Закана

18.07.2017 12:06

Тоа е љубов. Ќе се обидам да се сокријам или избегам.

Растат ѕидовите на нејзиниот затвор, како во страшен сон.

Убавата маска се променила, но, како и секогаш, посебна е.

Чуму моите талисмани: занимавањето со книжевност, несигурната ерудиција, учењето зборови што ги користел остриот Север за да ги опее своите мориња и своите мечови, ведрината на пријателството, библиотекарските галерии, обичните нешта, навиките, младата љубов на мајка ми, воинските сенки на предците, безвремената ноќ, вкусот на сонот?

Да се биде со тебе или да не се биде со тебе е мерата на моето време.

Веќе стомната се скршила на изворот, веќе човекот станува со црцорот на птицата, потемнеле оние што гледаат од прозорецот, но темнината не донесе спокој.

Тоа е, веќе знам, љубов: немирот и олеснувањето кога го слушам твојот глас, чекањето и сеќавањето, ужасот на живеењето во иднина.

Тоа е љубовта со своите митологии, со своите непотребни мали маѓии.

Има еден уличен агол низ кој не се осмелувам да поминам.
Војски веќе ме опколуваат, орди.

(Собава е нестварна; таа не ја видела.)

Името на една жена ме издава.

Ме боли една жена насекаде по телото.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото