Споредби

19.07.2017 13:13
Споредби

Излегува на телевизија едно пиже, еден од оние стотици човек-фирма издавачи, не умее две правилни реченици да стокми, ама знае дека на државата ѝ треба поагилно издаваштво, помош на авторите по светски стандарди (камо да имаме светски автори!), сака да каже ама не знае да рече … После него едно тукушто пораснато европско бирократче ни открива топла вода посочувајќи дека најдобар начин за пласман на националната литература и издаваштво е учеството на саемите на книгата. Бреее, какви откритија! Како да изминативе години сме правеле нешто друго или којзнае што различно. Кој сè не отиде по тие саеми на книги. Ама – треба да имаш што да понудиш, нели?

И од каде впрочем таа и толкава грижа за македонскиот писател? Се грижи ли некој барем четвртинка толку за македонскиот визуелен уметник, на пример, за неговиот пласман во светот? Или знае ли Министерството за култура дека постои македонска фотографија? Или некој сака да нè убеди дека токму македонскиот збор нè прослави во светот? А кога било тоа, и каде? Култура односно т.н. национален интерес не се гради врз национално романтичарски теории за јазикот, идентитетот, мачната историја, туку врз сериозни културолошки истражувања, развојни стратегии и политики, приоритети. И вредности, се разбира. А приоритетите ќе ги видите кога ќе ја погледнете структурата на културниот буџет, соодносите во финансиската поддршка на одделни (таканаречени) дејности, многу скриени трошоци и слично. И врз основа на тоа може да се заклучи дека, прво, ние сме држава што сака да пее / свири (имаме свиропојни манифестации за секој ден во годината), да снима филмови и да издава книги (ама не и да ги чита!). А разликите се фрапантни. На пример, македонската книга вреди (во буџетот) четири и кусур пати повеќе од македонската ликовна уметност. Или, пак, државава троши повеќе пари за снимање филмови отколку за програми на сите музеи, што е куриозитет по себе.

Државава исто така смета дека има многу силен театар, па и за нивните програми троши десет пати повеќе отколку за ликовната уметност, итн. Односно, вакви споредби можат да се прават до недоглед и повторно ништо нема да појаснат. Тоест нема да појаснат кој, кога и како ги утврдил овие вредности / приоритети, и врз основа на што? Кои се тие истражувања што треба да ги потврдат ваквите квантификации? Или, уште повеќе: кои се тие резултати што се постигнуваат, или биле постигнувани во неодамнешното минато, што пак би говореле во полза на ваквото бенефицирано финансирање? Истото прашање, секако, може(ше) да се постави и за она фамозно покачување на платите во театрите (за 50% во однос на другите културни дејности) пред повеќе години? Ама никој не го постави, како што никој не ги поставува ниту овие прашања за фрапантните разлики во финансирањето во културата!

Определувањето на т.н. национален интерес – или како веќе ќе го наречеме, можеби најдобро јавен интерес – во културата не е спорно само во две константи: заштитата на недвижното културно наследство и музеите и библиотеките како чувари на движното културно наследство (вклучувајќи ја тука и кинотеката со аудиовизуелното наследство). Оваа „обврска“ – историска, морална, хуманистичка, цивилизациска – за заштитата на недвижното и движното културно наследство е неспорна тоест претставува долг на сегашните генерации кон идните генерации, како што тоа понатаму ќе биде нивен долг кон другите. И тоа треба да е столбот околу кој (ќе) се врти интересот на државата во културата. После тоа доаѓаат сите други (се разбира битни) аспекти / програми за партиципативност, десеминација на културата, достапноста до сите под еднакви услови, мултикултурализмот, меѓународната соработка итн. Тоа се алинеи на јавниот интерес околу кои што мора да се концентрира државниот орган надлежен за работите во културата, да стимулира такви програми, да унапредува, да поттикнува. И тоа никако не треба да се толкува како заговор контра т.н. „жива култура“ – вечната дихотомија, дури „војна“ во културните политики – односно контра современото творештво. Напротив!

Дистанцирањето на државата од директното мешање во поддршката и „проценката“ на творештвото односно препуштањето на таа значајна работа на парадржавни тела и агенции (arm’s length принцип) е во полза на творештвото, на уметноста. Иако, такви какви што сме, ние и таму би умееле да ги заплеткаме не само јавните туку пред сè партиските, групните и личните интереси на поединци. Како примерот со работата на Агенцијата за филм сиве овие години, каде што единствено се обидовме да следиме некакви европски практики! Но, ако сме такви, тогаш подобро и не заслужуваме!!! Ова што до вчера го имавме - но и порано, иако не во ваков ригиден облик - за уметничката / креативната страна на културата беше чиста лотарија: „Миш бели среќу дели“; само што улогата на белото среќно глувче ја играа партиските солдати во државниот орган, по правило усреќувајќи ги партиските истомисленици или симпатизери!

Слики: Свирачиња
Извор:
teodosievski umetnost

ОкоБоли главаВицФото