Читање

20.07.2017 12:54
Читање

Бевме ученици, средношколци, во домот. Воспитувач ни беше еден Неле, секое попладне нè гонеше да учиме. Така беше пропишано, не смееш да мрднеш надвор кога е време за учење. Но беше меѓу нас еден Џемо – не можам да се сетам од каде беше – шегобиец, сосем откачен. Тој се осмели на строгиот и престрог воспитувач Неле, додека овој пушеше цигара во ходникот, да му го извади моливот од книгата со страницата до каде стигнал и да ја врати назад дваесетина страници.

И ништо – Неле дојде, седна и почна да чита.

Малку му беше тоа на Џемо, туку секој ден му го враќа моливот по дваесет или педесет страници, а воспитувачот Неле подеднакво си чита. Чита и чита, па со моливот ќе си забележи до каде стигнал и ќе излезе да пуши, а Џемо веднаш ќе скокне и моливот ќе го врати назад. Така со денови, така со месеци. И така четири години во нашето средно училиште, воспитувачот Неле, сериозно и задлабочено, чита една книга.

Веќе не се ни чудевме на тоа. Будала па будала.

Но еднаш, кога бевме во четврта година, и кога сите ученици знаеја за читањето на воспитувачот Неле, Џемо го помрдна неговиот молив на крајот на книгата, на претпоследниот лист.

Неле ја испуши цигарата во ходникот и влезе во читалната, седна, со вденатиот молив ја отвори книгата и нормално продолжи да чита. Ја прочита претпоследната страница, ја прочита последната и му клапна главата.

Умре.

Се сеќавам како се чудевме – го гледаме Џемо, му ги гледаме рацете, и тој самиот гледа во своите раце.

Од што ли се направени?

Превод: Лавинија Шувака
Слика: Ване Костуранов

ОкоБоли главаВицФото