„Не сум твоја сопственост“

19.07.2017 11:01
„Не сум твоја сопственост“

Со песната „Не сум твоја сопственост“ (You Don't Own Me) на Лесли Гор завршува одјавната шпица на секоја епизода од серијата „Приказна на слугинката“ (The Handmaid’s Tale), која од неодамна се прикажува на многу телевизии. Со оваа песна Лесли Гор стана позната на 17-годишна возраст, во 1963 година. Таа почина пред две години и никогаш не криеше дека е лезбејка. Триесет и три години живееше во среќна врска со својата партнерка, сè до нејзината смрт.

Песната беше важен поп-културен знак на тн. втор бран на феминизмот и така треба да се толкува и во серијата. Всушност, требаше да се изгради редица нови асоцијативни врски, знаци, метафори – за да речиси заборавениот роман на Маргарет Етвуд ја изрази, а можеби со итрата историзација делумно и ја сокрие, својата застрашувачка актуелност.

Се сеќавам како ја дочекавме 1984 година, во која ништо од истоимениот роман на Орвел не стана нова реалност: на големо се развиваше политикатата на детант, СССР од периодот на стагнацијата (Брежњев и Косигин), по смртта на Андропов на почетокот на таа година, полека преминуваше во очигледно поинакво општество. Целата негативна утопија може да се гледа како нешто надминато и застарено и така, футуристичкиот роман на Орвел стана историски.

Романот на Маргарет Етвуд го доживеа токму спротивното - од дистописка фантазија стана предвесник на блиската иднина, можеби само во САД, можеби само за образованата и информирана јавност, а можеби дури и за општеството во кое маж со камен во глава ја убива поранешната сопруга пред нивните деца, во центарот за социјална работа...

Наспроти омилената и сосема разбирлива тенденција домашната ситуација да се гледа како најлоша, склона сум на толкувањето дека невообичаено рафинираната, комплексна и повеќеслојна проза на Маргарет Етвуд има глобален карактер и дека пораката е испратена до сите, особено до жените.

Неодамна почина Симон Вел, Еврејка, која како дете го доживеала Аушвиц, важна европска политичарка, жена со речиси католички строг морален кодекс и министерка која, по навистина лавовска борба, успеа во Франција да се декриминализира и легализира абортусот во раните седумдесетти години на минатиот век.

Таа не им беше омилена на вториот бран феминистки на кои им го отвори патот во официјалната политика и засекогаш скрши некои патријархални табуа. Тоа е обично судбината на оние клучни, неочекувани помагачи кои немаат ниту потреба, ниту желба да се идентификуваат со сите оние што ја искористиле нивната храброст. Симон Вел е погребана во Пантеон, каде што почиваат најзаслужните Французи, 76 на број, а меѓу нив, заедно со Симон, само пет жени - Софи Бертело, сопруга на познатиот хемичар, која е погребана таму по барање на нејзиниот сопруг, речиси по грешка, по многу дебати таму е погребана Марија Кири, потоа Женевјев де Гол-Антониоз, внука на генералот де Гол и Жермен Тилион, и двете на предлог на претседателот Оланд, во 2015 година: и двете беа во концентрационен логор, Женевјев ги организираше луѓето што ги преживеале нацистичките логори и беше посветена на борбата против сиромаштијата, Жермен беше во движењето на отпорот, значајно ја унапреди француската етнологија и активно се спротивставуваше на францускиот колонијален терор во Алжир.

Конечно, таму е погребана и Симон со одлука донесена без двоумење на претседателот Макрон.

Поранешниот судија на Европскиот суд за човекови права во неколку мандати, веднаш по неговото враќање во Словенија, како многу потребен експерт - вработен во Министерството за правда, Боштјан М. Жупанчич, кој важи и за филозоф, на социјалните медиуми објави своја оценка дека Симон Вел била најголемиот убиец што го памети човештвото, бидејќи убила милиони...

Во некои минати времиња, тоа не би поминало без дипломатска нота, а потоа, се разбира, без протести на поголем број жени, женски и други организации, некоја посериозна петиција: но сега ништо. Човекот што седеше во институцијата, која немаше да постои без Симон Вел и нејзината европска политика, фрли камен на човековите права (кои од 1997 година се и права на жените), тој фрли камен и на многу устави, меѓу нив и на словенечкиот.

Од страшната реалност на фемицидот, преку дозволената гнасна мизогинија, сè до високо рефлективната феминистичката литература, паѓа во очи отсуството на брз и ефикасен одговор на свесната женска популација, феминистичката култура и зошто да не, од феминистичката поп-култура, барем на локално ниво.

Напротив, се забележува беспомошна отвореност за манипулација, едноставно кажано, наседнување на секој повеќе или помалку евтин трик што авторитарната власт сега го применува сосема отворено. Така масовно се налета и на трикот со премиерката. Гледајќи го нејзиното предмандаторско интервју на N1, не можев а да не се сожалам над либералните душички кои подоцна го бранеа нејзиниот ЛГБТ идентитет. Имено, Ана Брнабиќ зоруваше како некој млад машки бараба на Вучиќ, какви што сме виделе десетици во медиумите пред последните избори. Совршено ја знаеше аритметиката и процентите на гласовите на Вучиќ (толку повеќе од неговиот прв противник, толку пати повеќе од вториот, па сè до крајот на листата на кандидати), а сепак, на прашањата од својот министерски ресор не успеа да извлече ниту една бројка или процент и неколку пати беше јасно дека не го разбира прашањето, а малку помалку пати дека се прави луда (не ги знам процентите).

Не би имала ништо против драматичен пресврт во иднина, но дотогаш, неземањето предвид на оваа тема ми се чини многу поразумно.

Наспроти тоа, проширувањето на просторот на феминистичката и ЛГБТ култура ми се чини далеку поважно - од дебати за ТВ серијата „Приказната на слугинката“ и романот на Маргарет Атвуд, до цвеќиња и женска стража пред Центарот за социјална работа во Нов Белград, именување на жртвата и пишување за неа. А без големи демонстрации, фемицидот нема да биде опасен и за сторителите.

Извор: Peščanik.net, 10.07.2017
Фотографии: Лаура Макабреску

Слични содржини

Книжевност / Култура
Култура / Историја
Книжевност / Култура
Балкан / Култура
Култура / Филм

ОкоБоли главаВицФото