскиот проект кој не можеше да се реализира заради противењето на соседните држави и ривалитетот помеѓу големите сили, но исто така го означи и почетокот на, како што Мисирков го има наречено, македонски национален сепаратизам од бугарската нација.

Нов, домороден македонски бленд кој секогаш постоел како тенденција за надминување на грчките, српските и бугарските влијанија, конечно избива на површина во текот на Втората светска војна. Како дел од решението на југословенското национално прашање од страна на комунистичкото движење, се раѓа новата македонска нација. Онаа за која што пишува Мисирков на почетокот од векот.

Извор: Плусинфо, 18 јули 2017

ОкоБоли главаВицФото