Говори за Д-р Франкенштајн

20.07.2017 06:40
Говори за Д-р Франкенштајн

I

Јас, изведувач
во преполната арена, блескав
под флуоресцентна месечина. Свиен
и маскиран крај масата. Видов што ми беше
намерата: празнотијата

Воздухот полн со етер од бодрење.

Зглобот ми се продолжи во скалпел.

II

Масата е рамна празнина,
јалова како целосна слобода. И гледам

нагол потег
како при отворање капак од тегла

некој жив
скелет, мој, округол,
што лежи на чинија пред мене

црвен како портокал,
секоја клетка жешка светлина.

III

Кружам, се соочувам
со противникот. Тоа нешто
одбива да се вообличи, се движи
како квасец. Напаѓам,
ми возвраќа.
Се топи, стенка, му растат груби канџи;

Воздухот е запрашен со крв.

Се крева, го сечам
со совршена прецизност.

Примероците
наредени на полици, аплаудираат.

Нешто паѓа: Тап. Се создаде
мачка.

О таен
облику на срцето, сега си мој.

IV

Сега ќе те украсам.
Што би сакал за украс?

Барокни свиоци на глуждовите?
Сребрен папок?

Јас сум сеопштиот ткаач;
Имам осум прсти.

Те усложнувам.
Те обвивам со кревки јажиња.

Во каква копрена да те повијам?
Постепено те обликувам.

Каква равенка да
изрежам и залепам на твојот череп?

Во колкав облик да те создадам?
Каде да ти ставам очи?

V

Бев полуден од вештина:
те создадов совршен.
Но наместо тоа требаше
да те свијам мал како зрнце,

за секој случај. Сега се гадам
од резултатот во оваа чинија:

коски и кожа, местото помеѓу
веќе почнува да гние.

Стојам во присуство
на уништениот господ:

купче жили,
глуждови и сурови жили.

Знаејќи дека делото е мое
како ли да те сакам?

Овие архиви на можно
време лачат страв наместо мирис.

VI

Се креваш, ко ларва
опкружен со месо што јас ти го дарив;

Јас, кој нема веќе ништо на себе
освен бел чаршаф од кожа

што избегала од тебе. Црвен си,
човек си искривоколчен.

Си гладувал,
та сега си гладен. Немам со што да те нахранам.

Свивам околу себе, трчајќи,
наметка од дожд.

Што ми беше стрвната намера?
Зошто ли те создадов?

VII

Двојнику, ми украде
сè што ти треба:

мојата радост, способноста
да страдам.

Ти се престори себеси
во мене: јас сум
остатокот, јас сум здрвениот.

Сега ме обвинуваш за убиство.

Зарем не гледаш дека
сум неспособен за тоа?

Крв си ти на мојот ум,
ти си тој што ги уби овие луѓе.

VIII

Оти се дрзнав
да сторам безбожни чуда

мора сега да го следам
ѕверот за кој еднаш порекнав
дека е мој.

Во ова празно зимско
поле, небото е црна школка;

Се движам во него, студена
јатка од болка.

Гребам огромни пораки за помош
врз цврстиот
снег; попусто. Лушпата
на моето срце е мев. Јас сум му храна.

IX

Искричавиот ѕвер
талка напред,
гривата му е наелектризирана:
ова е неговиот простор.

Танцува во спирали на мразот,
неговите ножни канџи
спотнуваат бушави огнови.

Сега среќата му е
во самиот прогон:
трага по неа во светлина,
патиштата му ја содржат.

Јас сум изгладнетиот ловец
неопходен за неговата нарав,
се прикрадувам, брстам кожа.

X

Суштеството, со накострешена
арктичка наметка, се шири
над темниот таван,
со шепи врз хоризонтот,
го тркала светот ко снежна топка.

Сиот светнат, тој вели:

Докторе,
сенката ми трепери врз масата,
ти висиш на ременот
од сопствениот копнеж;
на потребата твоја ѝ никнат заби.

Ме состави од резанки

И тоа го нарече
Битие. Го чувствував ножот.
Сега би сакал да ја заздравиш
таа бездна во твоите слабини,
но јас се повлекувам. Демнам.

Нема да дојдам кога ќе ме викаш.

Слики: Брендан Монро
Превод: Зоран Анчевски
Извор: Маргарет Атвуд, Одбрани песни, СВП, 2016.

ОкоБоли главаВицФото