Отпуштен човекот кој 27 години го позајмуваше гласот за жабецот Кермит

19.07.2017 13:20
Отпуштен човекот кој 27 години го позајмуваше гласот за жабецот Кермит

Стив Витмаер, човекот кој го позајмуваше гласот за жабецот Кермит, е отпуштен по 27 години.

Од компанијата Дизни велат дека одлучиле да ја прекинат соработката, затоа што се противел на промените кои се воведени кај омилениот лик од Мапет Шоу и кои, според него, се спротивни на желбата на покојниот Џим Хенсон, творецот на Мапетите.

Витмаер за Hollywood Reporter изјави дека отпуштен уште во октомври.

„Имаа проблем затоа што сметаа дека немам почит, затоа што гласно му се спротивставував на креативниот тим на ABC“, рече Витмаер, кој работи со екипата на Мапет Шоу од 1978.

„Се бунев затоа што ги почитувам сите кои беа вклучени во настанокот на серијата“, вели Витмаер.

Дизни и Мапетс Студио наведуваат други причини и велат дека Витмаер покажал „неприфатливо деловно однесување“, дека бил „непријателски настроен“ и „непродуктивен“.

„Улогата на жабецот Кермит е легендарна и се чувствуваме одговорни да го заштитиме интегритетот на ликот“, вели претставник од студиото за Hollywood Reporter.

Витмаер, пак, тврди дека предмет на спорот било сценариото според кое Кермит го лаже својот внук Робин за раскинувањето со Мис Пиги. Сценариото никогаш не е реализирано, зашто сезоната е откажана.

„Мислам дека Кермит не би лажел. Мислам дека би му рекол оти таквите работи се случуваат и тоа не значи дека повеќе не го сакаат него. Кермит е премногу чувствителен за да лаже некого, само за да му ги поштеди чувствата. Се занимаваме со овие ликови многу долго и ги знаеме подобро од кој било. Мислам дека придонесувам за тоа серијата да го задржи правецот и дека сезоната е откажана затоа што не ме послушаа. Не велам дека би ја спасиле моите забелешки, но мислам дека треба да ги послушаат изведувачите.“

Улогата на Кермит ќе ја преземе Мет Вогел, кој веќе долго работи со Мапетите.

Извор: Hollywood Reporter